На 28.01.2018 година, во Неделата на цариникот и фарисејот, во манастирот „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, присуствуваше на светата Златоустова Литургија, а по завршувањето на Литургијата, се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која во целост ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј

 

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

Четвртата недела пред почетокот на Великиот пост, светата Црква ја нарекува Недела на цариникот и фарисејот. Тоа е всушност и првата подготвителна седмица за Големиот, односно, Велигденскиот пост. На денешната утринска богослужба, ја слушнавме прекрасната песна Покајанија двери, отверзи ми Жизнодавче. Преку тоа, Црквата нè повикува Велигденскиот пост да го поминеме во покајание.


На светата Литургија, пак, се читаше Евангелието за цариникот и фарисејот. Фарисејот влегол во храмот, велејќи дека пости, дава десеток од имотот, два пати во неделата оди во храмот и дека не е како другите, грешни и никакви. Гледано од човечки аспект, би рекле дека овој човек бил благочестив, бидејќи го исполнувал Мојсеевиот закон. Покрај него, пак, стоел еден цариник. Тој бил свесен за својата гревовност и немал смелост ниту очите да ги подигне кон небото, туку, понизно и скрушено се молел на Бога: „Боже, биди милостив спрема мене грешниот!" (Лк. 18, 13). Самата служба на цариниците, во тоа време, била презрена од Јудеите. Била презрена бидејќи биле службеници на Римската власт и често пати знаеле да наплаќаат повеќе отколку што треба, или, како што би го рекле тоа денес, биле корумпирани. Овој цариник не употребува ниту еден збор за да се оправда. Никакви споредби со други луѓе, туку, само барал да се ослободи од душевната состојба и барал Бог да му помогне во положбата, во којашто се наоѓал. На крај, Господ Исус Христос не вели дека фарисејот е осуден. Господ Христос вели дека цариникот си заминал повеќе оправдан отколку фарисејот. Прекрасно звучат зборовите „секој што се издига, ќе биде понизен; а тој што се понизува, ќе биде издигнат" (Лк. 14, 11).


Се поставува прашањето, со што нè поучува денешното Евангелие? Еден свет отец, многу убаво вели за овој текст: „Ревнувај за добродетели, односно, труди се да правиш добри дела, но, надежта полагај ја во Господа, затоа што Он спасува". Светителот не вели дека добри дела не се потребни. Тој предлага да се трудиме, да правиме добри дела, но, треба да знаеме дека Господ го спасува човекот, а не делата. Тука, никнува главното прашува, што е тоа што го спасува човекот? Со што започнува спасението? Одговорот го наоѓаме во денешното Евангелие. Цариникот осознава дека е грешен и се обраќа кон Бога. Не Му вели: Господе јас сега ќе одам и ќе платам десеток, ќе правам други добри дела итн. Не, тој не зборува такво нешто, туку, бара и моли Бог да ја наклони Неговата милост кон него грешниот. Тој ја сознал сопствената гревовност и е свесен дека погинува. Свесен е колку е важна за него неговата молитва и колку е важно неговото насочување кон Бога. Затоа, тој повикува кон Бога со многу едноставни зборови: Боже, биди милостив спрема мене грешниот.


Тука започнува спасението. Ако ние мислиме дека нашите добри дела, нашиот овоземен живот, нашето исполнување на државниот или црковниот закон нè спасуваат, тогаш, ние сме во голема заблуда. Понекогаш знаеме да правиме добри дела. Ги правиме за да бидеме фалени, да се наметнеме како честити, да постигнеме некоја овоземна позиција, но, не правиме ништо за спасение на нашата душа. Денешното Евангелско четиво, биењето во гради и давањето десеток не ги става во центарот, туку, духовниот живот. Без сознанието за својата гревовност, без покајание и без сознанието дека Бог спасува, не можеме да се спасиме. Никакви добри дела не спасуваат, тие само можат да ни послужат на патот кон спасението.


Господ Исус Христос ни се обраќа на сите со Неговите зборови. Секој од нас се споредува со други луѓе и ние честопати се оправдуваме кога се тешиме дека не сме како нашиот сосед, па дури и како нашите браќа и сестри. Честопати си велиме, јас живеам многу поубаво и поисправно од останатите. Но, сето тоа е привидно смирување на нашата совест, коешто ни попречува да го најдеме патот на покајанието. Со никого не треба да се споредуваме, туку, потребно е да ја слушаме нашата совест. Доколку таа молчи, потребно е да ја разбудиме со молитва и со обраќање кон Бога.
Овој пример нека ни послужи, кога влегуваме и се молиме во црква, да не бараме оправдување, туку, да ја согледаме нашата гревовност и да бараме милост од Бога. Преку покајни солзи, пак, да испросиме благослов и благодат за спасение на нашите души. Амин!

 

Недела на цариникот и фарисејот
28. 01. 2018 година
ман. „Св. Климент и Пантелејмон" Плаошник Охрид

  

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Февруар 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
26 27 28 29 30 31 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 1