„Твоите чудеса, Сечиста, го надминуваат моето разбирање! Необично е твоето раѓање, необичен е и начинот на твоето растење. Твоите преславни чудеса, Богоневесто, го поттикнуваат нашето восхитување, и никој од луѓето не може да најде објаснување“ (песна од канонот на Утрена на Воведение на Пресвета Богородица во храмот).

 

На 04.12.2017 година, денот кога го прославуваме празникот Воведение на Пресвета Богородица во храмот - Пречиста, во храмот „Успение на Пресвета Богородица - Каменско“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофор Никола Христоски, свештениците Димче Азески, Горан Ставрески, Владо Недески, Ѓорѓи Блажевски и Љупчо Бакрачески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Сашо Целески. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

Best Sneakers | Entrainement Nike

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

Денеска прославуваме еден настан од земниот живот на Дева Марија, односно на св. Богородица. Тоа се случило на нејзината тригодишна возраст, кога нејзините родители, праведните Јоаким и Ана, ја однеле во Ерусалимскиот храм. Токму затоа, овој празник се нарекува Воведение на Пресвета Богородица. Во Светото писмо, ние, за овој настан скоро и да немаме никакви показатели. За истиот дознаваме од црковното предание. Со сигурност знаеме дека светите отци, уште во првите векови оставиле беседи за овој празник, а тоа значи дека уште во раната црковна заедница се прославувал овој настан. Со сигурност, исто така, знаеме дека во IV век, мајката на цар Константин, царицата Елена, ќе подигне храм во Ерусалим, посветен на „Воведение на Пресвета Богородица".


Како што знаеме Јоаким и Ана, долго време немале пород. Тие постојано Му се молеле на Бога и, ако добијат дете, ќе го посветат на Бога. Кога Марија наполнила три години, ја однеле во храмот да се воспитува, а со тоа, да го исполнат нивниот завет. Сè до овој момент не се случува ништо невообичаено. Но, сега започнува нешто што е невообичаено и непознато. Пред храмот ја дочекува првосвештеникот. Тоа е нешто незабележано во историјата. Ја пречекува поглаварот на старозаветната црква, односно духовниот лидер, кој со никаква обврска не бил задолжен да дочека едно девојче, непознато ниту за него, ниту за другите. Но, се случило, така што првосвештеникот се нашол на скалилата на Ерусалимскиот храм.


Потоа настапува уште еден невообичаен момент, тригодишната Марија се искачила на првото скалило, а потоа, сама, ги искачила сите петнаесет скалила, коишто воделе до влезот на храмот. Треба да кажеме дека и нормалните скалила, со коишто се користиме и ние денеска, се тешки за искачување од страна на едно тригодишно дете. Скалилата, пак, на Ерусалимскиот храм биле скоро двојно повисоки. За да имаме точна претстава, тоа би биле како скалилата на Античкиот театар кај нас во Охрид. По ова невообичаено искачување, се случува уште едно собитие. Првосвештеникот ја зема Марија во своите прегратки и, на изненадување на сите, ја внесува во Свјатаја свјатих. Ја внесува онаму каде што само првосвештеникот имал право да влезе, и тоа само еднаш годишно. Во Светињата на светиите, се чувал Ковчегот на заветот, во кој се чувале двете таблици со десетте Божји заповеди, златен сосуд со маана – храната со којашто биле хранети Евреите четириесет години, при нивното патување од Египет кон ветената земја. Исто така, таму се наоѓал процветаниот Аронов жезол, односно жезолот на Арон, братот на Мојсеј. Сето ова било најголемата светиња за Еврејскиот народ. Таму, сега, се внесува Марија на тригодишна возраст.


Сите овие настани може да се поделат на три важни етапи и зад секоја од нив, стојат луѓе. Првиот степен – етапа, е посветувањето на Марија на Бога. Кој стои зад ова решение? Нејзините родители. Никој друг немал право да донесе такво решение освен тие. Потоа, првосвештеникот ги раширува своите прегратки и ја внесува Марија во Свјатаја свјатих. Голема е улогата на учителите во животот на луѓето, исто така и на родителите. Но, на крај, самата Марија се искачува по тие големи скалила и покрај тоа што било тешко, таа ја употребила сета своја детска сила принесувајќи ја својата жртва.


И денеска, кога го прославуваме овој историски настан од животот на света Дева Марија, да ѝ се обратиме со искрена молитва како на Царица небесна. Нека го рашири нејзиниот омофор и да нè поткрепи во нашиот од, од земјата кон небото. Па и ние да можеме да дадеме наш влог или жртва за доброто на нашата душа, и да спечалиме вечен и блажен живот. По молитвите на Пречистата Владичица, така нека биде. Амин!

 

Воведение на Пресвета Богородица
04.12.2017 год.
храм „Успение на Пресвета Богородица - Каменско" - Охрид

 

precista2017 1precista2017 2precista2017 3precista2017 4precista2017 5precista2017 6precista2017 7precista2017 8precista2017 9precista2017 10precista2017 11precista2017 12precista2017 13precista2017 14precista2017 15precista2017 16

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Април 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 31 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 1 2 3