„Како ризница скапоцена и извор кој на земните им точи реки што ги очистуваат болестите, нам ни се даде твоето свештено тело, кое дава исцеление за различни болести, и божествена благодат на оние, кои доаѓаат кај него, за да извикаме: Радувај се, цару Владимире!“ (кондак на свети Јован Владимир).

 

Свети Јован Владимир е еден од најзначајните словенски светии, чиј живот бил украсен со кротост и смиреност, иако самиот тој бил владетел, односно кнез на Дукља. Црковната историја го забележува како исповедник на православната вера, просветител, но и маченик. Житието зборува дека подигал цркви и манастири, праќал учители за Христовата наука меѓу својот народ, а и самиот тој живеел богоугодно и во молитва, секогаш подготвен да го жртвува својот живот, за да го спаси својот народ од маки и страдања. Токму затоа и неговиот култ бил длабоко распространет насекаде меѓу словенските народи, а особено на просторите на древната Охридска архиепископија.

Asics footwear | Air Jordan Retro - 2021 Release Dates + Preview , Fitforhealth

 

Оваа година се навршија 1000 години од упокојувањето на светиот Јован Владимир, а по повод овој голем Јубилеј, Македонската православна црква - Охридска архиепископија, на 04 јуни, денот кога го прославуваме неговиот спомен, организираше пригодни свечености, со кои величествено се прослави овој голем светија. Празнувањето започна ден претходно, со свечена Вечерна богослужба, во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофор Сашо Богданоски, протоереите Димче Ѓорѓиески и Игор Никовски, свештениците Владо Недески, Ѓорѓи Блажевски и Љупчо Бакрачески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески.

 

Торжествата продолжија утредента, со света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение на Митрополитите Тимотеј, Петар, Агатангел, Пимен, Иларион, Јосиф и Јосиф и епископот Климент, архимандритите Нектариј, Партениј и Дамаскин, протоереј-ставрофорите Благоја Ацевски, Славе Јованов, Никола Грамбозов, Боге Богоевски и Сашо Богданоски, игуменот Григориј, протоереите Горан Мандароски и Никола Христоски, свештениците Владо Недески и Марјанчо Мадески, протоѓаконите Антонио Дујовски, Саше Ристов, Николче Ѓурѓиноски и Влатко Стојменов и ѓаконите Сашо Целески и Христијан Костоски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Повардарски г. Агатангел се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, која подолу во целост ви ја пренесуваме.

 

Овој знаменит Јубилеј беше збогатен и со промоцијата на новата книга, посветена на светиот Јован Владимир, во која се опфатени хагиографските, хагиографските и иконографските извори за светиот Владимир. Книгата ја издаде Светиот архиересјки синод на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, главен и одговорен уредник е Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, а автори на делото се д-р Сашо Цветковски, г-дин Виктор Недески и г-дин Александар Димоски. Во книгата е поместена и богослужбата на свети Јован Владимир на современ македонски јазик, која од црковнословенски јазик ја преведе архимандритот Нектариј (Најдоски), а објавен е и првиот акатист на светијата, кој на современ македонски јазик го напиша теологот Александар Димоски. Како рецензенти на книгата се јавуваат Митрополитот Тимотеј, како и академикот Цветан Грозданов, кој заедно со свештеникот Владо Недески, беа и промотори на ова капитално дело.

 

Во продолжение, ви ја пренесуваме беседата на Митрополитот Агатангел.

 

Беседа по повод 1000-годишен јубилеј од смртта на Св. Јован Владимир

 

Возљубени наши духовни чеда!

 

Да се биде свет, значи постојано, со духот, преку молитвата, да се движиш кон Царството Божјо. Да се биде свет, значи повторно да се родиш за новиот благочестив живот. Да се биде свет, значи да го чекориш тесниот пат на вистината и правдата, кој води кон сигурното прибежиште на Небесната Црква. Да се биде свет, значи истрајно и упорно да се војува против духовната слабост, гревот, минливите вредности и смртта. Светителите, преку Милоста Божја, преку Божјите Несоздадени енергии, вкусиле од Неговото совршенство. Нивниот благочестив живот е нашиот пример, нашиот скапоцен урнек, нашата надеж за избавување од цврстата прегратка на болната гревовност, која го демне човекот на секој чекор од неговиот духовен живот. Светителот е вистински Боговидец. Во неговиот просветлен ум и во неговото прочистено срце, како духовна химна на камена плоча се врежани Новозаветните Павлови зборови: Ава, Оче!


