„Над Твојот пријател, Христе, тајно лееш солзи, и од мртвите го подигнуваш Лазара кој лежеше мртов, покажувајќи го Твоето човекољубиво сострадание: а кога дознаа за Твоето доаѓање, Исусе, мноштво дечиња излегоа денес, држејќи во рацете гранки и пеејќи Ти: Осана, благослове си Ти, Кој дојде светот да го спасиш“ (седален на Утрена на Цветници).

 

На 21.04.2019 година, кога го празнуваме влегувањето на Господ Исус Христос во Ерусалим - празникот Цветници, во манастирот „Пресвета Богородица - Пречиста“ во Кичево, беше отслужена света архиерејска Златоустова Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Стевче Тошевски, еромонахот Макариј, свештеникот Александар Матески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. Пред започнувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј ги благослови зелените гранчиња како симбол на оние гранчиња со кои мноштвото дечиња Го пречекаа Небесниот Цар во Ерусалим, Кој доброволно дојде да пострада за спасение на човечкиот род. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

trace affiliate link | Nike sneakers

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,


Со Божја милост ги поминавме деновите од Великиот пост, а пред нас останува Страсната седмица. Постот ги очистува луѓето од секаква духовна и телесна нечистотија. Постот и молитвата го издигнуваат човекот на повисока духовна височина. Така духовниот мир доаѓа во душата на луѓето и со помошта Божја ги оградува од гревови, а благодатта на Светиот Дух, ги открива прекрасните тајни на Божјото создание и безграничната Божја љубов.


Поминале околу три години откако на оваа многустрадална Земја се појавил необичниот Проповедник. Он не чувствувал замор во правењето на Своите големи дела. Он оди од село во село, од град во град и ги открива големите тајни, непознати за луѓето. Он во овој свет донесува љубов која нема граници. Тој сострадува со сиромашните, со болните, со натажените и секогаш им донесува победа над сите маки и непријатности. Он не гледа на луѓето според нивното достоинство. Оние што се ослободени од злото и гордоста Го слушаат со радост и Го следат каде и да оди. Но, тие што себеси се сметале за избрани и имале авторитет пред луѓето, кон Него се однесувале со презир и укор. За тоа во светото Евангелие има многу сведоштва.


Господ со Неговата проповед ја просветлил цела Јудеја и околните земји. Луѓето кои од порано престојувале во темнина и биле поучувани од закониците и книжниците со погрешни толкувања на законот Божји, сега согледале нова Светлина, која ги просветлува сите луѓе. Затоа се радувале и велеле: „До сега не бил таков пророк на кого и смртта и природните стихии се покоруваат".


Приближувајќи се кон Неговите страдања, Господ Исус Христос сè почесто ги поучувал своите ученици и народот дека ќе настапи време спасително за сите луѓе. Он прави многу чуда за да ги утврди апостолите и луѓето во верата. Он го воскреснува синот на Наинската вдовица, а исто така и Јаировата ќерка, а прави и многу други чуда. Но, одејќи сега кон Ерусалим, Тој го воскреснува и својот пријател Лазар, кој веќе четири дена лежел во гроб. За него, неговите сестри Го предупредуваат Христа, дека веќе е замирисан. Но, со еден Христов збор: „Лазаре стани!" – Лазар воскреснува. Ова чудо со неверојатна брзина било пренесено во Ерусалим и во цела Јудеја. Затоа многуброен народ излегол за да Го види Оној Кој воскреснува мртви. Некои дошле да го видат и воскреснатиот Лазар, други за да побараат исцеление за своите блиски, а трети, пак, од љубопитност. Оваа глетка, како што вели свети Јован Златоуст била восхитувачка, бидејќи: „Небото ја возвестува славата, а земјата прима спасение".


Мноштво народ го следело Господа Исуса Христа на патот кон Ерусалим. Тој седел на осле, а народот Го дочекувал како војсководец кој се враќа од славна победа. Затоа пред Него ги постилале своите алишта, а со палмови гранки и други цвеќиња го подготвувале патот по кој врвел. Ова било многупати пророкувано, а ете денес се исполнило. Никој не предвидувал дека оние кои денес воскликнувале: „Осана на Синот Давидов", истите тие за неколку дена ќе повикаат: „Распни Го, распни". Се извршило уште едно чудо. Малечки деца со ангелска чистота, не изговарајќи претходно ниту еден збор во својот живот, ги извикувале овие зборови, кои до денес ги повторуваме: „Осана!" Старозаветниот цар Давид, многу пред страдањето на Господа Христа, прорекол велејќи: „Од устата на младенците и доенчињата Си ја создал похвалата Своја" (Пс. 8, 2). Сите, и возрасни и деца во еден глас воскликнувале: „Слава на Господа". Свети Јован Златоуст вели: „Се потресува цел град велејќи: 'Кој е Овој?' (Мт. 21, 10). О, безумни и лажни учители. Децата Го познаа Создателот, а татковците велат: 'Кој е Овој?' Младенците вознасуваат пофалба на Бога, а старците прашуваат: 'Кој е Овој?' Доенчињата даваат пофалба на Бога, а старците хулат. Децата оддаваат чест, а старците нечесност. Децата се поклонуваат, а свештениците негодуваат".


Доаѓањето на Господа Исуса Христа и неговото влегување во Ерусалим е триумф на служењето на Господа Исуса Христа. Евреите кои живееле под Римското ропство во Него виделе ослободител од сите нивни страдања и маки. Тие очекувале, како избран народ да ги изгонат Римјаните, та тие самите да седнат на првите места и да господарат. Но, Господ Исус Христос доаѓа како Месија и Спасител и целта на неговото доаѓање е поинаква. Он доаѓа на Земјата да царува, не според човечките очекувања, туку да го донесе Царството Божјо. Царството на душите, а не величање на правот, туку величање на нераспадливоста и бесмртноста. Ние како христијани, влегувањето на Господа Христа во Ерусалим го прославуваме како симбол и торжество на Неговото Царство, на торжество на Неговата правда на земјата и торжество на љубовта и добродетелите кои Он ги донесе на овој свет.


И ние кои денес се наоѓаме во овој свет манастир да се потрудиме да ги очистиме нашите души од секаква нечистотија, та да Го сретнеме Господа Исуса Христа како малите и безгрешни детски души. Да се обратиме со искрена молитва, Господ Христос да ни ја зацврсти верата, умножи љубовта, па да одиме по Неговиот пат и да измолиме милост за спасение на нашите души. Амин.


21.04.2019
Цветници
Манастир „Св. Богородица Пречиста" - Кичево

 

cvetnici2019 1cvetnici2019 2cvetnici2019 3cvetnici2019 4cvetnici2019 5cvetnici2019 6cvetnici2019 7cvetnici2019 8cvetnici2019 9cvetnici2019 10cvetnici2019 11cvetnici2019 12cvetnici2019 13cvetnici2019 14cvetnici2019 15cvetnici2019 16cvetnici2019 17

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Април 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 31 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 1 2 3