„Претставувајќи го на икона Твојот божествен лик, Христе, јасно ги воспеваме Твоето раѓање, неискажливите чудеса и доброволното распнување. Од тоа и демоните во страв бегаат и безбожните во срам редат, како нивни соучесници“ (седален на Утрена во Недела од прва седмица на Великиот пост).

 

На 17.03.2019 година, во Неделата од првата седмица на Великиот пост - Недела на православието, беше отслужена света архиерејска Василиева Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Љупчо Симиџиески, свештеникот Љупчо Бакрачески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон присутниот верен народ со пригодна беседа, која ви ја пренесуваме во целост. 

latest Running | NIKE AIR HUARACHE

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,


Во првата недела од Велигденскиот пост, светата Православна Црква го прославува триумфот на Православието. Попрецизно, ја прославува победата над иконоборството како последна ерес за која е свикан и вселенски собор во VIII век.


Иконоборството било многу опасно поради тоа што Црквата Христова била доведена во големо искушение на разделби и поделби. Еретиците се противеле на древните традиции и прадедовската вера искажана преку почитта кон иконите на Господа Исуса Христа, на Пресвета Богородица и на светите Божји угодници. Тие се карактеризирале со принципиелно непознавање на тоа дека преку почитувањето на иконографските изобразувања, всушност се прославуваат образите на Господ Исус Христос, Пресвета Богородица и на Божјите угодници, според кои е изработена иконата. Иконоборците ваквото почитување го поистоветувале со идолопоклонство и со почитување на материјалот од кој е изобразен ликот, а не на самиот лик.


Еретиците односно иконоборците ја приграбиле и црковната власт, а преку тоа се доближиле и до византискиот императорски двор и таму силно се укотвиле, та започнале сеопшто гонење и уништување на иконите, исфрлајќи ги од храмовите и манастирите. Како тоа да не им било доволно, тие започнале прогон и кон луѓето кои останувале верни на традициите и на правата вера. Во тој период многу христијани, меѓу кои и архиереи, свештеници и монаси ги напуштеле големите центри и се повлекувале во внатрешноста на империјата каде што живееле во прогон. Особено бил голем бројот на христијаните кои се населиле во Кападокија, во подземните градови, во кои со себе ги понеле и иконите пред кои се молеле и барале помош и заштита на Црквата Христова.


Во 787 г. се одржал Седмиот вселенски собор, на кој дефинитивно е осудена оваа ерес. Во актите на овој собор, многу јасно и кристално е искажано дека изобразувањето на ликовите на иконите е неразделно од евангелската проповед и обратно – евангелското кажување е неразделно од изобразувањето. Тоа што преку збор се соопштува на сетилото за слух, живописот го изразува преку изобразувањето за сетилото за вид, или како што популарно се вели: живописот е Евангелие во слики.


Иако отците на овој собор мислеле дека иконоборството ќе исчезне, за жал, имајќи голема поткрепа во византискиот двор, не само од императорот, туку и од неговите благородници, тоа ќе остане уште долго време за да ја вознемирува Црквата Христова. Дури во 842 г. почитувачите на иконите, на чело со светиот патријарх Методиј и царицата Теодора, иконите на свечен начин ќе ги внесат во катедралата Света Софија во Цариград. Тогаш ќе се донесе одлука да се воспостави овој празник и да се прославува во првата недела од Велигденскиот пост.


На денешен ден светата Црква си спомнува не само за Господа Христа, Богородица и Божјите угодници, туку и за сите кои ги дале своите животи за православната вера. Се молиме за сите порано починати отци и браќа наши, кои живееле благочестив христијански живот и се преселиле во вечноста со вера и надеж во воскресението. На денешен ден Црквата исто така се моли и за земната борбена Црква, за сите христијани кои се трудат и прават добро на Црквата Христова. Се молиме за соборноста на едната, света, соборна и апостолска Црква.


Ние кои сме жива овоземна Црква да не допуштиме да се отстраниме од патот на спасението, та никакви сомнителни идеи и теории, или пак лажни учители и толкувачи на вистината кои и самите не веруваат во своите толкувања и учења, да не повлијаат на нас. Да не допуштиме да не залажат преку нивните проповедници кои чукаат по вратите на нашите домови и по улици и полоштади лажно учат за нашата вера и Црква. Тие се оние за кои апостол Петар вели: сакаат некого да проголтаат (1 Петр. 5, 8). Ништо не треба да не поколеба во вистинитоста на нашата православна вера на која не научи нашиот Господ Исус Христос преку своите апостоли и нивните следбеници.


Да се обратиме со искрена молитва кон Господа Христа за благосостојба на светите Божји цркви, за единство во неа, та така Православието да торжествува, како во изминатите векови, и да продолжи да ја пројавува својата непобедлива победа во светот, помеѓу луѓето и во животот на секој еден од нас. Амин.

 

17.03.2019
Недела на Православието
Храм „Свети Никола Геракомија" Охрид

 

1nedvp2019 11nedvp2019 21nedvp2019 31nedvp2019 41nedvp2019 51nedvp2019 61nedvp2019 71nedvp2019 81nedvp2019 91nedvp2019 101nedvp2019 11

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5