„Со песни да ги украсиме како со венци: Крстителот и Претеча, апостолите, пророците, мачениците и свештеноначалниците, испосниците и преподобните, заедно со богољубивите жени и сите праведни, и ангелските чинови, молејќи се, да ја примиме од Христа Бога нивната слава“ (светилен на Утрена во Неделата на Сите Светии).

 

На 23.06.2019 година, во првата недела по Педесетница, кога го прославуваме споменот на Сите Светии, во манастирот „Сите Светии“ во с. Лешан, општина Дебарца, Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, протоереите Темелко Донески и Кирил Јованоски, еромонахот Вартоломеј, старешина на манастирот, свештеникот Александар Димоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме. 

Running Sneakers | Patike

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,


Првата недела по Педесетница се нарекува Недела на сите светии – „Си свети" на кои е посветен и овој манастир во Дебрца. Црквата Христова од самиот почеток имала поедини заслужни луѓе, и како што растел бројот на христијаните, така се зголемувал бројот на заслужните Божји угодници и светии. Затоа Црквата Божја со текот на времето, покрај одредени Божји угодници на кои им посветувала конкретни денови, започнала да посветува одредени денови и на поголеми групи на Божји угодници, кои ќе го запечатат со светост својот живот за Христа. Тоа се таканаречените групни празници. На некои Божји угодници им се посветени особени денови и некои од нив се прославуваат од целата Црква Христова, а некои од локалните помесни цркви. Така, на пример, во нашиот календар ги среќаваме свети Јован Крстител, светите апостоли Петар и Павле, свети Никола, свети Кирил и Методиј, свети Климент и Наум, свети Еразмо Охридски и многу други. Целата година е исполнета со поединечни и групни празници на Божјите угодници. Но, постојат и такви Божји угодници, кои со текот на времето биле заборавени од земната Црква и од различни причини престанале да се прославуваат и чествуваат. Но, затоа тие не престанале да бидат прославувани во небесната Црква пред Господа Бога. Токму ним им е посветен овој празник во првата недела по роденденот на Црквата, бидејќи тие го посветиле својот живот на Бога и Црквата Божја. Со нивните животи постанале светила на тие што живееле покрај нив. Ги поттикнувале луѓето на Богоугоден живот. Спасувајќи ги нивните души, ги спасувале и тие околу нив. Затоа, покрај апостолите, мачениците, светителите, свештеномачени-ците, кон нив се придодаваат и пророците, светите отци, праотци и праведници, кои се запишани во книгата на животот во небесната Црква. Тие се непознати за нас луѓето, но познати за Бога.


Во борбата за верата Христова, тие претрпеле најразлични страдања и не се плашеле ниту од оган, ниту од меч, па ниту од самата смрт. Затоа, свети апостол Павле во Посланието до Евреите вели: „преку вера победија царства, вршеа правда, добија ветувања, затворија уста на лавови, ... угаснаа огнена сила" (Евр. 11, 33-35). Сето тоа го направиле, „имајќи Го пред очи Началникот и Завршителот на верата – Исуса, Кој, поради Неговата идна радост претрпе крст, откако го презре срамот, и седна од десната страна на престолот Божји". (Евр. 12, 2)


Со ова ни се потврдува дека со вера победиле сѐ и постанале сведоци на верата Христова, а со својот личен живот ја одржале верата кај народот. Затоа и од Бога примиле венец на слава кој е неовенлив и денес. Кога Бог допушта Неговите светии да страдаат и умираат за Евангелието, тоа е затоа што тие од своите гробови проповедаат и сведочат многу погласно и посилно отколку додека биле во овој живот. Таква е силата на нивната вера.


Во таквите угодници Божји спаѓаат и многу наши предци и Божји луѓе кои во нас ја поттикнувале верата, за да не се изгубиме. Таа вера нас не одржала многу векови под разни ропства, како телесни, така и духовни. Но, Господ Исус Христос секогаш бил со нас, а нашите предци чувствувале дека е со нив, па така тој е исто толку блиску до нас и денес. Затоа и самиот Тој вели: „Јас Сум со вас преку сите дни до свршетокот на векот" (Мт. 23, 20.) Он тоа ни го вели и нам денеска.


Затоа сите изминати векови на христијанската ера можеле да дадат толку светии за Христа. Па и оние кои се борат против Христа, со тоа признаваат дека Христос е присутен помеѓу нас. Тоа е со цел да се потврдат зборовите Христови: „Непријатели на човекот ќе бидат неговите домашни". (Мт. 10, 36)


Во историјата има многу големи луѓе кои се истакнале во одредени области, како научници, војсководци, политичари и сл. Но, тие во еден временски период засветлуваат, а по некое време се забораваат. Името, пак, на Христа, веќе повеќе од дваесет века го преокупира човечкиот род. Таму каде што одат добрите и свети луѓе – таму се патиштата Божји. Сѐ во овој свет може да биде разнишано и омаловажено. Единствено неразнишан и непоклатен останува светиот човек. Не може да се омаловажи само идеалот на сите времиња, а тоа е добриот човек, бидејќи таквиот човек ги облагородува сите односи помеѓу луѓето. Во тоа се состои и главната причина за нашата љубов кон Господа Христа и кон Неговите светии.


Да се обратиме со искрена молитва кон сите Божји угодници, за тие да бидат наши молитвеници. Преку нивните молитви да ги облагородиме нашите души, да одиме по Христовиот пат и да спечалиме вечен и блажен живот во царството на Триединиот Бог, сега и во сета вечност. Амин.


Недела на сите светии
Манастир „Си свети", с. Лешани, Охрид
23.06.2019 год.

 

сисвети2019 1сисвети2019 2сисвети2019 3сисвети2019 4сисвети2019 5сисвети2019 6сисвети2019 7сисвети2019 8сисвети2019 9сисвети2019 10сисвети2019 11сисвети2019 12сисвети2019 13 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5