„Над Твојот пријател, Христе, тајно лееш солзи, и од мртвите го подигнуваш Лазара кој лежеше мртов, покажувајќи го Твоето човекољубиво сострадание: а кога дознаа за Твоето доаѓање, Исусе, мноштво дечиња излегоа денес, држејќи во рацете гранки и пеејќи Ти: Осана, благословен си Ти, Кој дојде светот да го спасиш“ (седален на Утрена на Цветници).

 

На 09.04.2017 година, во Неделата пред Велигден, кога го празнуваме празникот на влегувањето на Господи Исус Христос во Ерусалим - Цветници, во манастирот „Пресвета Богородица - Пречиста“ во Кичево, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереите Никола Христоски и Стевчо Тошевски, свештеникот Ристо Камбуроски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон неизбројниот народ со пригодна беседа, која ви ја пренесуваме во целост.

Nike Sneakers | Women's Nike Air Jordan 1 trainers - Latest Releases , Ietp

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

Во денешниот Апостол, кој беше прочитан за време на Литургијата, ги слушнавме зборовите на св. ап. Павле, кој вели: „Радувајте се секогаш во Господа, и пак ќе речам: радувајте се!"(Филип. 4, 4). Зошто токму овие зборови, денеска, на празникот Цветници, светата Црква ни ги предлага да ги слушнеме? Затоа што народот се радувал и велел: Осана! Постилале алишта и палмови гранки онаму каде што требало да помине Господ Исус Христос и Го поздравувале со песната Осана. Го дочекале Господа Исуса Христа како Цар и Победител над смртта. Го дочекале така бидејќи сите слушнале за чудото, односно, за воскресението на четвородневниот Лазар во Витанија.


Но, за каква радост ни зборува апостолот? Дали ни предлага да се радуваме онака како што се радувал Израилскиот народ во Ерусалим? Сигурно не така. Имаме разни мотиви за радување. Едните биле преплашени од чудото во Витанија, односно, од воскресението на Лазар. Други во Него виделе Некој, Кој прави работи невозможни за другите, односно, да воскресне умрен. Трети, пак, се радувале дека Он оди во Ерусалим и сега ќе ги ослободи од Римското ропство и ќе им ги задоволи овоземните желби и барања. Ние знаеме дека има разни радувања и веселења. Знаеме дека радоста на Евреите, по неколку дена ќе се претвори во омраза. Наместо царскиот поздрав осана, ќе викаат распни Го распни! Кога ќе Го видат врзан, суден, понижен, како слаб човек, и ќе се прашаат, како Тој може нив да ги избави од Римското ропство?! И така, нивната радост и веселба преминуваат во нешто сосем друго, преминуваат во разочараност и омраза.


Во секојдневниот живот, исто така, веселењето и радоста се јавуваат како синоними за задоволување и покажување на среќа и успешност во овој живот. Знаеме дека тие радости и веселби, често пати, знаат да бидат само покривање на вистински немир, незадоволство, трагедија и мака во душите на луѓето. Немирната совест и духовната празнина не можат да бидат заменети со никакви веселби, радости и задоволувања од овој свет. Никакви комфори и богатства, слави и достоинства не можат да ја задоволат потребата од духовна радост. Затоа, често пати ќе слушнеме и ќе прочитаме како големи светски ѕвезди, од разни жанрови, извршиле самоубиство. Сигурно тоа не го направиле бидејќи немале што да јадат или во што да се возат и каде да живеат, туку, немањето на духовна радост и осмислување на сопственото постоење како Божја творевина.


Преку ова не сакаме да кажеме дека човекот нема потреба понекогаш и да се весели и да се радува. Сосема природно и нормално е по разни успеси и поводи, човек да се развесели и да се радува, но, тоа е човечка потреба и не е спротивна на нашата вера и учење. Апостолот советува да се радуваме секогаш, не како што се радувале ерусалимците кога Го сретнуваат Господа, туку, зборува да имаме мир Христов кој го надвишува секој ум, бидејќи така ќе ги запазиме нашите срца и мисли во Господа Исуса Христа (Филип. 4, 7). Господ Исус Христос е извор на радост. Он е вистински извор на потполната радост која нè води во вечен живот. Он ни вели да се радуваме бидејќи живееме во Христа. Тогаш Неговиот мир се вселува во нашите срца и постануваме и побогати и смирени и вистински духовно радосни.


Денешниот празник нè потсетува и на страдањата на нашиот Спасител. Ни помага да ги разбереме неминливите извори на човековата радост. Тоа значи, среќа и успех да бараме онаму каде што е непреодната радост. Таму се успехот и благосостојбата а тоа е царството Божјо. Амин!

 

Цветници
09.04.2017 год.
Манастир „Св Богородица Пречиста" - Кичево

 

cvetnici2017 1cvetnici2017 2cvetnici2017 3cvetnici2017 4cvetnici2017 5cvetnici2017 6cvetnici2017 7cvetnici2017 8cvetnici2017 9cvetnici2017 10cvetnici2017 11cvetnici2017 12cvetnici2017 13cvetnici2017 14 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Април 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 31 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 1 2 3