„Ти, единствена, си Го родила Бога преславно, Дево; ти си ја обновила природата со твоето раѓање, Марие! Ти си ја ослободила Ева од првородната клетва, Богородице Пречиста!“ (песна од канонот на Утрена на Рождество на Пресвета Богородица).

 

Празнувањето на споменот на великиот празник на Рождеството Богородично, продолжи на самиот ден, на 21.09.2016 година, во манастирот „Пресвета Богородица - Пречиста“ во Кичево, со света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на протоереите Димче Ѓорѓиески и Никола Христоски, свештениците Владо Недесеки, Александар Матески, Љупчо Бакрачески и Александар Крстаноски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. Празникот беше збогатен и со нова хиротонија. Имено, Митрополитот Тимотеј го ракоположи во ѓаконски чин завршениот богтослов Зоран Ставрески од Македонски Брод. Зоран е роден на 17.07.1984 година во Прилеп. Основно образование завршил во Македонски Брод, а средно во МПБ „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Моментално е студент на ПБФ „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Од името на Митрополитот, како и од името на целата епархија, му го честитаме ѓаконскиот чин на Зоран, со молитви кон нашиот Спасител и Мајката Божја, тие секогаш да го чуваат на патот на спасението, та верно и непорочно да служи на нашата света Црква.

 

По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која ви ја пренесуваме во целост.   

jordan release date | Nike Running

 

Митрополит Тимотеј

 

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

 

Денеска, во овој свет манастир, нè собра мајката Божја. Нè собра за да го прославиме нејзиното раѓање. Рождеството на Пресвета Богородица е посебно збиднување и е необичен настан во историјата. Тоа е нова зора која го најавува новиот ден во животот на севкупниот човечки род. Тоа е ден кога гневот Божји се заменува со милост. Проклетството се заменува со благослов. Темнината се протерува со светлина. А вечната благодат и вечниот живот се дава на секој еден кој сака да го прими.


Раѓањето на Пресвета Богородица треба да се разбере како дар човечки на Бога. Бог, низ долгата историја, правел многу обиди насочувајќи го родот човечки кон својот извор, насочувајќи го кон Себе. Но, поради слабости, гревови и непослушност, луѓето се оддалечувале од Бога и од сите Негови укажувања. Од укажувањата кои би му помогнале на родот човечки да излезе од сите искушенија, страдања и робувања, како физички така и духовни.


Бог правел безброј чуда водејќи го Израилскиот народ кон патот на спасението. Преку Мојсеј ќе го преведе Израилскиот народ низ Црвеното море како по суво, прекрстувајќи ја водата, а со тоа, укажувајќи на крстот Христов. Но, по кратко време, неблагодарниот народ се откажувал од Бога и се враќал на погрешниот пат. Така, долгата историја ќе се исполни со многу небиднини и страдања.


Одејќи по тој историски пат, ќе дојдеме до Новиот завет, до праведните Јоаким и Ана. Тие ќе живеат многу честит и благороден побожен живот. Но, по Божјо допуштање, немале пород. Поради тоа, честопати со молитва се обраќале кон Бога да ги удостои со чедо, а преку тоа, да го симне од нив срамот и презирот, што тогаш владеел кај Израилскиот народ кон бездетните родители. За одбележување е дека тие се молеле и проселе од Бога, но никогаш не искажувале незадоволство и не роптале против Бога, туку, сето тоа го примале како волја Божја, поднесувајќи го со скромност, понизност и покорност. И кога веќе биле во стари години, и кога според сите физички закони било невозможно да имаат род, Бог ја услишува нивната молитва и им соопштува дека ќе добијат чедо и ќе и стават име Марија. Тоа е тој дар што човечкиот род му Го принесува на Бога. Во стихирите на Господи повикав, на вечерната на Божик се вели: Што да ти принесеме, Христе, за тоа што заради нас како човек се јави на земјата? Секое Твое создание Ти принесува благодарење: Ангелите – песна; небесата – ѕвезда; мудреците – дарови; пастирите – чудење; земјата – пештера; пустината – јасли; а ние – Мајката Дева.


Господ Исус Христос, како Искупител на светот, ќе дојде на земјата преку света Дева Марија. А таа, пак, со нејзината скромност, понизност и верност, ќе биде удостоена да биде мајка на Бога Словото. Благодарение на света Богородица, ќе се заврши една голема епоха на родот човечки, кој Го очекувал Искупителот и Месијата. Богородица ќе ги претрпи сите удари, и многу стрели ќе ја прободат нејзината мајчинска душа, но, таа, во ниту еден момент нема да се посомнева дека нејзината рожба е Месијата, Спасителот и Искупителот на родот човечки.


Преку Богородица Бог слезе од небото, постана човек во сè сличен на нас, освен во гревот. Се воплоти, за да можеме ние да се искачиме на небото и да постанеме богови по благодат. Затоа Богородица црковните поети честопати ја нарекуваат скала по која ангелите слегуваат на земјата за да им помагаат на луѓето, а луѓето, по неа се искачуваат кон небесните височини, во прегратката Христова, за да го наследат царството небесно.


Драги браќа и сестри, наоѓајќи се во овој дом Божји посветен на мајката Божја, да ги принесеме сите наши маки, страдања, болки и сомнежи пред Царицата небесна. Да побараме помош од неа. Мајко наша, биди ни заштитничка и помошничка. Застапи се нашите молитви да бидат услишани од твојот Син и наш Бог. По молитвите на Богородица така нека биде. Амин!

 

Рождество на Пресвета Богородица
21.09.2016 год.
Манастир „Св. Богородица Пречиста" – Кичево

 

Malabog2016 1Malabog2016 2Malabog2016 3Malabog2016 4Malabog2016 5Malabog2016 6Malabog2016 7Malabog2016 8Malabog2016 9Malabog2016 10Malabog2016 11Malabog2016 12Malabog2016 13Malabog2016 14

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5