„Во она време на Синајската Гора Мојсеј Го виде Бога одзади, и се удостои да го слушне тенкиот глас Божји во мракот и ветрето; но сега Симеон можеше во своите раце да Го држи Бога, Кој заради нас се воплоти неизменливо, и радосно брзаше да замине одовде во вечниот живот. Затоа викаше: Сега го отпушташ Својот слуга, Владико“ (седален на Утрена на Сретение на Господ Исус Христос).

 

На 15.02.2018 година, на великиот празник Сретение на Господ Бог и Спасителот наш Исус Христос, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Струга, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Васко Голабоски, свештеникот Петар Бојчиноски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Христијан Костоски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме. 

Sports brands | Vans Shoes That Change Color in the Sun: UV Era Ink Stacked & More – Fitforhealth News

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

 

Денеска, нашата света Црква прославува еден од Богородичните празници, односно, Сретение на Господа Исуса Христа. Овој празник е воспоставен во чест на старозаветниот праведник Симеон и пророчицата Ана, а посветен е на Пресвета Богородица. Според Стариот завет, на четириесеттиот ден, секој првороден младенец, бил должен да се посвети на Бога. Овој обред се извршувал во Ерусалимскиот храм. Во чест, пак, на посветувањето на Бога, родителите принесувале жртва и тоа, секој колку што можел. Побогатите принесувале крупен добиток, додека, пак, посиромашните принесувале поскромни жртви, односно, две грлици или два гулаби. Со таква жртва дошла и св. Дева Марија во Ерусалимскиот храм, да Го посвети својот Првенец на Бога.


Старозаветниот праведник Симеон, според преданието на Црквата, бил еден од седумдесетте преведувачи на Библијата од еврејски на грчки јазик, во науката позната како Септуагинта. Кога Симеон го преведувал пророкот Исаија, особено, местото: „Ете, Девица ќе зачне и ќе роди син" (Ис. 7, 14), тој, се посомневал и се обидел да го преправи, бидејќи тоа му изгледало нелогично и несфатливо, како што и на мнозина денес оваа тајна им е неразбирлива и не восприемлива. Но, на сон имал видение и Господ, преку Својот ангел, му вели дека нема да доживее смрт, додека не Го види родениот од Дева. Симеон бил во длабока старост и живеел во очекување да Го сретне Спасителот. Св. Дева, на четириесеттиот ден, Го носи Младенецот во Ерусалимскиот храм, а Симеон, пак, воден од Духот Свет, доаѓа во храмот и Го сретнува Господа и ја изговара прочуената молитва: „Сега го отпушташ Својот слуга со мир, Владико, според зборовите Твои; зашто очите мои го видоа спасението Твое" (Лк. 2, 29 – 30). Оваа молитва ја читаме редовно на секоја вечерна богослужба. Покрај овие зборови, праведниот Симеон пророчки ќе ѝ се обрати на св. Дева Марија: „Еве, Овој лежи за паѓање и подигање на мнозина во Израилот, а и на тебе самата меч ќе ти ја прободе душата" (Лк. 2, 34 – 35). Овие зборови во целост се оствариле во животот на нашиот Спасител Господ Исус Христос.


По Неговото воскресение Он, за оние кои Го примаат, постанува темел за издигнување и спасение, а за другите, пак, кои се откажуваат од Него, за паѓање и за погубување. Тоа паѓање и станување постојано се случува до ден денешен. Се поставува прашањето, зошто тоа се случува? Би можеле да речеме дека тоа е една невообичаена појава. Бог доаѓа во светот, стана Човек, направи многу чуда, воскреснува од мртвите, ја основа Црквата и вратите на пеколот нема да ја надвладеат (Мт. 16, 18), но, и покрај сето тоа, многу луѓе не Го примаат Спасителот. Не веруваат во очевидниот факт – во Воскресението. Не ја признаваат таинствената сила на Духот Свет, Кој се пројавува во Црквата и остануваат бесчувствени кон проповедта на Црквата. Но, има и луѓе кои не само што ги примиле Господовите зборови, туку, останале со Него во права смисла на зборот и, утврдени во верата, поднеле дури и страдања. Исповедувањето на верата не било секогаш едноставно. Целата историја, па и нашето време, ни сведочи за разни притисоци, разни негирања, потценувања на верата и учењето на Црквата. Но, Црквата и верата, како Божјо создание, сето тоа го надминува, го пребродува и останува, бидејќи верата е всадена во самото битие на луѓето.


Се поставува прашањето, зошто овој празник се нарекува Богородичен празник? Затоа што во зборовите кои се упатени кон Дева Марија, ја наоѓаме потврдата на нашата вера. Затоа што таа се јавува како претстателка и молитвеница за нас. Затоа што нејзината душа била прободена, гледајќи ја својата Рожба на страдање. Но, тоа страдање ѝ дало голема сила да проникнува во многу наши срца. Па така, таа и денес ги слуша сите наши прозби и молби и на сите оние што веруваат во нејзината сила и надеж.


Прославувајќи го денеска овој историски настан, должни сме да размислиме што се случува со нас. Дали сме заедно со оние што стојат со Христа или, пак, со оние што се оддалечиле од Него? Должни сме да размислиме, дали нашата вера е доволно силна и дали ние веруваме во застапништвото на Божјата мајка? Дали веруваме дека таа е подготвена да ни помогне, ако искрено ѝ се молиме? Со нејзиното застапништво да одиме по патот на Господа Исуса Христа, спечалувајќи вечен и блажен живот. Амин!

 

Сретение Господово
15. 02. 2018 година
Храм „Св. вмч. Георгиј" - Струга

 

sretenie2018 1sretenie2018 2sretenie2018 3sretenie2018 4sretenie2018 5sretenie2018 6sretenie2018 7sretenie2018 8sretenie2018 9sretenie2018 10sretenie2018 11    

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Април 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 31 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 1 2 3