„Во Света Троица верата, сепреподобни, пред безбожните тирани исповедајќи ја, тројцата како жртва на Бога се принесовте, и насладувајќи се во радост од вистинскиот живот, поткрепете ги со свети молитви оние, кои сепрославениот ваш спомен непрестајно го празнуваат“ (седален на Утрена на светите пречистански преподобномаченици).

 

Споменот на великиот верски и национален празник на светиот пророк Илија и на светите пречистански преподобномаченици Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј, започна да се празнува ден порано со свечена Вечерна богослужба, во манстирот „Пресвета Богородица - Пречиста“ во Кичево, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереите Никола Христоски и Стевчо Тошевски, еромонахот Макариј, свештениците Владо Недески и Александар Матески и ѓаконот Сашо Целески.

 

Прославата продолжи утредента, на 02 август 2017 година,  кога беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на Митрополитот Повардарски г. Агатангел, протоерејот Никола Христоски, еромонахот Макариј, свештениците Владо Недески и Александар Матески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконите Сашо Целески и Васил Ристовски. По завршувањето на Литургијата, беше отслужен Парастос за сите наши предци, кои го положиле својот живот за одбрана на Татковината и на светата Црква. По Литургијата, беше прочитано и Илинденското послание, со кое Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, заедно со членовите на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква - Охридска архиепископија, им го честита празникот на сите свои верни чеда. Посланието во продолжение ви го пренесуваме во целост.

 

† СТЕФАН
ПО МИЛОСТА БОЖЈА
АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ,
ЗАЕДНО СО СВЕТИОТ АРХИЕРЕЈСКИ СИНОД,
ДО СВЕШТЕНОСЛУЖИТЕЛИТЕ,
МОНАШТВОТО И ДО СИТЕ ЧЕДА
НА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА,
А ПО ПОВОД ИЛИНДЕНСКИТЕ ПРАЗНУВАЊА,
ИСПРАЌА МИР И БЛАГОСЛОВ ОД БОГА

Преславен пророку Илија,
послушај ја нашата молитва
и со твоето застапништво пред Бога –
дај ни дух на вистинска вера!

 

Возљубени во Господа,
Празнувањето на споменот на еден од најголемите старозаветни Божји угодници и пророци – свети Илија, е потсетување и на неговиот придонес во исполнувањето на Божјата волја за нашето постоење и спасение. Бог го создаде човекот според Својот образ и подобие, и го постави да управува со сите созданија на земјата. За исполнување на тоа одговорно назначување, била потребна и соодветна духовна чистота и возвишеност. Тоа не се врши преку принуда, туку преку очистено срце и просветлен ум. Оттаму, пророчката служба не се доделува ни случајно, ни според некои надворешни мерила и заслуги. Тоа е плод на особената љубов на пророкот кон Бога и кон Неговите созданија.


Денешниов славеник, пророкот Илија, уште во младоста, со сето свое битие Го возљубил Бога. А пророк не е само оној кој претскажува нешто што ќе се случи во иднина, туку, пред сѐ, оној кој непоштедно и смело го разобличува гревот и ги поучува луѓето на вистината. Пророкот е и чувар на моралот и учител во добродетелноста, вистината и преданието. Светиот пророк Илија не се колебал да им се спротивставува дури и на световните властодршци, кога ќе забележел дека тие погрешно и острастено го раководат доверениот народ и кога не живеат праведно и според заповедите Божји.


Инаку, пророкот Илија не запишал ништо, но сиот негов живот е вистинско пророчко послание! За неговата личност и место во духовната историја на човештвото говори и сведоштвото што тој, заедно со пророкот Мојсеј, бил присутен при Христовото преображение на планината Тавор. Значи, тој не бил значаен само во старозаветните, туку е присутен и во новозаветните настани, a ќе се појави и пред Второто Христово доаѓање.

Возљубени празникољупци,
За нас, православните Македонци, празникот на свети пророк Илија – Илинден, покрај духовното, има и особено национално значење. Во два наврати, во особени историски настани, нашиот народ го избрал токму овој празник во обидот за стекнување на слободата – и во Илинденското востание и во Народно-ослободителната војна. Затоа Илинден претставува симбол на нашата праведна борба за слободен живот, право што им припаѓа на сите народи. Слободата е еден од најосновните и најскапоцени дарови за човекот! Оттаму, тој дар треба постојано да се чува и негува! И нема случаен народ на земјата Господова, бидејќи Бог од една крв го создаде сиот род човечки за да живее по целото лице на земјата, откако утврди предопределени времиња и граници на нивните живеалишта.


За стекнување и зачувување на слободата, потребна е постојана борба, зашто – Татковината само еднаш се ослободува однадвор, а потоа постојано се чува и брани одвнатре – порачува еден наш поет. А желбата за слобода кај нашиот народ траела со векови. Затоа толку и се радуваше на крајот од вториот Илинден, иако слободата не ја обедини и не се оствари на сите делови од македонската земја. Но и по многуте жртви и страданија, ропства и туѓи владеења, и по сите отпори, буни и востанија, ни претстои уште потешка борба – за запазување и опстојување на нашата Татковина.

