„Распнат и погребан си бил, Христе, како што си благоволил! Си ја унштил смртта и си воскреснал во слава, како Бог и Владика, дарувајќи му на светот вечен живот и милост голема“ (хвалитна стихира на Утрена во Трета недела по Пасха - на жените мироносици).

 

На 22.04.2018 година, во Третата недела по Пасха - Неделата на жените мироносици, во храмот „Св. Никола“ во Перт, Западна Австралија, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофор Димче Ѓорѓиески, протоерејот Станко Јовановски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. На Литургијата беше обнародена одлуката на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, кој на предлог на надлежниот Митрополит Тимотеј, донесе Одлука за одликување на протоерејот Станко Јовановски во чин протоереј-ставрофор, односно го одликува со право на носење граден крст. Митрополитот Тимотеј го пофали протоерејот Станко за неговата успешна парохиска дејност, како и за придонесот за Македонската православна црква во Австралија, што всушност беше и мотив да го предложи протоерејот Станко за ова највисоко свештеничко одликување. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

Sports brands | Vans Shoes That Change Color in the Sun: UV Era Ink Stacked & More – Fitforhealth News

 

Митрополит Тимотеј

Христос воскресе!

Драги браќа и сестри,

Оваа недела, светата Црква ја посветува на жените мироносици. Тие биле со Господа и во Галилеја, и Го придружувале секогаш кога одел во Ерусалим на Пасха, изложувајќи се себеси на разни опасности. Бивајќи секогаш покрај Него, Му служеле со својата љубов и со својот труд. Му останале верни на Господа Христа и во најтешкиот момент од Неговиот земен живот, во моментот на Неговото страдање, кога и најблиските Негови ученици Го напуштиле. Тогаш, жените мироносици не се плашеле, туку, останале заедно со св. Богородица под Крстот. Раководени од верата и од љубовта, надминале секаков страв. Никаква сила не можела да ги одвои од Оној, Кој висел на Крстот. Неслучајно прво ним им се јавува Воскреснатиот Христос, а не на апостолите. Токму ним им се соопштува најрадосната вест за Воскресението на Спасителот. Тие биле први сведоци на Христовото Воскресение. Како што апостолите сведочеле за Христовото воскресение, така и жените мироносици сведочеле дури до крајот на земјата, сведочејќи дека Бог Го воскресна Својот Син од мртвите и преку тоа го избави светот од власта на гревот.


Женскиот свет, подобен на жените мироносици, продолжува да се пројавува низ целата историја на христијанството. Особено се покажале храбри за време на гонењето на христијаните. На сите нам добро ни се познати житијата на маченичките Екатерина, Варвара, Софија со нејзините три ќерки, и уште многу неброени жени кои пострадале за својот Жених. Сите овие пострадале за Господа Исуса Христа. Сите овие спомнати и безброј неспомнати биле сведоци за Христовото воскресение и не се плашеле од ништо, а тоа го посведочиле со нивната маченичка смрт. Со нивната крв го засведочиле нивното приемство на жените мироносици, не плашејќи се од страшните маки, гонења и смрт. Оваа храброст, ние повозрасните, можеме да ја посведочиме и кај нашиот народ. За време на едноумието, нашите цркви и манастири беа исполнети само од жени, додека, пак, мажите, од најразлични причини, во поголем дел беа отсутни од црквите. Нашите баби, мајки и тетки беа похрабри во зачувувањето на верата, обичаите и православните традиции. Тајно ги носеа своите внуци да ги крстат, на молитва и на други свети тајни. Благодарение на нив верата преживеа и ги надживеа сите гонители, како кај нашиот народ така и кај останатите православни народи.


Денеска, светата Црква, заедно со жените мироносици, ги прославува и праведните Јосиф и Никодим,тајните Христови ученици. Овие двајца Јудеи биле членови на високото законодавно тело на Еврејскиот народ, но, тајно, биле ученици Христови. Во моментот кога Господ ќе биде распнат и кога сите ученици, поради страв од Јудеите, ќе се откажат од Христа, Јосиф, не плашејќи се за никаква своја положба и власт, оди јавно кај Пилат и го моли, невино Осудениот и Распнат, Кој нема никој на овој свет, а толку добрини направил, да Го симне Неговото Тело и да Го погреба. Јосиф, заедно со Никодим, Го подготвуваат Телото на Господа Христа, Го помазуваат со скапоцено миро и Го полагаат во нов гроб. Го исповедаат Господа Христа, не во моментот кога е Он силен и моќен, кога ја манифестира Божјата сила, кога лекува болни, кога воскреснува умрени, туку, напротив, кога е скриена Божествената сила, тие ја пројавуваат силата на верата, и затоа, светата Црква, нив ги прославува во истиот ден заедно со жените мироносици.

 

Кога сме кај тајните Христови ученици, треба да кажеме дека целокупната историја на христијанството има такви светли примери, кои ѝ помагале на Црквата Христова. Па и кај нашиот народ, во еден систем којшто беше антирелигиозен, имаше луѓе на високи позиции, кои ѝ правеа многу добри дела на Црквата, а и на христијаните, во границите на зададените можности.


Да се обратиме со искрена молитва кон жените мироносици, како и кон благообразните Јосиф и Никодим. Тие да се застапат пред Господа Христа, па да се зацврсти нашата вера во нашите срца и души, верата во воскреснатиот Господ, па да одиме по Неговиот пат и да наследиме вечен и блажен живот.


Христос воскресе!

Жени мироносици
22. 04. 2018 година
Храм „Св. Никола" – Перт, З. Австралија

nedzenimir2018 1nedzenimir2018 2nedzenimir2018 3nedzenimir2018 4nedzenimir2018 5nedzenimir2018 6nedzenimir2018 7

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5