„Тебе, Богородице, поборнице војвотко, ние твоите слуги, од злото избавени, победна и благодарствена песна ти пееме: Како онаа што имаш сила непобедлива, од секакви неволји ослободи нѐ, за да ти викаме: Радуј се, Невесто неневесна!“ (кондак на утрена на Благовештение на Пресвета Богородица).

 

На 07.04.2019 година, во Четвртата недела од Великиот пост и на празникот Благовештение на Пресвета Владичица наша Богородица, во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Василиева Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Сашо Богданоски, свештениците Кирил Јованоски, Горан Ставрески и Љупчо Бакрачески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. На Литургијата, Митрополитот Тимотеј го произведе во протоерејски чин свештеникот Кирил Јованоски, како заслуга за неговата долгогодишна свештеничка дејност, која отец Кирил ја извршува ревносно и со страв Божји. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон неизбројниот верен народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

Buy Sneakers | off white nike blazer retail shoes Verona Multi-Color DJ5065-144 , Fitforhealth

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,


Денеска светата Православна Црква прославува два големи празници – Благовештението на Пресвета Богородица и Четвртата недела од Великиот пост, во која се прославува еден голем подвижник на православието – Јован Лествичник. Денес ќе кажеме неколку збора за Благовештението, бидејќи овој празник е почеток на сите Господови празници, како и почеток на нашето спасение. Токму така пееме и во тропарот на овој празник. Денеска целиот свет се радува и торжествува заради неискажливата Божја снисходливост и милосрдие кон човечкиот род. Денес Марииниот Син од неа прима човечко тело, бидејќи кога Адам згреши, Бог го истера од Рајот и го осуди на смрт, та заради него, беше осуден и целиот човечки род. Затоа Бог слезе од небото на земјата и постана човек. За да ги избави луѓето од смртната пресуда. Денес архангелот Гаврил слезе од небото и ѝ благовести на Дева Марија за неискажливата радост за Христа, односно за Неговото воплотување, кое било непознато и за ангелите. Само на архангелот Гаврил тоа му било кажано од милостивиот Бог, Кој постојано се грижи за човечкиот род.


Поради големата милост, Бог повеќе не можел да гледа како Неговото создание е поробено од ѓаволот. Затоа благоизволил да Го испрати Својот Единороден Син – Словото Божјо за да нè избави од ѓаволското ропство и да нè издигне во вечен живот. Оваа тајна била сокриена од целиот создаден свет. Била соопштена само на архангелот Гаврил кого Бог тајно го испраќа од небесните височини да појде кај Пречистата Дева Марија во градот Назарет за да ѝ соопшти дека ќе зачне и ќе Го роди недостижното и неизречено Божјо Слово, Кое е Единосушно со Отецот. Кога слегол кај Марија, тој ѝ рекол: „Радувај се благодатна Марија, Господ е со тебе. Благословена си ти меѓу жените..." Марија слушајќи ги овие зборови се исплашила и во себе се прашала: „Што ли значи тоа?" Ангелот ѝ рекол: „Не плаши се Марија, зашто ти најде милост пред Бога, и ете сега ќе зачнеш и ќе родиш син и ќе го наречеш Исус" (Лк 1, 28-36). По нејзината согласност, откако изговорила: „Ете ја слугинката Господова", ангелот си заминал.


Така, на денешен ден, Синот и Словото Божјо се смести во Мариината утроба за да Го обожи своето создание и да го доведе во првобитната состојба. Оној Кој не може да се смести во самото небо се сместува во своето создание и Синот Божји постана Син на Дева. Оној Кој беше роден од Бог Отецот без мајка пред создавањето на светот, на неискажлив начин во светот, како светлина од светлина, сега се роди на чуден начин од мајка без татко со две природи – Божја и човечка, односто како Бог и човек. Бог денес се зачна во Мариината утроба и се јави на земјата за да го побара загубеното човештво како изгубената овца.


Милостивиот Бог гледаше како родот човечки беше паднат во идолопоклонство и многубоштво, та не можејќи да ја гледа таа жална состојба каде ѓаволот го разграбува и го погубува неговото стадо, најпрво испрати пророци кои претскажуваа за Неговото раѓање. А кога се исполни времето, Бог го испрати архангелот Гаврил да појде кај Марија Дева и да и ја соопшти радосната вест: „Радувај се Благодатна, Господ е со тебе. Сега ќе зачнеш Син и ќе Го наречеш Исус – Спасител (Лк. 1,28 и 31). Зашто Он ќе ги спаси луѓето од гревовите (Мт. 1, 21)", како што слушнавме и во денешното Евангелие.


На денешен ден од Бога примивме голем дар, бидејќи нашиот непријател ѓаволот беше врзан. Неговите служби и идолски жртви беа поразени. Денеска од рајската порта се отстрани херувимот кој стражареше со огнен меч и ги прогонуваше луѓето. Денес секој човек христијанин кој верува во Христа и прави добри дела, без проблеми влегува во големата радост, односно во Рајот. Денеска Адам се радува кога Го гледа Создателот облечен во човечка природа. Ева се весели, бидејќи главата на змијата е сотрена и целиот свет се весели за своето ослободување и избавување.


Само ние кои сме обременети со многуте гревови и лоши дела, не можеме да ја имаме таа голема радост. Затоа треба да прибегнеме кон покајание и да ги исповедаме нашите гревови кои се смрт за душата. Тие Го прогонуваат Бога, Кој живее во нашата душа. Ние знаеме дека како што душата е живот за телото, така и Бог е живот за душата. Исто така, како што телото без душа е мртво, така и душата без Бога е мртва, и стои во телото како погребана во гроб. Таков е секој грешен човек, без покајание. Иако телото му е живо, душата му е мртва заради многуте престапи и гревови. Но, штом душата се кае, таа одново оживува. Ние знаеме за блудниот син. Додека бил кај својот татко, тој бил негов син-наследник, а кога се оддалечил од таткото и станал блуден син – се умртвил. Но, кога се обратил со покајание, пак оживеал и ја воскреснал својата душа.


И ние да се поучиме од овој пример, та со покајание да се обратиме кон Семилостивиот Бог да ни даде сила и храброст. Да го победиме злото во нас и овој Велигденски пост да го исползуваме за наше очистување, облагородување и осветување. За да може да го оствариме тоа, да се обратиме со молитва кон мајката Божја и кон свети Јован Лествичник. Тие да бидат наши молитвеници, за да стекнеме милост од Бога и да ги спасиме нашите христијански души. Амин.

 

07.04.2019 год.
Четврта недела од Великиот пост и Благовештение
Храм „Св. Софија" Охрид

 

blagoves2019 1blagoves2019 2blagoves2019 3blagoves2019 4blagoves2019 5blagoves2019 6blagoves2019 7blagoves2019 8blagoves2019 9blagoves2019 10blagoves2019 11blagoves2019 12blagoves2019 13blagoves2019 14blagoves2019 15blagoves2019 16blagoves2019 17blagoves2019 18blagoves2019 19

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Април 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 31 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 1 2 3