Господ, по Неговата голема милост, и нам православните Македонци ни го подари благородниот светител Јован Владимир како најсјајна духовна ѕвезда, која пред илјада години заблеска во Преспа, на македонската земја. Господ Бог го нанижа овој неповторлив и храбар јунак на вистината во нашата богата црковна и христијанска историја, како најубав духовен украс, како непобедливо оружје во духовната борба со неправдата и нечестието.


Прекрасниот живот на овој благороден човек е наша духовна утеха, потстрег во нашето лично покајание, извор на секое благочестие, надеж во секоја неправда, прибежиште во лажните напади. Св. Јован Владимир е на заблудата пропаст, а на нашата вера правило.


Токму неговите сродници по плот, лажно колнејќи се во крсниот знак, жестоко го нападнале и брутално го убиле. Но св. Јован, и по својата блажена и света смрт продолжил да живее, па убијците, лакомците и завидливците, оставајќи ги во немоќ и чудење, и преминувајќи од овој привремен и минлив живот во непорочното и бесмртно Царство, ги сотрел со својата неповторлива добрина, проштевајќи им го, налик на Христа, нивното безумство. Сега, пред Престолот на Севишниот Бог, со неговите свети молитви, се застапува за нас и од Бога ги проси сите духовни добрини кои ние од него ги бараме.


Навистина, ни недостасуваат правите зборови за да го опишеме неговиот живот и да го прославиме овој свет маченик со благородничко потекло и царско достоинство. Големо и величенствено е делото на св. Јован Владимир, кој поднесувајќи ја неправедната маченичка смрт, со неповторлива смиреност го прифати и го претпочиташе спасоносниот Христов крст, наместо минливиот и овоземниот царски скиптар. Живеејќи во време исполнето со секакви искушенија, во кое постојано демнела опасноста од братоубиствени војни и нечовечности, св. Јован Владимир во ниту еден момент не заборавил да биде војник на мирот, љубовта и правдата Христова. Од спасоносните напатствија на Светото Евангелие извирала неговата надалеку прочуена мудрост и неговата неповторлива победителна сила. Неговата личност, уште додека бил жив, но и по неговата блажена маченичка смрт, била почитувана и од православните, но и од инославните народи кои живееле на оваа наша македонска земја. Впрочем, добрината и духовната убавина немаат национална боја и обележје, туку тие се универзална сопственост и идеал на сите народи и на секој човек кој е создаден според Образот Божји.


