На 23.07.2017 година, во Седмата недела по Педесетница, и на празникот на св. 45 Никополски маченици и на преп. Антониј Киевопечерски, беше преосветен светиот Престол во храмот „Св. пророк Илија“ во с. Оровник, општина Дебарца, Охрид, а потоа веднаш беше отслужена и света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереите Никола Христоски и Темелко Донески, свештениците Димче Азески и Горан Ставрески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беа осветени и новите фрески во припратата на храмот и беше прекршен празничниот колач. Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме. Донатор за реновирањето на храмот е г-дин Живко Стојчески од с. Оровник. 

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

Во денешното Евангелско четиво, коешто беше прочитано на светата Литургија, се зборува како Господ Исус Христос излекувал двајца слепи, кои оделе по Него и викале со силен глас: „Помилуј нè, Исусе, Сине Давидов!" (Мт. 9, 27). Откако Господ Христос влегол во една куќа, тие се доближиле до Него и повторно барале да ги излекува. Господ Исус Христос ги прашува дали навистина веруваат дека Он може да ги излекува. Откако одговориле „да, веруваме", тогаш, Христос, ги допрел нивните очи и тие веднаш прогледале.


Телесното слепило е тешка болест за секој човек којшто е погоден од неа. Да се биде слеп значи да се нема ориентир, да не се знае кога е ден а кога ноќ, кога е сончево а кога врне дожд. Да се биде слеп значи човек да не може да ги перципира убавините што го опкружуваат и со нив да се насладува. Но, од друга страна, пак, духовното слепило е уште пострашно. Доколку духовните очи се заслепени, тие, човекот го отргнуваат од вистинскиот извор на живот, го отргнуваат од Бога и го водат во духовна пропаст. Телесните очи се корисни во овој овоземен живот и свет, додека, пак, духовните се за вечен живот или за вечно страдање. Духовното слепило може да го опишеме како темни облаци. Облаци кои ни попречуваат да Го видиме Сонцето и неговите скапоцени и прекрасни зраци. Духовното слепило е исполнето со гревови, сомневања и празноверија, правејќи ограда и препрека кон вистинскиот Извор, односно кон Господа Исуса Христа.


Во ова Евангелско четиво слушнавме и за уште едно чудо. Чудо, коешто Спасителот Христос го направил врз немиот, кој бил опседнат од лош дух. Кога Христос го видел овој страдалник како се мачи и како бил малтретиран од нечистиот дух, му заповедал на духот да излезе од него и да го ослободи. По излегувањето, човекот постанал нормален и здрав. Но, духовните водачи на тогашниот Израилски народ, фарисеите и садукеите, бивајќи духовно слепи, наместо во Господа Христа да видат Син Божји, Кој е наговестен од пророците, тие почнуваат да шират лаги и клевети меѓу народот, говорејќи дека Христос тоа го прави со силата на демонот.


Ние, кои се нарекуваме православни христијани, да се угледаме на овие двајца слепи, кои навистина биле телесно слепи, но духовно, нивните срца и нивните души биле просветлени и осветлени. Исповедајќи Го Господа Христа, како Син Божји, не само што спечалиле телесен вид, туку и духовно просветлување да одат по Него, да Го слават и да Го прославуваат. Стекнувајќи го духовниот вид, го поучуваат народот дека само со вера, и тоа цврста и непоколеблива, можат да добијат исцеление на секаква болест, мака и страдање, а преку тоа, да Го засакаат Господа Христа и да врват по Неговиот пат, да прават добри дела и да спечалат вечен и блажен живот.


Би сакал, на црковниот одбор при црквата „Св. Илија" во с. Оровник, да му искажам искрена благодарност за нивното ангажирање околу поправките и реновирањето на овој дом Божји посветен на св. пр. Илија. Оваа година црквата прославува деведесет години од нејзиното започнување на градба. Секоја црква е дом Божји, кој пред сè, е наменет за молитва, за средба со Бога и за исповедање на своите престапи и гревови, за соединување со Христа преку св. тајна Евхаристија, а сè за прослава на Бога и за спасение на нашите души. Па и овој свет храм, како на оваа така и на идните генерации, да послужи за зацврстување на православната вера и живеење според нејзиното учење, а за спасение на нашите души. За многу години. Амин!

 

7. недела по Педесетница
23. 07. 2017 год.
Храм „Св. пр. Илија" – с. Оровник, Охрид

 

preosorov2017 1preosorov2017 2preosorov2017 3preosorov2017 4preosorov2017 5preosorov2017 6preosorov2017 7preosorov2017 8preosorov2017 9preosorov2017 10preosorov2017 11preosorov2017 12preosorov2017 13preosorov2017 14

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Август 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
27 28 29 30 31 1 2
3 4 5 6 7 8 9
10 11 12 13 14 15 16
17 18 19 20 21 22 23
24 25 26 27 28 29 30
31 1 2 3 4 5 6