„Вие, земни икономи на Божјата благодат, со свои раце набожно издигнете го Крстот, на кој стоеше Христос Бог, со копјето што го прободе телото на Словото Божјо, за да го видат сите народи Божјото спасение, славејќи го во вековите“ (песна од Канонот на Утрена на Крстовден).

 

На денот кога го прославуваме светлиот празник на победоносното дрво на животот, на кое беше распнат нашиот Спасител, на 27.09.2017 година, во манастирот „Св. вмч. Георгиј“ во с. Рајчица, Дебар, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Партениј, протоереј-ставрофор Никола Христоски, еромонасите Доситеј, Макариј, Ефросиниј и Кирил, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ероѓаконите Порфириј и Силуан. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати пред верниот народ со пригодна беседа, која ви ја пренесуваме во целост.

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

Денеска, светата Црква прославува еден од дванаесетте големи празници, поточно, го прославува Воздвижението на светиот Животочен Крст на нашиот Спасител Господ Исус Христос. Светиот Крст е центар на христијанскиот живот. Неслучајно црковниот поредок предвидува денес да се чита евангелското четиво за распнувањето на Спасителот Господ Исус Христос (Јн. 19, 6 – 11). Но, исто така, и денешниот Апостол ни зборува за Крстот Христов (1. Кор. 1, 18 – 24). „Бидејќи словото за Крстот е безумство за оние, што гинат, а за нас, кои се спасуваме, сила Божја" (1. Кор. 1, 18).


Апостолот Павле неслучајно ги употребува овие зборови. Неслучајно вели дека Крстот е безумие за оние што не Го познаваат Христа, и затоа гинат. За нас, пак, Крстот е сила Божја. Треба да знаеме дека св. ап. Павле бил еден од најобразованите луѓе на своето време, а покрај тоа, бил и генијален ум. Ја знаел целокупната историја и знаел дека страдањето и крстот, кај ниту едни народи, кај ниту едни религии, кај никакви философски погледи, не служел како средство за спасение. Затоа, вели св. ап. Павле, тој симбол е безумие, а за нас, сила Божја.


Откако луѓето, со своите умови, со своите размислувања, со своите погледи на светот и на животот не можеле да дојдат до познавање на Бога, а уште помалку, пак, до спасение на родот човечки, Божјото провидение одлучува, преку понижување и распнување, а не преку сила, знаење и овоземна моќ, туку, благодатта Божја, преку страдањето на Господа Исуса Христа го избавува и спасува родот човечки. Затоа Крстот Христов за нас има централно значење. Преку него Христос се понизи толку многу што повеќе не можело. Прифати да биде распнат на крст. Да биде распнат на најсрамното орудие на кое се казнувале најголемите престапници и злосторници. Крстот е средство, преку кое, ние, како христијани треба да се поучуваме и смируваме, па сите маки, страдања, болки, неправди, не само интелектуално, философски и религиски да ги разбираме, туку, и во практичниот живот тоа да го практикуваме. На прв поглед тоа изгледа многу лесно и остварливо, но, во практичниот живот, не е ниту лесно, ниту, пак, лесно остварливо.


Од животното искуство знаеме дека кај мнозина христијани, кога ќе наидат разни искушенија, болести, страдања, маки и неправди, забораваат на Крстот Христов. Го издигнуваат својот крст и своите маки на највисок пиедестал, а сите останати крстови ги оставаат на некоја периферија, незабележителни за другите, а себеси се ставаат како центар на страдањето. Па, неретко се случува во таквите прилики, не само да заборават на Крстот Христов, туку да бидат неподносливи кон своите блиски, пријатели, а често пати, се доаѓа дури и до губење на верата.


Треба да разбереме една вистина. Таа вистина е дека преку Крстот, Бог посака светот да се спаси. Затоа св. ап. Павле, со право ги употребува зборовите кои ги слушнавме во Апостолот. Како христијани, треба да знаеме дека ние се спасуваме само со благодатта Божја и со Неговата помош. Но, за тоа е потребно и наше содејствие. И ние треба да го сакаме и да го бараме спасението. Човекот е слободно битие, коешто има слобода да го признава Бога за свој Создател и Спасител, но и да Го порекнува. Но, кога ќе се здружат Божјата благодат и човечкиот труд, тогаш можеме да се надеваме на милоста Божја. Нашите срца и души треба да бидат подготвени за примање на таа благодат. Сите маки, страдања и животниот крст да ги носиме достоинствено христијански. Не само формално да се нарекуваме христијани, туку, суштински да живееме. Од нашето сознание, никогаш да не испуштиме дека без крст – нема воскресение. Тогаш, ќе ја здобиеме Божјата благодат, надевајќи се на нашето спасение, постојано, сега и во сите векови. Амин!

 

Кресту Твоему поклањаемсја Владико!

 

Крстовден
27. 09. 2017 година
Манастир „Св. вмч. Георгиј" – с. Рајчица, Дебар

 

krstovden2017 1krstovden2017 2krstovden2017 3krstovden2017 4krstovden2017 5krstovden2017 6krstovden2017 7krstovden2017 8krstovden2017 9krstovden2017 10krstovden2017 11krstovden2017 12krstovden2017 13krstovden2017 14krstovden2017 15krstovden2017 16krstovden2017 17krstovden2017 18krstovden2017 19krstovden2017 20krstovden2017 21krstovden2017 22krstovden2017 23krstovden2017 24krstovden2017 25krstovden2017 26krstovden2017 27krstovden2017 28krstovden2017 29krstovden2017 30

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Декември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31 1 2 3