„Славната Ана, откако се јави, го роди одушевениот столб на целомудрието, светлото прибежиште кое со благодат болска. Таа е вистинска заштита на девството, божествен цвет, дар на сите оние што го сакаат девството, која откриено ја дава добрината на девството, и на сите верни им дарува милост голема“ (хвалитна стихира на Утрена на Рождество на Пресвета Богородица).

 

Овој ден е Господов, зашто од неплодната Ана произлезе цветот на девственоста Богородица. Денес е ден на радост за ангелите и луѓето, зашто се роди Пресветата Владичица, од која излезе Изворот на животот. Затоа и ние радосно ја восфалуваме и пофални песни ѝ принесуваме: Радувај се Невесто неневесна.

 

Прославата на овој велик ден, започна ден претходно во манастирот „Рождество на Пресвета Богородица“ во с. Горни Манастирец, Македонски Брод, каде што Пресветата Мајка беше воспеана со песни од Акатистот, на кој чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на свештениците Горан Ставрески, Саше Костадиноски и Зоран Ставрески и ѓаконот Сашо Целески.

Празнувањето продолжи во манастирот „Пресвета Богородица Пречиста“ во Кичево, каде што беше отслужена празнична Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофор Никола Христоски, протоереите Стевче Тошевски и Темелко, еромонахот Макариј, свештениците Горан Ставрески, Александар Матески и Љупчо Бакарачески и ѓаконите Сашо Целески и Александар Димоски. По завршувањето на Вечерната, беше отслужен Акатистот на Пресвета Богородица, пред нејзината чудотворна икона.

 

Утредента, на 21.09.2017 година, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Стевче Тошевски, еромонахот Макариј, свештениците Горан Ставрески, Александар Матески, Љупчо Бакрачески и Павел Крцоски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски, ѓаконите Сашо Целески и Александар Димоски и ероѓаконот Анатолиј. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати пред верниот народ со пригодна беседа, која подолу во целост ви ја пренесуваме. Овој ден стана уште порадосен за сите, а особено за ѓаконот Александар Димоски, кој од раката на нашиот Митрополит Тимотеј, беше ракоположен во свештенички чин. Од името на целата епархија, му го честитаме свештеничкиот чин на отец Александар, со молитви кон Бога, Он да го крепи на неговиот свештенички пат, за достојно да го оправда својот чин, и верно да им служи на Црквата Христова и на нашата мајка - Македонската православна црква - Охридска архиепископија.

 

Митрополит Тимотеј

Драги браќа и сестри,

Денеска прославуваме еден од големите Богородични празници. Поточно, го славиме раѓањето на Пресвета Богородица. Прославуваме еден настан, кој се случил пред повеќе од две илјади години, кога, на благочестивите родители Јоаким и Ана, коишто живееле во Јудеја, им се родил младенец, којашто добила име Марија. Знаеме дека токму на ова младенче му биле одредено од Бога да постане посредница помеѓу Бога и луѓето, во реализирањето на тајната на вооплотувањето на Синот Божји, односно раѓањето на нашиот Спасител Господ Исус Христос. Имено, од Марија Дева, Господ примил човечка природа, човечки разум, човечка волја, човечки чувства, и бил сличен со нас во сѐ, освен во гревот.


Ние, ја спомнуваме пресветата Дева Марија затоа што таа подобро од сите, односно како никој друг, како никој светител, како никој ангел или архангел, послужила за нашето спасение. Знаеме дека и сега Царицата престојува во Божјото царство заедно со нејзиниот Син и нашиот Господ. Затоа, ние и ја нарекуваме мајка на Црквата. Мајка на сите верници. Мајката ги слуша прозбите на своите деца, како никое друго создание на светот. Така, и нашата царица небесна и наша мајка ги слуша нашите воздишки, прозби и молитви.


