„Откако твојот крст го зеде на рамо, мудар Науме, си Го следел Христа, единствениот Цар, од Кого си го примил и венецот на победата, како оној што се борел според правилата, богоблажени“ (песна од Канонот на Утрена на преп. Наум Охридски Чудотворец).

 

Празнувањето на споменот на преподобниот отец наш Наум Охридски Чудотворец, започна на 04.01.2018 година, во манастирот „Св. Наум Охридски“ во Охрид, со празнична вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, игумен на манастирот, протоереј-ставрофор Никола Христоски, свештениците Димче Азески и Сашо Целески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. 

 

Празнувањето продолжи на 05.01.2018 година, кога беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофор Никола Христоски, свештениците Димче Азески, Александар Димоски и Сашо Целески, еромонахот Наум и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме. 

 

Митрополит Тимотеј

 

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

Денеска, нашата света Црква го прославува големиот подвижник, св. Наум, Охридскиот Чудотворец. Треба да кажеме дека словото Божјо, на Македонската земја, прв го сеел св. ап. Павле, големиот проповедник на народите. Св. ап. Павле во своето послание до Тимотеј вели: „Христос Исус дојде во светот да ги спаси грешниците, меѓу кои сум прв јас" (1. Тим. 1, 15). Овие зборови, кога ги слушаме или читаме, сите на свој начин ги восприемаме. Апостол Павле, со овие зборови, не покажува само смиреност и подготвеност да ја прими волјата Божја дека, според домостројот на Предвечната Троица, Господ Христос доаѓа на Земјата за да го спаси родот човечки од грев. Според тоа, секој еден од нас може да каже: Јас сум прв меѓу грешниците. Но, во центарот на оваа мисла на апостолот е дека Господ Христос доаѓа, не да ги поддржи и поткрепи праведниците, туку, напротив, да ги спаси грешниците, бидејќи: „Здравите немаат потреба од лекар, а болните" (Мт. 9, 12).


Нема човек којшто живеел, како во минатото, така и денес, а и во иднина, кој нема да греши. Само Единствениот Бог е без грев. Овие зборови нѐ повикуваат на наша самоанализа, односно, на преиспитување на нашиот живот, на нашите мисли, постапки и дела. Во природата на човекот е секогаш да бара олеснувачка позиција за себе. Позиција според која нема да биде до крај соодветно коректен во анализата, па најчесто се споредува со други, познати, блиски, комшии и пријатели, па вели: Да, можеби јас сум грешен, но не сум како мојот комшија. Јас верувам во Бога, тој не верува. Јас одам во црква, тој не оди. Јас славам домашен ден, тој и тоа го игнорира. Не сум убил, не сум украл. Но тоа е една неискрена, неполезна анализа. Ако ап. Павле би постапувал по таа логика, тој би можел да се пофали повеќе од сите нас. Но, уште поважно, ова тој не го пишува на свој надреден, туку на свој ученик. Преку тоа нè поучува дека и ние треба да сме свесни за нашите гревови и престапи и, со таа подготвеност, да пристапуваме во црква и манастир, а пред сè, кон светиот Путир.


Многумина наши верници мислат и се однесуваат дека Господ Исус Христос е наш Спасител и Он ќе нè спаси по некој автоматизам, бидејќи Он е Многумилостив. Но, нашата вера и нашата Црква не е некоја магиска институција, каде што со некои нејасни зборови или дејанија се привлекува благодатта Божја врз верниците. Тоа е голема заблуда, погрешно мислење и погрешно верување. Божјата љубов се манифестира кон нас само тогаш кога ние цврсто веруваме и се надеваме на таа Божја енергија. Но, пред сè, потребен е наш труд, наше содејство, или како што светите отци го нарекуваат – синергија. Затоа, потребно е секогаш во нашата самоанализа да не се обидуваме да се споредуваме, а уште помалку да се оправдуваме.


Би сакал да истакнам еден убав пример, којшто ми останал во сеќавање уште во средно образование, пример од еден многупочитуван професор. Тој вака ни велеше: Деца, трудете се во својот живот да не барате оправдување, инаку, верувајте ми, секогаш ќе најдете.


Св. ап. Павле не го повикува само апостолот Тимотеј, својот сакан ученик, на покајание и на самоанализа, туку, нè повикува и сите нас. Нè повикува сериозно да пристапуваме во светиот храм, а не формално. Ние, често пати, ја читаме молитвата пред светата причест, во којашто велиме: Верувам, Господи и исповедам дека Ти си, навистина Христос, Синот на живиот Бог, Кој дојде во светот да ги спасиш грешниците, од кои првиот сум јас. Но, прашањето е, колку искрено ги кажуваме овие зборови? Сè се плашам дека ги изговараме механички, без длабоко размислување и вдлабување во нив, па затоа, и благодатта Божја, не секогаш ја чувствуваме во нашиот живот.
Да се обратиме со искрена молитва кон св. Наум, Охридскиот Чудотворец. Тој со неговите молитви нека ја зацврсти нашата вера и љубов, и кон Бога и кон луѓето. Па, со искрена самоанализа да пристапуваме во светиот храм Божји. Со искрено убедување дека сме грешни и дека ни треба помош за наше исцеление, како духовно, така и телесно. Тоа, пак, ќе го добиеме преку сознанието и покајанието за нашата гревовност, но, истовремено и нашата спремност да признаеме, пред Бога, дека сме грешни луѓе и бараме прошка, помош и помилување. Амин!

 

Св. Наум Охридски
05.01.2018 год.
манастир „Св. Наум Охридски" - Охрид

 

prepnaumzim2018 1prepnaumzim2018 2prepnaumzim2018 3prepnaumzim2018 4prepnaumzim2018 5prepnaumzim2018 6prepnaumzim2018 7prepnaumzim2018 8prepnaumzim2018 9prepnaumzim2018 10prepnaumzim2018 11prepnaumzim2018 12prepnaumzim2018 13prepnaumzim2018 14prepnaumzim2018 15prepnaumzim2018 16prepnaumzim2018 17prepnaumzim2018 18prepnaumzim2018 19prepnaumzim2018 20prepnaumzim2018 21prepnaumzim2018 22prepnaumzim2018 23prepnaumzim2018 24prepnaumzim2018 25prepnaumzim2018 26

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Јануар 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
29 30 31 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1