„Распнат и погребан си бил, Христе, како што си благоволил; си ја поразил смртта и си воскреснал во слава, како Бог и Владика, дарувајќи му на светот живот вечен и милост голема“ (хвалитна воскресна стихира глас 2). 

 

На 15.10.2017 година, во Деветнаесеттата недела по Педесетница и на празникот на св. Андреј Јуродив, на св. свешт-мч. Кипријан и св. мч-чка Јустина, беше извршено преосветување на светиот Престол во храмот „Пресвета Богородица“ во с. Ботун, Охрид, а потоа се отслужи и света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на свештениците Владо Недески и Александар Димоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме. 

Sportswear free shipping | Trending

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

Секој христијанин е член на својата локална црква, но, истовремено е и потенцијален член на царството небесно. Христијанинот е член и на заедницата во којашто живее. Човекот е создаден од Бога да живее во заедница. Живеењето во заедница, од човекот бара одредени обврски како единка кон целината, а истовремено, и кон поединците на таа заедница. Тие обврски се регулираат со одредени норми и закони. Во Својата беседа на гората Господ Исус Христос покрај тоа што го изнесува Својот Божествен домострој, Он, дал и прописи како луѓето да се однесуваат едни кон други. Токму тоа денес го слушнавме во светото Евангелие: „Сè она што сакате да ви прават луѓето, правете им го и вие; оти тоа се Законот и Пророците" (Мт. 7, 12).


Во нашата света Црква постојат многу закони, прописи, канони, заповеди и правила кои го регулираат домостројот на Црквата и кои ни помагаат да живееме според законите и учењето на нашата света православна вера. Не е спорно дека тие ни се потребни. Животот е сложен и комплициран, па затоа потребни се и такви закони. Закони кои одат во нијанси за сите можни состојби коишто животот со себе ги носи. Не е возможно да се живее во една заедница, којашто не би била раководена според одредени закони и правила. Позната е латинската аксиома: Ubi societas, ibi ius (Онаму каде што има заедница, таму е и законот).


Севкупните закони и прописи, содржани се во една заповед Божја: „Како што сакате да постапуваат луѓето со вас, така постапувајте и вие со нив!" (Лк 6, 31). Преку оваа кратка мисла, светата Црква нè учи како да се однесуваме во нашиот секојдневен живот. Ако не сакаме да нè лажат, и ние не треба да лажеме. Ако не сакаме да нè крадат, и ние да не крадеме. Ако сакаме да ни помагаат во беди и во немоќ, во болести и во страдања, и ние да постапуваме така кон останатите. Не е потребно само да се има огромно богатство и имот, па истото да го расфрламе. Потребно е да се има душа, да се има чувство, да се има смисла што му е потребно на нашиот близок, познаник, сосед, пријател па и непријател, па да делуваме, за да го олесниме неговиот живот. Тоа некогаш се постигнува со добар и мил збор, со подавање на една чаша студена вода. Тоа се обврските на секој христијанин.


За тоа имаме многу примери како постапува нашиот Спасител Господ Исус Христос. Он секогаш сострадувал и сочувствувал со сите што пателе, тагувале, се мачеле и боледувале. Христос се сожалува на наинската вдовица којашто го испраќа својот син единец, и Он го воскреснува (Лк. 7, 11-15). Христос му проштева на св. ап. Павле кој бил гонител на Црквата, и го прима во бројот на апостолите. Му проштева и на св. ап. Петар кој три пати се откажува од Него. Но, најголема љубов Господ Исус Христос покажува и кон Своите гонители и убијци, кога од крстот им вели: „Оче, прости им, оти не знаат што прават!" (Лк. 23, 34). Преку овој пример Господ Христос нè задолжува, не само да ги сакаме нашите блиски, роднини и пријатели, коишто ни прават добро и ние на тоа добро им возвраќаме, туку, ни дава обврска да ги сакаме и нашите непријатели. Се разбира дека оваа заповед е поголема и потешка, и за неа потребно е искачување на повисоко скалило кон царството небесно. Можеби е лесно да изговориме да ги сакаме и непријателите, но, многу потешко е тоа да го исполниме во нашиот секојдневен живот. Но, дека тоа не е невозможно ни посведочуваат многу свети примери. Може да го споменеме случајот со св. Серафим Саровски, којшто бил нападнат од разбојници. Тие го претепале барајќи му пари, и откако истите биле фатени и изведени пред лицето на правдата, тој, молел да бидат помилувани.


Па и ние кои денес присуствуваме на преосветувањето на овој свет престол, во црквата посветена на Пресвета Богородица, да се обратиме со искрена молитва кон Семилостивиот Бог. Да нè просвети и осветли, па и ние да можеме да правиме добри дела и така да спечалиме вечен и блажен живот во царството небесно. По молитвите на Пресвета Богородица, така нека биде. Амин!

 

19. недела по Педесетница
15. 10. 2017 година
Храм „Успение на Пресвета Богородица" – с. Ботун, Охрид

 

preobotun2017 1preobotun2017 2preobotun2017 3preobotun2017 4preobotun2017 5preobotun2017 6preobotun2017 7preobotun2017 8preobotun2017 9preobotun2017 10

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Април 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 31 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 1 2 3