„Вие, бесребреници, се просветливте како добросјајно злато, со божествената благодат на исцеленија збогативте мнозина. Затоа имајте милост кон нас, кои сме бранувани од лути напади на искушенија“ (песна од Канонот на Утрена на свети Козма и Дамјан).

 

На 14.11.2017 година, на денот на светиот спомен ан светите бесребреници и чудотворци Козма и Дамјан, во храмот „Св. Врачи“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Љупчо Симиџиески, свештениците Владо Недески и Љупчо Бакрачески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верните чеда со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме. 

Митрополит Тимотеј

 

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

Светиот апостол Павле, во своето Послание до Римјаните, вели: „Сигурно знам дека ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни властите, ни силите, ни сегашноста, ни иднината, ни височината, ни длабочината, ниту, пак, некоја друга твар ќе може да нè оддели од љубовта Божја во Исуса Христа, нашиот Господ" (Рим. 8, 38 – 39). Колку прекрасни зборови упатува св. ап. Павле. Но, што значат овие зборови? Тоа не се зборови од земен набљудувач. Тоа не се зборови од земна точна на набљудување. Од таа точка на набљудување, не може да се зборува за животот и за смртта. За сегашноста може да се зборува, но, како би можело да се зборува за иднината? Св. ап. Павле формира есхатолошко видување. Тоа е видување на земна и надземна реалност. Реалност која не постои во целата наша историја, но, во која, нашата историја е проткаена.


Еве, ние денеска, извршивме света Литургија и вознесовме бескрвна жртва за нашите гревови, за човечките незнаења. Извршивме дејствие, од една страна, физички гледано, во време и простор, а од друга страна, тоа е самото големо благодарење на Бога, со силата на Св. Дух, кое не е ниту во времето, ниту во просторот. Благодарење, кое Господ, на крајот на Своето страдање го завршува и ни покажува како да учествуваме во Евхаристијата, за да го претвкусиме царството небесно.


Божјата љубов ги надминува и ги надвишува сите природни нешта. Ги надвишува сите висини и длабини, според зборовите на апостолот Павле. Ако сакаме ова да го кажеме со поедноставни зборови, за да биде разбрано од сите, тоа значи дека никакви гори и долини, кои се појавуваат како физички прегради, не би можеле да се испречат и да направат прегради пред љубовта Божја.


Се поставува прашањето, зошто ние, не секогаш ја чувствуваме Божјата љубов во нашиот живот? Зошто некогаш се вели: Никогаш во нашиот живот не сме го почувствувале Божјото присуство и не знаеме што е тоа Божја љубов? Но, ние знаеме што е љубов човечка и знаеме кога ќе престанеме да сакаме еден човек. Тој може да се изјаснува дека нè сака, но, неговите зборови не нè трогнуваат, бидејќи знаеме дека тоа е лицемерно. Неговото срце е скаменето. Честопати, имаме случаи кога неверен маж ѝ вели на својата „сакана" жена: Јас те сакам. Но, таа на тоа не реагира, оди по друг пат и се оддалечува. Истото се случува и обратно.


Љубовта живее само тогаш кога двете срца, двете битија се соединуваат. Ете, и во љубовта Божја, во која нема никакви граници, ниту длабина ниту висина, ни живот ни смрт, ниту сегашност ниту иднина, тоа е единствен услов за престојување на љубовта во нашиот живот. Ако, пак, нема љубов кон Бога, тогаш ние никогаш нема да ја почувствуваме Божјата љубов. Колку и често да одиме во црква, и колку молитви на памет да изговараме, ако во нашето срце нема љубов и Божјата љубов нема да допре до нас.


Љубовта Божја е голема сила, којашто ја спознаваме само тогаш, кога и самите Го сакаме Бога. Треба да знаеме дека љубовта кон Бога започнува уште од самата младост. Љубовта кон Бога ја изразуваме преку молитва, којашто се трудиме да ја произнесуваме не механички, туку, да се трудиме да се задлабочиме и во нејзините зборови. Љубовта кон Бога започнува и со една мала жртва, која, ние ја принесуваме на оние што имаат потреба, односно, љубовта кон Бога е во правењето добри дела. До познавање на овие добродетели се започнува со самата љубов кон Бога. Затоа, секој христијанин е должен таа Божја љубов да ја манифестира. Ако љубовта никне, таа ќе биде сила, со која ќе можеме сите животни препреки и искушенија да ги надминеме и ништо нема да може да нè оттргне од таа љубов Божја, бидејќи Светиот Дух ќе биде во нас и ќе нè крепи и засилува, па сè во нашиот живот, со Неговата сила, ќе постигнуваме.


Денеска, ги прославуваме светите бесребреници Козма и Дамјан, кои неспорно ја имале љубовта кон Бога, но и љубовта кон луѓето, па затоа можеле да прават толку добри дела на сите што имале мака и потреба од нивните лекарства, коишто бесплатно ги делеле. По молитвите на св. Козма и Дамјан, Бог нека ја умножи љубовта помеѓу нас, да правиме добри дела и да спечалиме вечен и блажен живот. Амин!

 

Св. бесребреници Козма и Дамјан
14.11.2017 год.
храм „Св. Врачи" - Охрид

 

kozmaidam2017 1kozmaidam2017 2kozmaidam2017 3kozmaidam2017 4kozmaidam2017 5kozmaidam2017 6kozmaidam2017 7kozmaidam2017 8kozmaidam2017 9kozmaidam2017 10kozmaidam2017 11kozmaidam2017 12kozmaidam2017 13kozmaidam2017 14

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Ноември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
26 27 28 29 30 31 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 1 2 3 4 5 6