„Онаа која е повисока од небесата, и пославна од херувимите, и почесна од секое создание, која стана дом на вечното божество поради особената чистота, денес во рацете на Синот ја предава својата сесвета душа, и со неа се исполнува сѐ, и ни дарува милост голема“ (литиска стихира на Вечерна на Успение на Пресвета Богородица).

 

Празнувањето на чесното преселување на Мајката Божја, Пресветата Владичица наша Богородица, која во рацете на својот Син ја положи својата непорочна душа, започна со свечена Вечерна богослужба, во храмот „Успение на Пресвета Богородица - Каменско“ во Охрид, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофор Никола Христоски, свештениците Димче Азески, Горан Ставрески и Ѓорѓи Блажевски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. По завршувањето на Вечерната богослужба, беше извадена и Плашатаницата на Мајката Божја, над која беа испеани статиите за нејзиното славно Успение. Потоа се изврши и литија околу храмот, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која ви ја пренесуваме во целост.

bridge media | NIKE HOMME

 

Митрополит Тимотеј

Драги браќа и сестри,

Вечерва започнуваме да ги празнуваме последните настани од земниот живот на Пресвета Богородица, односно, нејзиното успение. Пред повеќе од XX векови, света Богородица го завршила нејзиниот земен живот и се преселила на небото. Блажената смрт на мајката Божја не била обична, како кај останатите луѓе. Не се малкумина христијани кои, по долги тешки маки и неописливи болки, го предаваат својот дух на Бога. Се вели дека смртта на човекот е онаква каков што му бил земниот живот. За праведниците, пак, смртта е сон, а за грешниците, пак, право мачилиште. Света Богородица живеела свет и непорочен живот, истиот така и го завршила, свето и блажено. Тоа не било смрт, туку, заспивање. Тоа било нешто невообичаено. Дури и ангелите се зачудиле на нејзиното успение. Така и пееме во деветтата песна од канонот: „Ангелите кога го видоа успението на Пресвета Богородица, се зачудија како Дева се искачува од земјата на небото".


Многу е важно да знаеме како да го живееме нашиот земен живот. Тој ни е даден за да се подготвиме за вечен и блажен живот во царството Божјо. Има еден историски настан во кој се вели дека некој цар, за време својот живот ги користел сите задоволства на овој свет. На крајот, паднал на смртна постела и бил свесен дека му е дојден крајот. Еден ден го повикал својот син престолонаследник, па му рекол: „Ми се чинеше дека за време на мојот живот имав сѐ што еден човек може да има. Но, сум бил во голема заблуда. Денес гледам колку сум грешен. Со многубројните злочини ја оптоварив својата совест. Чувствувам тешки болки во телото, но, далеку потешко ми е на душата. Совеста не ми дава мир ни дење, ни ноќе. Нема никој на овој свет кој би можел да ми помогне. Нема утеха за мене. Одам на пат од кој никогаш нема да се вратам. Уште полошо е што не знам ни каде одам, ниту, пак, можам да земам нешто со себе. На основа на моето горко искуство, од сето мое богатство, можам да ти оставам еден скапоцен совет. Пред сѐ, владеј добро со себе и чувај ја својата душа". Овој незнабожечки цар не знаел за светото Евангелие, но, преку своето животно искуство, дошол до евангелското сознание, односно, каква полза е за човека, ако го придобие целиот свет, а на душата своја ѝ напакости? (Мк. 8, 36). Преку овој пример Црквата нѐ опоменува и нас, како христијани, да се погрижиме во нашиот живот за нашата душа, бидејќи таа е вечна.


Св. Богородица својот овоземен живот го живеела во чесност и побожност. Затоа, црковната песна ја нарекува почесна од херувимите и неспоредливо пославна од серафимите. Подготвувајќи се за премин во другиот свет, ги изговарала зборовите на псалмопејачот Давид: „Подготвено е срцето мое, Боже, подготвено е срцето мое" (Пс. 107, 1). Светата мајка Божја на светите апостоли им вели дека ќе биде со нив и дека нема да го заборави родот човечки.


Па и ние денеска, а и постојано, да ѝ се обраќаме со искрена молитва. Таа да биде наша молитвеничка, заштитничка и помошничка. Закрилени од неа да можеме да ги надвладееме сите искушенија и пречки, за наше издигнување кон возвишеното, кон светото, кон небесното, кон царството Божјо. По нејзините молитви, така нека биде. Амин!

 

Вечерна на Успение на Пресвета Богородица
27. 08. 2017
храм „Успение на Пресвета Богородица – Каменско" – Охрид

 

golembogvec2017 1golembogvec2017 2golembogvec2017 3golembogvec2017 4golembogvec2017 5golembogvec2017 6golembogvec2017 7golembogvec2017 8golembogvec2017 9golembogvec2017 10golembogvec2017 11golembogvec2017 12golembogvec2017 13

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Април 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 31 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 1 2 3