„Сега верни да притекнеме, да го воспееме Константина, кој од младоста Го возљуби Христа Бога и се прилепи кон Него и Нему ревносно Му послужи, неправедно страдајќи привремено, но затоа вечно се прослави, и пред Владиката на сè стана наш застапник“ седален на Утрена на св. Константин Кавасила).

 

На 30 и 31.10.2017 година, се собравме во манастирот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Кнежино, Кичево, за да го прославиме споменот на св. ап. Лука и на светиот Константин Кавасила. Празнувањето започна на 30 октомври, со празнична Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Стевче Тошевски, свештениците Горан Ставрески и Александар Матески и ѓаконот Христијан Костоски.

 

Прославата продолжи утредента, на 31 октомври, кога беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофор Сашо Богданоски, протоерејот Митре Попоски, свештениците Љупчо Бакрачески и Зоран Ставрески и ѓаконот Христијан Костоски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати со пригодна беседа, која подолу во целост ви ја пренесуваме.

 

Овој наш собир имаше уште еден повод. Имено, по завршувањето на Литургијата, беше организиран семинар за свештенството од нашата епархија, на кој свое предавање имаше свештеникот Владо Недески, професор по Литургика на ПБФ „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Темата на предавањето беше од областа на литургиката, со наслов Свештеникот како литург, во која отец Владо се задржа на мисијата на свештеникот и неговите должности како извршител на светите Тајни, чиј центар е светата Тајна Евхаристија. Особен акцент беше ставен на правилното и суштинско извршување на светите Тајни, а особено за проповедта на истите, која претставува неизоставен дел од нив, а особено од светата Литургија. По излагањето се разви плодна и позитивна дискусија, на која свештениците ги изложија своите мислења и ставови. Се надеваме дека овој плоден ден ќе биде од голема корист за присутните, и дека позитивните ефекти од него, ќе се одразат и врз верниот народ, чии духовни водачи се токму свештениците. 

 

Во продолжение ви ја пренесуваме беседата на Митрополитот Тимотеј.

 

Митрополит Тимотеј

 

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

Денеска нашата света Црква прославува едно големо светило, коешто светело на Охридската столица. Денес го прославуваме светиот Константин Кавасила. Овој блажен маж го словел словото Божјо на нашите предци во Охридската архиепископија. „Блажени се оние што го слушаат словото Божјо и го пазат" (Лк. 11, 28) вели Господ Исус Христос во светото Евангелие според светиот апостол и евангелист Лука, чиј спомен, исто така, денес го празнуваме. Словото Божјо на светот го донесе нашиот Спасител Господ Исус Христос. Он проповедал во градови и во села, по гори и по долини, на брегови и на мориња. Секогаш, како што ни сведочи Евангелието, бил придружуван од мноштво народ, кој го слушал и го впивал Божјото слово. Го впивал како што сувата земја ја впива росата небесна. Апостолите, бивајќи верни на Христовиот завет, одете и научете ги сите народи (Мт. 28, 19), го пренеле словото Божјо на сите краеви на Земјината топка. Власта и обврската да се проповеда и да се учат сите народи, апостолите ја предале на нивните наследници и последователи. Црквата Христова е соборна и апостолска, и тоа право го раздава на црковната ерархија, на епископатот и свештенството, па така, од Самиот Христос, Божествената правда, се проповеда до ден денешен.


Христос луѓето ги учел со зборови, но, и со дела. Сите апостоли, освен св. Јован Богослов, вистинитоста на Евангелието ја засведочиле со маченички крај. Затоа, секој верник е должен да ја сведочи правдата Божја со збор и со добродетелен живот. Луѓето Го слушале Христа и Неговите зборови ги всадувале во своите срца. Исто така ги слушале и апостолите, како што ни сведочат Делата апостолски. Словото Божјо паднало на плодна почва во срцата на луѓето, донесувајќи голем плод. Тоа ги раѓа и ги обновува луѓето, утешувајќи ги и спасувајќи ги.


Светата Црква живее со словото Божјо. На него таа се темели, живее и животвори. Така ќе биде до крајот на векот и светот. Св. Јован Златоуст, еден од големите проповедници на Евангелието, како презвитер во еден Антиохиски храм, на мноштвото народ што доаѓало да го слуша, му се обраќал со следните зборови: Вие ме потсеќате на исушена нива, којашто очекува небесна роса. Дозволете росата на словото Божјо, секогаш да живее во вас и да ве упатува кон секое добро дело. Додека постои светот, Црквата нема да престане да го проповеда словото Божјо, бидејќи во него е изворот на животот и на нашето обновување. Словото Божјо е извор на нашето спасение.


Зошто е полезно и неопходно да се слуша словото Божјо? Бидејќи тоа е словото на нашиот Спасител Господ Исус Христос. Но, ако тоа е Божјо, тогаш сè во него служи за живот и за благочестие. Служи да го носи кон спасение целиот свет и да ги просвети сите луѓе со својата Божествена светлина. Словото Божјо нам ни е блиску, затоа што тоа е слово на нашиот сакан Небесен Отец. А добрите деца, секогаш го почитуваат својот родител и го слушаат неговиот совет, се поучуваат и во него гледаат своја поддршка.


Од словото Божјо ние знаеме дека Бог е љубов. Ние, пак, сме Негов образ, што значи дека сме должни да Го сакаме Бога, но и луѓето. Бог е свет. Значи и ние сме должни да се стремиме кон светост. Бог е совршен, па и ние сме должни да се стремиме кон совршенство, бидејќи Самиот Христос ни вели: „Бидете совршени, како што е совршен и вашиот Отец небесен (Мт. 5, 48).


Словото Божјо е историја и домострој на нашето спасение. Колку само во словото Божјо има утеха за нас, кои се трудиме и сме обременети. Од словото Божјо знаеме колку Бог нè сака и нè спасува, на само Нему познат начин. Преку словото Божјо ние ја утврдуваме нашата вера. Ја закрепнуваме христијанската надеж усовршувајќи се во љубовта. Неслучајно старозаветниот пророк Давид и премудриот Соломон рекле: „Словото Господово е повисоко од секакви скапоцени камења и поскапо од сребро и злато".


И ние, кои сме собрани во овој свет манастир, повикани сме, како христијани, на секое место и насекаде да го словиме словото Божјо. Но, да не заборавиме дека оние што го словат словото Божјо, истото треба да го пазат. А ним, од Семилостивиот Бог, ветен им е блажен и вечен живот. По молитвите на св. Константин Кавасила, така нека биде. Амин!

 

Св. Константин Кавасила
31. 10. 2017 година
Манастир „Св. вмч. Георгиј" – с. Кнежино, Кичево

 

konstantkava2017 1konstantkava2017 2konstantkava2017 3konstantkava2017 4konstantkava2017 5konstantkava2017 6konstantkava2017 7konstantkava2017 8konstantkava2017 9konstantkava2017 10konstantkava2017 11konstantkava2017 12konstantkava2017 13konstantkava2017 14konstantkava2017 15konstantkava2017 16konstantkava2017 17konstantkava2017 18konstantkava2017 19konstantkava2017 20konstantkava2017 21konstantkava2017 22konstantkava2017 23

 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Ноември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
26 27 28 29 30 31 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 1 2 3 4 5 6