„Колку е беден Јуда! Гледајќи ја блудницата како нозете ги целива, тој размислуваше како со измама и со целив да Го предаде (Господа). Таа косата си ја одврзува, а тој со јарост се врзува, наместо миро, носејќи ја одвратната злоба, зашто зависта не знае да го претпочита полезното. О бедо Јудина! Од неа избави ги, Боже, душите наши“ (стихира на Господи повикав... на Вечерна во светата и Велика среда).

 

На 12.04.2017 година, во Светата и велика среда, во храмот „Успение на Пресвета Богородица - Каменско“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија на претходноосветени дарови, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофор Димче Ѓорѓиески, свештениците Горан Ставрески и Владо Недески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

Nike footwear | nike

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

Велика Среда е посветена на Јудиното предавство и претставува едно од најстрашните евангелски собитија. Јуда оди кај првосвештениците и им вели: „Што ќе ми дадете, па да ви Го предадам? А тие му предложија триесет сребреници" (Мт. 26, 15). Предавството предизвикува голема и особена болка. Болка, која настанува поради разрушената доверба којашто постоела помеѓу луѓето. Ако во меѓучовечките односи немало доверба и блискост, тогаш, не станува збор за предавство. Доколку, пак, се далечни или во непријателски релации, ние, таквите луѓе ги нарекуваме со други имиња, односно, нелуѓе, безобразни, но, не и предавници. Се разбира дека и таквите луѓе нанесуваат болка и страдање, но сите тие непријатности се помали во споредба со предавството. Предавник може да биде само некој кој ни е близок, другар, пријател, роднина, односно, некој во кого сме имале доверба. Затоа, предавството е една непреболна болка. Ништо не се доживува толку трагично како што се доживува предавството.


Во Своето човечко однесување, Спасителот Господ Исус Христос, со Јуда бил поврзан како и со останатите ученици. Он не правел разлика помеѓу Јуда и останатите апостоли. И покрај тоа што знаел дека Јуда ќе Го предаде, Господ Христос не го отстранува. Тој сам ќе отпадне и ќе се отсече. Никој не го отстранил од општењето со Спасителот и со другите ученици. Јуда свесно отишол да предаде. Го предава Христа за да добие корист, односно, за да спечали пари. Предавството секогаш е поврзано со некоја корист. Сеедно дали станува збор за материјална, политичка или, пак, некој друг вид корист. Но, таа корист, таа добивка е секогаш овоземна. Предавниците никогаш и од никого не се почитувани и ценети. А обично, својот живот, го завршуваат катастрофално и погубно, презрени и отфрлени од сите.


Св. ап. Петар, од страв, се откажал од Господа Исуса Христа. Но, поради својот грев, длабоко се каел и плачел. Господ Исус Христос, по воскресенито, му простува и му го враќа апостолското достоинство. Достоинството, поради кое ние денеска го прославуваме како првоврховен апостол. Но, Јуда, не Го предава Господа Исуса Христа од страв, туку со умисла. Тој знае дека последното предавство ќе биде проследено со пролевање на крв. Но, кога го сознал сето тоа, се ужасил, оди кај првосвештениците и им вели: „Згрешив, оти предадов невина крв" (Мт. 27, 4). Јуда ги фрла сребрениците, паѓа во очајание и се обесува.


Во нашиот секојдневен живот се случуваат многу искушенија. Често пати луѓето на предавство ги наведуваат разни душевни состојби. За едни тоа е кариерата, за други обезбедување материјални средства и пари, за трети овоземни задоволство, за четврти комфор и удобен живот и многу други примери. Таквите предавства често пати ги разрушуваат семејствата. Затоа денес имаме толку многу разводи и растурени семејства. Предавствата постојат на разни работни места, во политички организации, во науката и слично.


Ние, пак, како верници, кон сè што ни се открива во Светото писмо, треба да се однесуваме со големо внимание и сериозност. Словото Божјо е вистина и кон тоа треба да се однесуваме без никакво сомневање или, пак, колебање. Живеејќи според словото Божјо, ќе живееме според правдата Божја. Нашата должност е да ја примиме таа правда, откажувајќи се од злото. Така, ќе стекнеме способност да го разликуваме доброто од злото, вистината од лагата, и ќе можеме да ги избегнуваме сите лошотии од овој свет. Избегнувајќи го злото ќе се приклониме кон доброто, чесното, возвишеното и праведното.


Господ да ни помогне, та да го избегнуваме секој грев и престап во нашиот живот. Особено гревот на предавството, кој денес, во оваа Велика Среда, светата Црква го споменува. Амин!

 

Велика Среда
12. 04. 2017 година
храм „Успение на Пресвета Богородица – Каменско" – Охрид

 

velsreda2017 1velsreda2017 2velsreda2017 3velsreda2017 4velsreda2017 5velsreda2017 6velsreda2017 7velsreda2017 8velsreda2017 9velsreda2017 10velsreda2017 11velsreda2017 12velsreda2017 13velsreda2017 14velsreda2017 15velsreda2017 16velsreda2017 17 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Април 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 31 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 1 2 3