Овој благочестив и блажен маж, живеел во време кога со македонското царство управувал македонскиот цар Самуил, кој при походот во земјите покрај Јадранското море го заробил и кралот на средновековна Дукља - Јован Владимир. Ваквата постапка на царот Самуил била поттикната од неговата желба да обезбеди еднообразие, односно ред и поредок во своето царство, кое во својата околина, а особено на југ од средновековна Византија, било опкружено со силни непријатели. Според краткото житие на св. Јован Владимир, тој уште од дете бил благочестив, правдољубив и мирољубив - украсен со сите добродетели. Затворот, каде во кус период во заточеништво поминувал и св. Јован, честопати, од благородни и добротворни намери, бил посетуван од благочестивата ќерка на Самуила по име Косара. Овде, на ова недостојно место за човек со таква благородна душа, принцезата Косара уште при првото видување, со сето срце се вљубила во овој човек од кого зрачела, со голема сила, неговата внатрешна незаобиколна убавина. По заминувањето од затворот, Косара веднаш паднала пред нозете на царот, барајќи го татковиот благослов за да биде ослободен овој кроток и добродетелен цар, за заедно со него, во брачна заедница, да раснат во духовното благочестие. Самуил, љубејќи ја со сето срце својата ќерка и верувајќи на нејзината проценка, веднаш наредил да биде ослободен Јован Владимир, да биде облечен во царска облека и да му биде вратено неговото благородно царско достоинство. Па, откако достојно за еден цар, со големо величие ја споделил со своите роднини свадбената радост, ги испратил својот зет и својата љубена ќерка во земјата каде претходно царувал благородниот Јован. Сопружниците Јован Владимир и Косара, живеејќи девствено во блажен мир и секоја благосостојба, му биле верни на Самуила и на неговиот наследник Гаврил Радомир сé до гавриловата смрт во 1015 г., кога македонскиот престол бил заземен од подмолниот узурпатор Јован Владислав, кој толку многу бил властољубив што прифатил да биде понижен вазал на византискиот император Василиј ИИ, предавајќи ги националните интереси на својот народ и ништејќи го целиот труд и идеал на царот Самуил и неговата династија. Безумството и сервилноста на Јован Владислав отишло дотаму што посегнал и по животот на прекрасниот Јован Владимир, кој храбро и силно се спротиставувал на освојувачките напори на Византискиот император Василиј ИИ. Сакајќи да му угоди, а и по наговор на самиот Василиј, со измама лажно колнејќи се во Светото евангелие и гарантирајќи со светиот и чесен крст го намамил Јован Владимир во Преспа, каде веднаш жестоко го убил својот роднина угодувајќи му на народниот крвник и непријател, надевајќи се дека ќе спечали за себе лична корист. О, страшно безумство, го предава својот роднина и брат, ги повредува своите сродници по плот, го погазува Христовиот спасоносен крстен знак, плиткоумно задоволувајќи ја својата себичност! Косара, смирено, со измешана тага и љубов, го испроси телото на својот љубен сопруг од неговите џелати и мачители и достојно за еден цар и маченик, со сето благолепие го погреба светиот Јован Владимир покрај црквата каде го беше примил маченичкиот венец. Овде, покрај гробот на својот возљубен се настана Косара и го проживеа богоугодно остатокот од својот живот во пост, молитва и секое христијанско благочестие. И како што бива со сите оние кои со нечестивот кројат сојуз, така и душманот Јован Владислав, по неполни две години, паднал поразен и покорен од невидлива рака, завршувајќи го својот трагичен живот, натоварен со страшниот грев на предавството и неправдата.


Св. Јован Владимир, пак, како голем Божји угодник, остана запаметен во свеста на идните генерации по својата добрина, храброст и благочестие. Беше награден од Бога со мироточиви свети мошти и многумина исцели од нивните духовни неволји, чинејќи и до ден денес бројни чудеса на сите оние, кои со многу љубов и молитва му се обраќаат.

Драги браќа и сестри, Македонци!

Славејќи ја денес илјадагодишницата од блаженото упокојување и потсетувајќи се на неповторливата добрина и благочестивост на светиот маченик Јован Владимир, нека ни бидат овие трагични историски примери поттик за сенародно освестување. Нека ни помогнат во нашите напори национално да се обединиме. Нека престанат сите наши кавги, недоразбирања и расправии од кои имаат корист само нашите непријатели. Историјата, житието и страдањето на благочестивите Јован Владимир и Косара нека бидат наша корисна историска читанка и учителка при креирањето на сплотено и подобро македонско општество. Да се возљубиме еден со друг и во едномислие да речеме: Господи, чувај ја оваа наша сакана татковина, Господи, ти се молам, сочувај нé од секој грев и од секое искушение. Ние, твоите верни чеда, нема никогаш да го напуштиме или повредиме својот брат, нашиот ближен. Господи, ти го принесуваме нашето покајание, повеќе нема да се мразиме, туку сесрдно ќе се почитуваме и така ќе го славиме Твоето Сесвето име. Да не ги повторуваме грешките од минатото, возљубени мои Македонци, туку напротив, од нив да се подучуваме, да се надградуваме како народ Божји и духовно да раснеме во секое благочестие, оставајќи во наследство добри и светли духовни примери, кои ќе бидат радост и дика на идното православно потомство, на идните македонски генерации.

 

Господ да Ве благослови, Господ да ја чува нашата преубава и единствена земја Македонија! Амин!

 

Митрополит Повардарски
†Агатангел (Станковски)

 

svjovvlad2016svjovvlad2016 1svjovvlad2016 2svjovvlad2016 3svjovvlad2016 4svjovvlad2016 5svjovvlad2016 6svjovvlad2016 7svjovvlad2016 8svjovvlad2016 9svjovvlad2016 10svjovvlad2016 11svjovvlad2016 12svjovvlad2016 13     

 

 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5