Секогаш на сите Богородични празници, за време на светата Литургија, светата Црква определила да се чита светото Евангелие според Лука, за двете сестри Марта и Марија (Лк. 10, 38 – 42). Се вели дека Марта се зафатила да спрема за Господ, а Марија, пак, седнала покрај нозете Исусови и ги слушала Неговите зборови. Христос ѝ вели: „Марто, Марто, ти се грижиш и се трудиш за многу работи. Но само едно е потребно. Марија го избра добриот дел, кој нема да ѝ се одземе (Лк. 10, 41 – 42). Господ не ја осудил за тоа што прави и подготвува, туку, потенцира дека духовното е поважно од материјалното. Господ не ѝ се спротивставил на Марта. Он не ја осудил, туку, потенцира што е поглавно за луѓето. Со ова укажување, ни укажува дека духовната храна е поважна од материјалната. Севкупниот човечки род повеќе треба да се грижи за душата, за своето воздигнување кон Бога и кон светоста, отколку кон земното преодното и временото.


Ние, како луѓе, се трудиме за многу нешта во нашиот живот. Се трудиме да го заработиме нашиот насушен леб и да го направиме нашиот живот подобар и на материјален план да ни биде поудобен и полесен. Поради тоа правиме нешта кои ни го олеснуваат животот. Така, правиме мостови, патишта, фабрики, згради и сѐ што ни е потребно. Дали со тоа ние постапуваме лошо? Не! Постапуваме добро и правилно, онака како што постапила Марта, која подготвила јадење за саканиот Гостин, Спасителот Христос. Кога нашата работа не се согласува со учењето на Господа и со целта што ни е определена? Работата и ангажманите не се во согласност со Црквата само кога ние целокупниот живот го посветуваме само на работа, а забораваме на внатрешниот, духовниот живот и не посветуваме никакво внимание на нашата душа, не размислувајќи за вечноста за којашто сме создадени и повикани како психофизички битија. Кога ние, како луѓе, не сакаме воопшто од нашето време да посветиме на духовни потрепштини за нашето битие и сецело се ангажираме на овоземни нешта, тогаш, Христос, како Марта нѐ опоменува дека треба да се трудиме за нешто што е повозвишено, вечно, без кои вистинскиот човечки живот не постои.


Евангелието нѐ учи дека треба да живееме и да работиме. Ние сме повикани и должни сме добро да се трудиме за подобро живеење. Должни сме да бидеме дисциплинирани во моралните правила и да бидеме трудољубиви. Должни сме да се избавиме од нашите пороци. Должни сме да се трудиме и за нашата земја. Но, ако заборавиме на Бога и на Неговата правда и ги заборавиме моралните принципи кои го подржуваат човекот и кои му ја определуваат неговата суштина, тогаш, ние, нема да имаме полнота во животот, затоа што полнотата на животот е во Бога.


„Марија го избра добриот дел, кој нема да ѝ се одземе" (Лк. 10, 42). Овие зборови треба да ги врежеме во нашето создание, а тоа значи дека треба да го споиме материјалното и духовното, односно верата и трудот. Тогаш ќе бидеме вистински христијани и ќе бидеме силни како народ и како држава. Да се обратиме со молитва кон мајката Божја. Преку нејзиното застапништво, да ги споиме верата и трудот и да се издигнеме кон царството небесно, сега и во сета вечност.


Ја користам оваа прилика на новоракоположениот свештеник Александар Димоски, кој е професор во Македонската православна богословија во Скопје, од името на браќата сослужители и од мое лично име, да му го честитам свештеничкиот чин. Св. Јован Златоуст вели дека свештеничкиот чин е повисок и од ангелската служба. Но, тоа бара и голема одговорност и достојно служење на светата Црква и на светата Православна вера. Да се обратиме со молитва кон Богородица. Таа да ти биде поткрепувач и заштитник во твојот свештенички живот и достоинствено и афирмативно да ѝ послужиш МПЦ – ОА, на богословите што ќе ги учиш и на верниот народ помеѓу кој ќе се движиш. Носи ја мантијата со бел образ а за спасение на твојата поетска душа. Амин!

 

Рождество на Пресвета Богородица
21. 09. 2017 год.
Манастир „Св. Богородица Пречиста" – Кичево

 

malabog2017 1malabog2017 2malabog2017 3malabog2017 4malabog2017 5malabog2017 6malabog2017 7malabog2017 8malabog2017 9malabog2017 10malabog2017 11malabog2017 12malabog2017 13malabog2017 14malabog2017 15malabog2017 16malabog2017 17malabog2017 18malabog2017 19malabog2017 20malabog2017 21malabog2017 22malabog2017 23malabog2017 24malabog2017 25malabog2017 26malabog2017 27malabog2017 28malabog2017 29

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Декември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31 1 2 3