„Вера, и Надеж, и Љубов се покажаа како најсвети гранки на чесна Софија, и мудроста елинска ја покажаа како луда, со помош на благодатта, и пострадаа, и како победоносици се покажаа, и со нераспадливиот венец од Христа, Господарот на вселената, се украсија“ (кондак на св. мч-чки Вера, Надеж и Љубов и мајка им Софија).

 

На 30 септември 2017 година, на денот кога го прославуваме споменот на светите маченички Вера, Надеж и Љубов и мајка им Софија, во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Димче Ѓорѓиески, свештениците Кирил Јованоски, Владо Недески и Ѓорѓи Блажевски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Христијан Костоски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

Asics shoes | Klær Nike

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

Нашата света Православна црква денес прославува четири маченички. Денес ги прославуваме св. Софија и нејзините три ќерки Вера, Нада и Љубов. Живееле во првата половина на вториот век, кога христијанството било прогонувано од страна на Римските императори. Пострадале за време на Римскиот император Адријан во 122 година, во Рим. Најпрво, трите ќерки, кои имале 12, 10 и 9 години, биле принудувани да се откажат од Господа Христа и да принесат жртва на кипот на божицата Артемида. Бидејќи, од страна на нивната побожна мајка, биле длабоко воспитани во христијанската вера, тие одлучно одбивале да принесат жртва на споменатата многубожечка божица. Покрај сите притисоци и мачења, овие млади суштества останале цврсто и непоколебливо во христијанската вера. За да издржат во подвигот биле бодрени и храбрени од нивната мајка Софија, којашто ги тешела дека ги чека нивниот Младоженец, Кој ќе им даде неувенлив и вечен венец во царството небесно. Така, овие три девојчиња маченички биле убиени, но останале непоколебливи во верата Христова.


Мачеништвото е најголем степен на потврдување припадност кон една вера, наука или философски поглед. Самото мачеништво значи сведоштво. А нема поголемо сведоштво од тоа да се даде својот живот за својата вера, односно за Господа Христа. Човекот е психофизичко битие, коешто има слабост да потклекне на разни притисоци и измачувања, само за да го запази голиот живот. Но, онаму каде што има силна вера, и ниту ронка сомнеж дека со нив е Христос, тогаш, тие добиваат сила од Бога. Сѐ она што е невозможно за човековиот разум и за човековото разбирање, е возможно преку Божјата благодат. Божјата благодат ги крепи, ги утврдува, ги засилува, односно, им помага сите тие страдања да ги поднесат, и не ретко се случувало, кога ги носеле мачениците на страдање, тие пееле и се радувале. Гледано од човечки аспект, тоа е неразбирливо, но, гледајќи со духовни очи и низ призма на верата и благодатта Божја, сѐ е можно. И овие млади девојчиња биле удостоени да ја примат Божјата благодат и таа ги крепела да можат да ги поднесат сите тие страдања и да го завршат својот живот маченички.


Нивната мајка Софија, била поштедена од физичкиот џелатски меч, но, нејзината душа била распарчена, гледајќи го страдањето на своите ќерки. Таа, ги зема телата на своите рожби и ги носи надвор од градот, каде што ги погребала. Таму останала три дена и три ноќи молејќи Му се на Бога да ја прими и неа заедно со нејзините рожби. Така и оваа света жена го предала својот дух на Бога и била удостоена, заедно со своите рожби, да се насели во царството небесно.


Од нас денес никој не бара мачеништво. Да Му бидеме благодарни на Господа Бога што живееме во слобода. Светата Црква од нас бара да бидеме вистински христијани, не само по име и по традиција, да не одиме само од време на време во црква за да запалиме свеќа, туку, да живееме вистински христијански живот исполнет со добродетели, покајание и да отфрлиме од нас секаков порок и грев. Да измолиме милост Божја и благодатта Божја да биде со нас. Па да можеме сите препреки и сите искушенија што нѐ снаоѓаат во нашиот живот, вистински христијански да ги поднесуваме, од Христа Бога и од нашата православна вера да не отстапуваме. А за тоа на помош нека ни бидат и светите маченички, коишто денес ги празнуваме. Така нека биде. Амин!

 

Св. м-ца Софија и нејзините три ќерки Вера, Нада и Љубов
30. 09. 2017 година
храм „Св. Софија" - Охрид

 

svsofija2017 1svsofija2017 2svsofija2017 3svsofija2017 4svsofija2017 5svsofija2017 6svsofija2017 7svsofija2017 8svsofija2017 9svsofija2017 10svsofija2017 11svsofija2017 12svsofija2017 13svsofija2017 14svsofija2017 15  

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5