„Радувајте се, луѓе, и веселете се! Ангелот што седеше на гробниот камен, тој ни благовести и ни рече: Христос воскресна од мртвите, Спасителот на светот, и со благ мирис ја исполни вселената! Радувајте се, луѓе, и веселете се“ (воскресна хвалитна стихира глас 2).

 

На 04.09.2016 година, во 11 Недела по Педесетница и на празникот на св. мч-ци Агатоник, Зотик, Зинон и други и на св. мч-чка Антуса, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофор Сашо Богданоски, протоерејот Никола Христоски, свештеникот Роберт Илијевски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која подолу во целост ви ја пренесуваме. 

jordan Sneakers | Men’s shoes

 

По завршувањето на Литургијата, во присуство на многуброен верен народ, беше осветен и новиот конак во манастирот „Св. Стефан“ во Охрид. Новиот конак е изграден врз место на стари конаци, кои од забот на времето веќе беа руинирани. Со тоа, манастирот не само што ги збогати своите сместувачки капацитети, туку доби и еден сосема нов лик, пристоен и достоен за едно вакво древно светилиште. Митрополитот Тимотеј се заблагодари на сите кои се потрудија и дадоа свој дел во изградбата на конакот, а особена благодарност искажа кон старешината на манастирот, протоереј-ставрофор Сашо Богданоски, кој целосно и неуморно се вложи во изградбата на истиот.

 

Во продолжение ви ја пренесуваме беседата на Митрополитот Тимотеј.

 

Митрополит Тимотеј

 

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

 

Денешното евангелско четиво, нè поучува дека нашиот Господ е милостив и ни ги проштева многуте наши престапи и гревови. Но, исто така, Он, од нас бара и ние да им ги проштеваме престапите и гревовите на нашите блиски, познати, па дури и на нашите непријатели. Он, особено бара да не се исполнуваме со омраза и со освета. Тоа е законот и прописот на нашиот Спасител Господ Исус Христос, односно, законот на Новиот завет.


Од историјата знаеме дека омразата и осветата никогаш и никаде не донеле мир и благосостојба. Напротив, поттикнувале војни, непријателства, убиства и многу маки и страдања. Уште во Стариот завет, и тоа во самиот почеток на Библијата се вели дека Каин го убива својот брат Авел, затоа што Бог ја примил жртвата Авелова. Каин, немал храброст да му прости на својот брат ниту една молитва. Неговиот, пак, внук Ламех го искажува своето начело: „Ќе убијам човек, кој ќе ме рани, и младич, ако ме удри" (1. Мојс. 4, 23). Овој принцип ќе биде проширен кај многуте народи, па дури и кај старите Римјани и античките Грци. Нам, исто така, познат ни е принципот „око за око" и „заб за заб". Тоа се сметало за достоинство, и доколку не се постапело така, се доживувало како навреда и слабост кон својот противник. Примајќи го, пак, христијанството, повеќето народи почнуваат овие старозаветни принципи да ги заменуваат со опростување, со помирување, односно, ги заменуваат со љубов. На тоа, уште од самиот почеток на христијанството, нè упатуваат многуте свети луѓе.


Да го земеме примерот на св. архиѓакон Стефан. Овој млад човек, кој со ништо не се огрешил кон тогашната Еврејска заедница во Ерусалим, ќе биде каменуван, а тој, пак, паѓајќи на колена, ќе ги види небесата отворени и ќе Го моли Господа Бога: „Господи, не примај им го ова за грев!" (Дела 7, 60). Св. ап. Павле, исто така, ги советува првите христијани: „Благословувајте ги оние што ве гонат; благословувајте ги, но не и да ги колнете" (Рим. 12, 14).


Овие христијански принципи се совршени. Но, се поставува прашањето, дали ние, како христијани, постапуваме така? Дали сме се издигнале на таа височина кон која сме повикани да бидеме? Дали сме се ослободиле од страстите и слабостите, од гревот и од омразата? Да бидеме објективни и искрени. Малкумина тоа го постигнуваат. Повеќе ни е прифатливо старозаветното начело. Начелото на одмазда и на освета, отколку Христовиот закон, законот на љубовта.


Ние, често пати, немаме храброст, смелост и доблест да им простиме на сопствените деца, на сопствените родители, браќа и сестри, а да не зборуваме за нашите непријатели. Не е спорно дека, за да се постигне ова, треба голема вера и добродетелен живот. А ние, бидејќи тоа го немаме во доволна мера, се однесуваме така како што се однесуваме. Некој можеби ќе каже, па нели нашиот Бог е љубов, а не простување и каење. Точно е дека Бог е љубов, но каде што е љубовта, таму има покајание и простување. Љубовта е причина, а простувањето е последица. Самиот Господ Исус Христос во Господовата молитва нè учи: „Прости ни ги долговите наши, како што им ги проштеваме и ние на нашите должници" (Мт. 6, 12). Како што кажавме на самиот почеток, денешното евангелско четиво нè поучува да им проштеваме на нашите должници. Ако се потрудиме да отфрлиме од нашата душа и од нашата мисла секаква омраза, злоба и пакост, тогаш, ќе создадеме погодна почва Бог да ја излие својата Божествена благодат и да постанеме сосуди на Светиот Дух. И тогаш ќе разбереме и ќе научиме дека Бог им проштева на тие што проштеваат. Бог ги милува тие што се милостиви.


Да се обратиме со искрена молитва кон св. Георгиј, во чијшто храм денес служиме и Бог нека ги услиши нашите молитви, така нека биде. Амин!

 

11. недела по Педесетница
04.09.2016 год.
Храм „Св. вмч. Георгиј" Охрид

 

osvetkonsvstef 1osvetkonsvstef 2osvetkonsvstef 3osvetkonsvstef 4osvetkonsvstef 5osvetkonsvstef 6osvetkonsvstef 7osvetkonsvstef 8osvetkonsvstef 9osvetkonsvstef 10osvetkonsvstef 11osvetkonsvstef 12osvetkonsvstef 13osvetkonsvstef 14osvetkonsvstef 15osvetkonsvstef 16osvetkonsvstef 17osvetkonsvstef 18

  

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5