„Со воздржување да побрзаме сите телото да го смириме, минувајќи го божественото поприште на светиот пост, и со молитви и солзи Господа, нашиот Спасител, да Го побараме, викајќи: Згрешивме, спаси нè, како некогаш Ниневјаните, Христе Цару, и заедничари на Царството небесно, Милосрден, направи нè“ (стихира на Господи повикав... на Вечерна на Прочка).

 

На 18.02.2018 година, во храмот „Успение на Пресвета Богородица - Каменско“ во Охрид, во вечерните часови, беше отслужена Вечерна богослужба, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Димче Ѓорѓиески, свештеникот Горан Ставрески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Вечерната, според одамна воспоставената традиција, сите присутни си побараа прошка еден од друг, та со дадено простување и со чисто срце да зачекорат во очистителните води на претстојниот Велигденски пост. Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме. 

bridge media | adidas Campus 80s South Park Towelie - GZ9177

 

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух.

Драги браќа и сестри,

Светата Црква, во изминативе три недели, подготвувајќи нè за почетокот на Великиот пост, нè собра вечерва во овој свет храм. Нè собра и, преку чинот на взаемното простување, од утре да настапиме на духовното борбено поле. На полето против гревот и против сите страсти, со кои треба да се бориме и, со измолената Божја благодат, да ги победиме, па радосно да го дочекаме и светлото Христово воскресение.


Велигденскиот пост е навистина период кој ни дава услови, кога, секој еден од нас може внатрешно да се преобрази и да го измени сопствениот живот. Овој период е поврзан со засилена молитва, со воздржување, со употреба на посна храна и размислување за нашиот внатрешен мир. Сето тоа, пак, создава многу полезни услови за да донесеме исправни решенија, па во таа смисла и да се ослободиме од бремето и власта на гревот.


Евангелието нè учи на еден неопходен услов, без кој, човекот, од Бога не може да прими опростување на гревовите. Овој услов го знаеме скоро сите, бидејќи тој е кажан во Господовата молитва: „И прости ни ги долговите наши, како што им ги проштеваме и ние на нашите должници" (Мт. 6, 12). Тука не станува збор за финансиски долгови или долгови од друг аспект. Тука нема никакви спекулации и преносни значења на зборовите, туку, јасно и гласно се зборува за нашите гревови и престапи. Овие наши гревови неретко нè лишуваат од мирот, создавајќи ни внатрешен немир, а неретко предизвикуваат и отворена агресија. Таа агресија некогаш е прикриена, а некогаш отворено се манифестира. Честопати, гревовите знаат да бидат и причина за конфликти. Некогаш самите се јавуваме како причина, а друг пат, на злото одговараме со зло.


Со што најпрво треба да го започнеме Велигденскиот пост? Треба да знаеме дека не можеме да имаме никаква надеж дека ќе ни бидат простени нашите гревови, ако ние нема да им ги простиме на оние што ни згрешиле. Потребно е да испросиме прошка на гревовите, проштевајќи им на нашите ближни. Само така ќе може да добиеме прошка од Бога, но, и од нашите ближни. Нема ништо да примиме, ако ние не им ги простиме гревовите на другите. Се поставува прашањето, зошто постои таква внатрешна зависност? Зависност на еден човек од друг? Зошто мојот личен однос со Бога, треба да го градам преку моето поведение со ближниот? Нашиот Спасител Господ Исус Христос на овој свет доаѓа токму поради тоа. Он доаѓа да нè ослободи од ропството на гревот, за гревот да не господари над луѓето.


Од Светото писмо познато ни е дека за секое престапување и за секој грев, човекот е должен да поднесе казна. Бог, во лицето на Исуса Христа, таа казна ја примил врз Себе, и покрај тоа што немал никаков грев. Синот Божји и Синот Човечки, се принесе Себеси на Голгота за жртва на гревовите на родот човечки, искупувајќи нè од ропството на гревот. Се поставува прашањето, дали искупувањето се јавува како синоним на проштевање? Не! Не се јавува. Господ ги искупил гревовите и нè ослободил од одмаздата за гревот. Но, постои еден друг услов. Должни сме да ги знаеме и да ги осознаваме сопствените гревови. Должни сме за нив да се каеме и да бараме простување и милост Божја. Без покајание не можеме да се надеваме на Божјата милост и победување на сите страсти и слабости, кои нè придружуваат во севкупниот наш овоземен живот.


Да го исползуваме претстојниот период на Великиот пост, преку пост, молитва и покајание да се ослободиме од сите наши престапи, грешки и гревови и, ако се трудиме, нема да биде далеку и Божјата помош. Бог, пак, ќе ни даде сила и мудрост да се измениме и да се препородиме. Духовно препородени и изменети, радосно да го дочекаме и светлото Христово воскресение. Амин!

 

Прочка - вечерна
18. 02. 2018 година
Храм „Успение на Пресвета Богородица – Каменско" – Охрид

 

prockavec2018 1prockavec2018 2prockavec2018 3prockavec2018 4prockavec2018 5prockavec2018 6prockavec2018 7prockavec2018 8prockavec2018 9prockavec2018 10

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5