„Додека адот плачеше што гробот е отворен, Марија им викаше на скриените апостоли: Излезете, работници на лозјето, проповедајте ја веста за Воскресението: воскресна Господ, Кој на светот му дарува милост голема“ (седален на Воскресна Утрена глас 6).

 

На 12.11.2017 година, во Дваесет и третата недела по Педесетница, а по повод една година од упокојувањето на игуманија Агнија, во манастирот „Пресвета Богородица - Пречиста“ во Кичево, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот Стевче Тошевски, свештеникот Александар Матески, еромонахот Кирил и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше отслужен парастос во спомен на упокоената игуманија Агнија, а на истиот учество зедоа и протоерејот Зоран Данев и свештеникот Дејан Димитриевски. Потоа Митрополитот Тимотеј се обрати кон верните со пригодна беседа, која ви ја пренесуваме во целост.

 

Митрополит Тимотеј

 

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

Најголем непријател на човечкиот род е сатаната, односно – ѓаволот. Лош и горд ангел, кој отпаднал од Бога. Оној, кој со лага и превара ги излажа нашите прародители и ги наведе на грев да пробаат од забранетиот плод, односно, од плодот којшто беше забранет. Ѓаволот, низ целата историја, постојано се труди некого да заведе и да го натера да тргне по неговиот убиствен пат. Оваа вистина ни ја потврдува и денешното евангелско четиво. Имено, Господ Исус Христос, проповедајќи го светото Евангелие, отишол и во Гадаринските предели. Таму, сретнува еден човек кој бил опседнат од лош дух. Демонските сили неколку години го измачувале овој беден човек. Ѓаволската моќ му ги парализирала сите духовни и физички сили. Му го помрачила умот и му го закоравело срцето. Овој несреќен човек бил слепо орудие во рацете на злите сили. По патиштата и по раскрсниците постојано ги напаѓал своите сограѓани, постанувајќи општо страшилиште за сиот народ.


Но, кога Господ Исус Христос се приближил до овој измачуван и несреќен човек, човекот пристапил кон Господа Христа и паднал пред Него, извикувајќи со силен глас: „Што имаш со Мене, Ти, Исусе, Сине на Севишниот Бог? Ти се молам, не мачи ме!" (Лк. 8, 28).


Треба да знаеме дека Господ Исус Христос, за демонските сили е вечен и праведен Судија и од Неговото име тие се плашат и треперат. Сега, од Неговото присуство ги опфаќа страв. Тие го очекуваат судниот ден и вечните маки на крајот од векот, односно, на Страшниот суд. Оваа Христова посета е предвремена и неочекувана, па во страв се запрашуваат: Зар предвреме Си дошол да не мачиш? Исплашени, понизно молат да не ги упати во бездната, во мачилиштето, онаму каде што има плач и крцкање со заби (Лк. 8, 31). Тие Го молеле да им дозволи да влезат во стадото свињи, коешто пасело недалеку од нив. Откако Христос им дозволил, тие влегле во свињите и истите ги издавиле во езерото (Лк. 8, 33).


Овој пример, прикажан со свињите, многу ни зборува. Може да ни послужи како непобитен доказ за разорната сила на злите духови. Кога Господ би им допуштил, тие, со нивната злоба и омраза кон родот човечки, би можеле, за еден миг, истиот да го уништат. Но, за нашиот Семилостив Бог, ништо не е повредно и помило од човекот. Од човекот, кого Он од љубов го создал, за кого постојано се грижи и го дарува со најбогати дарови. За кого, од љубов, Го испрати и Својот Возљубен Син Господ Исус Христос да се жртвува на крстот. Да се жртвува за да го подигне родот човечки кој беше паднат, за да го препороди и да му даде вечен и блажен живот во заедница со Отецот Небесен.


Господ Исус Христос им дозволил на лошите духови да влезат во свињите и истите биле издавени од нив. Сето тоа нашиот Спасител го направил за да ги убеди луѓето и да се освестат. Да се покаат од гревот и да Го примат Христа како Учител, Спасител и Избавител. Христос знаел дека никакви зборови не ќе можат да влијаат кај овие луѓе, па затоа го излекувал овој несреќен човек. Го излекувал за да ја сфатат силата и моќта Господова. Но, како што слушнавме, луѓето биле премногу приврзани кон материјалното, односно кон своите свињи, и не го гледале нивниот сограѓанин кој толку години бил измачуван, туку, Го молат Господа да го напушти нивниот град, плашејќи се дека би ги снашла некоја поголема непријатност. Токму овие луѓе зборуваат колку ние можеме да бидеме неблагодарни, неискрени и нелуѓе. При здрави очи да гледаме и да не видиме, со здрав ум да расудуваме, а погрешно да заклучуваме и, со нашите очи и срца да се оддалечуваме од нашиот Спасител и Избавител Господ Исус Христос.


Нашата света Црква нè повикува да не постапуваме како Гадаринците, туку, да ги умножиме нашите молитви кон Господа Исуса Христа со молба да дојде и да се всели во нашите срца и души. Да нè очисти од сите сатански искушенија и од неговите смртоносни замки. Ако Христос е со нас и во нас, тогаш ќе нема место за нечистите сили. Да дојде и да се всели во нас и да ги спаси нашите души. Амин!

 

23. недела по Педесетница
12. 11. 2017 година
Манастир „Св. Богородица Пречиста" - Кичево

 

precistapomen2017 1precistapomen2017 2precistapomen2017 3precistapomen2017 4precistapomen2017 5precistapomen2017 6precistapomen2017 7

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Ноември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
26 27 28 29 30 31 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 1 2 3 4 5 6