„Имајќи во себе чувства за единствените и бескрајни убавини од Бога, посака нив постојано да ги гледаш, затоа радосно воскликнуваш, отче Нектарие: Пејте Го Господа сите созданија и превознесувајте Го во сите векови“ (песна од канонот на Утрена на преподобен Нектариј Битолски).

 

Прославата на споменот на преподобниот и богоносен отец наш Нектариј Битолски, започна на 17.12.2017 година, во манастирот „Св. Наум Охридски“ во Охрид, каде во капелата посветена на светите рамноапостолни Кирил и Методиј, беше отслужена празнична Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, игумен на манастирот, протоереј-ставрофор Никола Христоски, свештеникот Димче Азески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Вечерната богослужба, беше прекршен празничниот колач, а по повод именденот на игуменот на манастирот, архимандритот  Нектариј.

buy shoes | Air Jordan Release Dates Calendar

 

Празнувањето продолжи утредента, на 18.12.2017 година, со света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофор Никола Христоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме. 

 

Митрополит Тимотеј

 

Драги браќа и сестри,

Денеска нашата света Црква го прославува преподобниот Нектариј Битолски. Неговиот животен пат нè поучува дека христијанинот во овој свет е дојденец, односно, патник. Патник, кој го поминува својот животен од, подготвувајќи се за вечниот живот. Секој христијанин е повикан кон вечноста, кон својот Создател, Промислител и Спасител. Животот на Земјата е од привремен карактер и од нас зависи како ќе го исползуваме. Дали ќе го исползуваме онака како што е волјата Божја, за вечен и блажен живот, или, пак, нашата слободна волја ќе му ја препуштиме на лукавиот и ќе се приврземе кон овоземни нешта, кои ќе нè оддалечат од патот кој води кон царството небесно.


Како пример може да ги посочиме трговците. Тие купуваат најразлични стоки од едни држави и ги носат онаму каде што живеат. Тргуваат со нив, печалат, собираат богатства и се приврзуваат кон тоа што ќе го заработат од нивната професионална трговска дејност. Додека, пак, вистинскиот христијанин е како човек кој се наоѓа во туѓина. Тој не собира никакви материјални богатства и не се приврзува кон никакви овоземни нешта. Тој чезнее да се врати во својата татковина. За христијанинот, вистинската татковина е царството небесно. Во овој свет, тој, само го ползува она што е неопходно за опстанок во овоземниот живот.


Боголиката душа постојано тежнее кон возвишеното, кон светото, кон благородното, односно, тежнее кон Бога. Оној човек кој е приврзан само кон овој свет, особено кон своето материјално богатство, тој се откажува од Бога. Се насочува и му се предава само на овој свет, бидејќи на истиот и му припаѓа. Ние, пак, како христијани, повикани сме да спечалиме вечен живот, а нашата татковина е на небото. Секој еден од нас, на овој свет доаѓа без ништо. Исто така, и кога го напуштаме, ништо не можеме да понесеме со нас, освен добрите дела. Затоа, Господ Христос во Евангелието вели: „Не собирајте богатства на земјата, каде што ги јаде молецот и ҆рѓата, и каде што крадците ги поткопуваат и крадат; но собирајте си богатства на небото, каде што ни молец, ниту ҆рѓа ги јаде, и каде што крадци не ги поткопуваат, ниту крадат; зашто, каде што е богатството ваше, таму ќе биде и срцето ваше" (Мт. 6, 19 – 21).


Се вели дека морето не го чува мртвото тело, туку, го исфрла надвор. Така, и времениот свет, слично на морето, ја исфрла благочестивата душа. Таа е умрена за светот. Човекот којшто го сака овој свет е чедо пријатно на светот. На ист начин, пак, оној, кој го презира светот и неговите соблазни е непријател на светот. Затоа св. ап. Павле ни вели: „Бидејќи ништо не сме донеле на светов, јасно е дека не можеме и ништо да однесеме" (1. Тим. 6, 7).


За да не се оддалечи христијанинот од Бога, не треба да се приврзува кон овој свет. Христијанинот е како и Адам, којшто беше поставен помеѓу Бога и Неговото создание. Кога по советот на лукавиот, Адам се заврти кон создаденото и проба од забранетиот плот, тогаш, тој отстапи од Создателот. Адам требаше да има љубов кон својот Создател, но таа љубов ја насочи кон созданието и тешко погреши, односно – погина. Слично се случува и со христијанинот, кој е измиен во бањата на светото крштение и е обновен и населен во светата Црква, и престојува помеѓу Бога и созданието, помеѓу небото и земјата. Бог на секој христијанин му вели: „Не сакајте го светот и сѐ што е во него. Ако некој го сака светот, во него нема љубов од Отецот" (1. Јн. 2, 15).


И св. Нектариј се придржувал кон овие Христови пораки, па затоа, уште од млади години, го презрел овој свет и сè што е во него, па се повлекол во Карејскиот скит на Света Гора, каде што во пост и молитва го поминал својот живот, подготвувајќи се за небесната татковина во царството небесно. Иако живеел пред повеќе од пет векови, св. Нектариј и денес се прославува и чествува како Атонска ѕвезда, која ја осветлува и просветлува секоја христијанска душа, која со вера и надеж му се обраќа за помош. Па и ние, кои сме собрани во овој свет манастир, да му се обратиме со молитва. Тој да ги пренесе нашите молби и прозби пред Севишниот Бог, па и ние, во нашиот од, да отфрлиме сè што е преодно и неважно во нашиот живот. Отфрлајќи го преодното, да го возљубиме светото, благородното и сè што ќе нè оттргне од временото и земното, а ќе нè води кон небесното и вечното.


Ја користам оваа прилика,  во името на свештенослужителите, како и во мое име, а и од ваше име, на игуменот на оваа света обител – архимандритот Нектариј, да му го честитам именденот. Нека е честито и за многу години.

 

Св. Нектариј Битолски
18.12.2017 година
Параклис „Св. Кирил и Методиј" – Манастир „Св. Наум Охридски"

 

prepnekt2017 1prepnekt2017 2prepnekt2017 3prepnekt2017 4prepnekt2017 5prepnekt2017 6prepnekt2017 7prepnekt2017 8prepnekt2017 9prepnekt2017 10prepnekt2017 11prepnekt2017 12prepnekt2017 13prepnekt2017 14prepnekt2017 15prepnekt2017 16 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5