„Тебе, отроковице, огнот никако не те изгоре, но ги изгоре беззакониците, а Христос тебе те запази неповредена, како што во она време, со моќната рака, ги спаси младите момчиња кои пееја“ (песна од Канонот на Утрена на преподобномаченица Параскева).

 

На 08.08.2017 година, на денот кога го прославуваме споменот на светата преподобномаченица Параскева и на всетиот свештеномаченик Ермолај, во храмот „Св. Петка“ во ман. „Св. Наум Охридски“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, игумен на манастирот, свештеникот Роберт Илијевски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која ви ја пренесуваме во целост.

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

Денеска, нашата света Црква ја прославува св. мч-ка Петка Римјанка. Суштината и силата на христијанскиот подвиг се состои, не во нешто друго, туку, во непрестајно трпение помеѓу искушенијата и страданијата. Подвигот на синовите на овој свет се состои во храброста. Храброст, да се сретнат со непријателите и во борба да ги покорат демоните. Христијаните се подвизуваат добро, кога трпеливо, благодарно и великодушно ги победуваат непријатностите. Тогаш, тие, победуваат преславно. Победуваат преславно кога се спротивставуваат на оние што ги искушуваат, кога го победуваат злото со добро, кога одговараат со љубов на оние што ги мразат и кога благословуваат кога ги колнат. Срцето треба да се подвизува при секоја средба со искушенијата. Колку е поголем подвигот, толку се поголеми искушенијата. Оние коишто се подвизуваат живеејќи во пустина, колку повеќе се стремат да направат добри дела, толку поголеми се искушенијата. Колку повеќе човек го насочува својот живот кон Бога, стремејќи се да Му угоди, толку повеќе се зголемуваат искушенијата. Во црковната историја имаме безброј примери за оние кои се грижеле за сопственото спасение, и подвизувајќи се, се сретнувале со непријателот. Нема подвиг без борба и без непријатели. Венец без победа и победа без подвиг, подвиг без битка и битка без непријател – нема! Христијанинот треба да се бори, да се подвизува и да победува со трпение за да се овенча од Исуса Христа. Кога си решил да бидеш Христов војник, таков биди до крајот на својот живот. Само така Христос ќе те признае за Свој војник и ќе ти го даде венецот на животот. Само тогаш ќе бидеш вечно блажен. Христијанинот, низ целиот свој живот е повикан на борба. За тоа потребни му се многу усилби, сили, храброст, подвизи, молитви, без кои не ќе може лесно да го победи непријателот на родот човечки, којшто постојано демнее и „обиколува како лав што рика и бара некого да проголта" (1. Петр. 5, 8).


Независно колкава е нашата молитва, храброста, цврстината и други особености кои се потребни во оваа духовна борба, треба да знаеме дека без Божја помош, не ќе можеме да го совладаме и победиме нашиот исконски непријател. Божјата благодат, пак, можеме да ја здобиеме само ако сме свесни дека Бог е секаде присутен и секоја наша постапка, секоја наша помисла е видлива за Него. Па, така, ако внимаваме во нашиот живот и се срамиме да грешиме и да правиме нечесности, бидејќи сме под будното Божјо око, тогаш ќе се однесуваме исправно христијански и Бог ќе биде присутен во нашиот живот. Ќе биде присутен поткрепувајќи нè со Неговата благодат, да нè засилува и да нè инспирира да го победиме злото и секој грев кој нè оддалечува од Бога. Благодатта Божја ни се дава и преку молитвата, а особено преку светите тајни, а изобилно кога се соединуваме со Господа Христа во светата Евхаристија, со Телото и Крвта Негови.


Денеска, светата мч-ка Петка Римјанка, со нејзиниот свет и маченички живот нè поучува, дека сите искушенија што ја снаоѓале во овој времен живот, таа, со силна и непоколеблива вера, а помогната од Божјата благодат, ги надминала и ги победила. Така го запечатила својот живот како невеста Христова, овенчувајќи се со маченички венец. Бог, пак, ја овенчал со вечна слава во Неговото царство со останатите свети и праведни души. Но, исто така, Бог ѝ дал смелост и храброст, таа да биде молителка и заштитничка на многу христијански души, кои, со вера и со молитва ѝ се обраќаат за застапништво пред Бога. Па и ние, кои сме собрани во овој свет храм, посветен на неа, да ѝ се обратиме со искрена молитва. Да ни ја зацврсти верата и да ни ја умножи љубовта, па да одиме по тесниот, но спасителен пат, по единствениот кој води кон живот вечен. Амин!

 

Св. мч-ка Петка Римјанка
08. 08. 2017 година
Храм „Св. Петка" – ман. „Св. Наум Охридски" - Охрид

 

svpetkalet2017 1svpetkalet2017 2svpetkalet2017 3svpetkalet2017 4svpetkalet2017 5svpetkalet2017 6

 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Октомври 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
28 29 30 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1