Возљубени потомци на славните борци,
Слободата и мирот на секој народ се темелат врз цврста внатрешна подлога – тоа се единството и слогата. А единството и слогата се градат, пред сѐ, врз меѓусебната љубов. Но љубовта не е само израз на добронамерност и сочувство, туку е надминување на секое себељубие, кое ги затвора и ги скаменува срцата на луѓето. Љубовта, најнапред, е жртвување за другиот и одрекување од сопствените потреби, желби и задоволства, и секогаш во интерес на сите. Богољубието и човекољубието се нераскинливо поврзани и невозможни се едното без другото, како и без подвигот за духовна преобразба. Затоа преподобниот Максим Исповедник поучува: сите заповеди се сместени во една – возљуби Го Господа, твојот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа и со сета своја сила и со сиот свој разум. Оној кој се труди да ги исполнува овие зборови, тој ги запазува сите заповеди одеднаш. Но кој не се одрече од страстите, тој не може вистински да Го љуби Бога. Оттаму, честопати сме сведоци на лоши меѓучовечки односи, како последица од приврзаноста кон овоземните блага. Сѐ додека човекот е нивни роб, не ќе може да го има ни богољубието ни човекољубието во своето срце, не ќе ја има вистинската и полна слобода.


Во овие времиња преполни со предизвици, да не допуштиме национално разединување и меѓусебна нетрпеливост. Да се поучиме од сопствената историја, од личностите и настаните кои ги покажале плодовите од единството, но и последиците од неединството. Борбата за духовна слобода и за духовно единство е основа на борбата за национална слобода и единство. Искушенија имало и ќе има, но тие многу полесно се надминуваат кога со една уста и со едно срце Го славиме и воспеваме Бога и заедно се грижиме за сопствената Татковина. Само така би биле достојни на нашите претшественици – илинденци, партизани, борци и бранители, паднати за слобода на Македонија.

Возљубени чеда на Мајката Македонска Црква,
Живееме во време кога недоволно ја вреднуваме, па дури и ја злоупотребуваме слободата, кога многу изопачени и неприродни појави се промовираат како вредности на живеење. Со современиот и брз начин на известување, тие мошне лесно се разнесуваат и шират. Наша задача, но и аманет од славните предци, е да ги негуваме вистинските духовни и национални вредности.


Темелот на секое стабилно општество е духовно здравото семејство. Како христијани не смееме да дозволиме да бидеме заведени од влијанието на некои туѓи сфаќања и новонастанати појави, кои го уништуваат основното начело и достоинство на брачниот и семејниот живот. Па, само од добри семејства се гради добро општество и во добри семејства се раѓаат, растат и се воспитуваат позитивни и полезни личности и за државата и за Црквата. – Родителите да не ги дразнат, туку да ги подигаат и да ги воспитуваат децата, зашто тие се наследство и дар од Господа. Оттаму, не сѐ што се претставува како современо и навидум модерно, е и корисно и спасоносно! Слободата во изборот не значи и прифаќање на појави што го нарушуваат човечкото достоинство и христијанскиот морал. На човекот сѐ му е дозволено, но сѐ не му е полезно, зашто нему му доликува да живее по потребите на духот, а не по желбите на телото, советува апостолот Павле.

Возљубени во Господа,
Годинава ја одбележуваме и 50-годишнината од возобновувањето на автокефалноста на Охридската архиепископија во лицето на Македонската православна црква. Се потсетуваме на таа Одлука од петочлениот Синод, раководен од блаженоупокоениот Архиепископ Доситеј, која била едногласно и еднодушно прифатена од учесниците на Третиот црковно-народен собор, одржан на 17 и 18 јули 1967 година во Охрид, а која меѓу верниот народ, и во Татковината и меѓу Македонците по светот – со воодушевување и со радост била примена. Тој богоугоден и родољубив чин, по двовековните постојани обиди и борби, бил конечна победа и исполнување на правдата и вистината за древната Црква на македонскиот народ. Тоа духовно востание од пред пет децении, било уште еден дар од Бога, за што треба да сме бескрајно благодарни, но и одговорни. Нашите претходници ни го отворија и ни го покажаа патот, но ние сме должни да ги следиме нивните аманети. Да ја чуваме возобновената Охридска столица и љубоморно да се грижиме за чистотата на православната вера и за зајакнувањето на љубовта и единството меѓу нашиот, како и меѓусебното почитување и разбирање со другите народи.


Семоќниот Бог, по молитвите на свети Климент и сите светии од нашиот род, нека ни помагаат да истраеме на богоугодниот пат и да го зачуваме спасоносното дело. Сплотени и соединети, и по застапништвото на светиот пророк Илија, да се удостоиме со вечната и непрестајна заедница во Царството Божјо. Амин!

 

АРХИЕПИСКОП
ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ
†С Т Е Ф А Н

Заедно со членовите на Светиот архиерејски синод
на Македонската православна црква

† ПЕТАР, Митрополит Преспанско – пелагониски и
администратор Австралиско – новозеландски
† ТИМОТЕЈ, Митрополит Дебарско – кичевски и
администратор Австралиско – сиднејски
† НАУМ, Митрополит Струмички
† АГАТАНГЕЛ, Митрополит Повардарски
† МЕТОДИЈ, Митрополит Американско – канадски
† ПИМЕН, Митрополит Европски
† ИЛАРИОН, Митрополит Брегалнички
† ЈОСИФ, Митрополит Тетовско – гостиварски
† ЈОСИФ, Митрополит Кумановско – осоговски
† ГОРАЗД, поранешен Митрополит Европски
† КЛИМЕНТ, Епископ Хераклејски

Илинден, 2017 лето Господово

 

ilinden2017 1ilinden2017 2ilinden2017 3ilinden2017 4ilinden2017 5ilinden2017 6ilinden2017 7ilinden2017 8ilinden2017 9ilinden2017 10ilinden2017 11ilinden2017 12ilinden2017 13ilinden2017 14ilinden2017 15ilinden2017 16ilinden2017 17ilinden2017 18ilinden2017 19ilinden2017 20

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1