„Денес ликуваат сите ангели на небесата, и се радуваат луѓето, а се весели и сета твар поради Родениот во Витлеем Спасител и Господ, зашто идолската лага престана, а царува Христос во вековите“ (стиховна стихира на Вечерна на Рождество Христово).

 

Во навечерието пред големиот и радосен празник на раѓањето по тело на нашиот Спасител Господ Исус Христос, на 06.01.2018 година, во храмот „Св. Петар и Павле“ во Кичево, беше отслужена Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Стевче Тошевски, свештениците Ристо Камбуроски, Александар Матески и Александар Крстаноски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Вечерната богослужба, беа осветени бадниковите гранчиња, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј

 

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

Восхитувачки се откритијата во науката. Како е можно тоа да се случува? Откритија имаме во повеќе и на различни полиња. Во медицината, информатиката, астрономијата, електрониката и во другите научни полиња. Но, сето тоа, иако за нас, коишто не сме упатени во тие области, приближно ни е на чудо, сепак, тоа не е чудо. Во секоја област постојат стручни луѓе – научници, кои тоа, многу јасно и прецизно ни го објаснуваат.


Но, најголемо чудо во историјата на човечкиот род е доаѓањето, односно раѓањето на Богочовекот Господ Исус Христос на Земјата. Тоа се случува пред повеќе од две илјади години, кога Богочовекот стапнал на Земјата, одел по истата и живеел заедно со нас. Тоа е кога Господ Христос се раѓа од Светиот Дух и од света Дева Марија – Богородица, во Витлеемската пештера. Како и на кој начин тоа се случило, Светото писмо ни вели: „Голема е тајната на побожношта: Бог се јави во плот" (1. Тим. 3, 16). Ова е големо чудо. Раѓањето на Богочовекот ќе остане чудо за сите времиња и за сите векови. Ние, тоа чудо го славиме. Но, не го славиме само како историски настан, туку, првенствено како раѓање на Бога во плот, а и во нашите срца. Славиме чудо, кое непрестајно се случува.


Прославувањето на Божик и на Божјото раѓање, не значи само сеќавање на овој историски настан. Не значи само славење на Христа како врвна личност во историјата на човечкиот род. Не го прославуваме рождеството Христово бидејќи историјата се дели пред Христа и по Христа. Божик го славиме за да доживееме единство со Христа. Тоа подразбира дека ние со Неговото раѓање, подготвени сме да живееме во Христа и со Христа. Подготвени сме нашето севкупно битие да го ускладиме со Христа и со Неговата Божествена волја. Богораѓањето да го доживееме како наше преобразување и изменување на нашиот живот и на нашата личност. Во таа смисла и св. ап. Павле им пишува на Галатјаните: „Јас веќе не живеам, туку Христос живее во мене. А тоа што сега живеам во тело, живеам со верата во Синот Божји, Кој ме засака и Себеси се предаде за мене" (Гал. 2, 20). Со други зборови, ап. Павле сака да каже дека не е повеќе оној фанатичен фарисеј, строг исполнувач на стариот еврејски закон, учен философ, гонител на Христа, убиец на христијаните, Савле сега постанува Павле. Сега во него живее Христос како најголема Вистина, како најдобар Пат и како најсовршен Живот.


Да се угледаме на овие зборови на овој голем проповедник на словото Божјо. Та и ние да постанеме подготвени, како него, не ние да живееме, туку Христос да живее во нас. Тоа може да биде само тогаш, кога ќе го измениме нашиот живот, од грешен во чесен, од порочен кон непорочен, кога нашата слобода и волја ќе ги потчиниме на волјата Божја. Тогаш ќе можеме вистински да Го примиме Христа во нашите срца, во нашите души, односно, во нашиот живот. Ако успееме така да се подготвиме и со овие зборови на ап. Павле да Го пресретнеме Христа, тогаш, тоа ќе биде најсреќен ден и најрадосен Бадник во нашиот живот.


Нека Бадниковата вечера нè обедини во љубов и во слога, пред сè, во нашите семејства и помеѓу нас христијаните. Божјата љубов и Неговата милост да нè облагороди, просветли и освети, па да одиме по Христовиот пат кој е тежок, но и единствен кој е спасоносен и кој нè води кон царството небесно. Несомнено дека Господ Христос стои и чука на нашето срце и на нашата душа, чекајќи да ги отвориме портите, за да влезе и да престојува во нас и со нас, да нè облагороди, освети и просветли и да ги спаси нашите души.
Честит Бадник и уште порадосен Божик. Амин!

 

Бадник
06.01.2018 год.
храм „Св. Петар и Павле" - Кичево

 

badnik2018 1badnik2018 2badnik2018 3badnik2018 4badnik2018 5badnik2018 6badnik2018 7badnik2018 8

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Јануар 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
29 30 31 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1