„Желна да го видиш Крстот, со просвештението на крстот си се озарила, Марие, и со еден знак на Оној што на крстот се прикова, како Него се распна за светот и ти, која за восхит си достојна“ (песна од канонот на Утрена во Петта недела од Великиот пост).

 

На 14.04.2019 година, во Петтата недела од Великиот пост, посветена на светата Марија Египетска, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Василиева Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Димче Ѓорѓиески и Игор Никовски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, која ви ја пренесуваме во целост.

Sports brands | balerínky

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,


Во светото Евангелие се опишува еден настан кој е многу карактеристичен и поучен за сите нас. По трет пат Господ Исус Христос одејќи кон Ерусалим им открива на своите ученици и апостоли дека оди на страдање. Им открива дека ќе биде предаден, суден, понижуван, биен, распнат, а на третиот ден и ќе воскресне. Сето Негово претскажување, за жал не побудило сожалување кај Неговите апостоли. Наместо тоа, двајцата Негови најблиски ученици – Јаков и Јован, синовите Заведееви, побарале од Господа Христа да седнат едниот оддесно, а другиот одлево на Христа во Царство небесно. (Мт. 20, 21)


Ваквата желба и човечка суета за земни почести и слава не му е непозната на човекот, па тоа и како да е вградено во природата на нас грешните луѓе. Овие апостоли, како и останатите, сѐ додека не биле просветлени и осветени со благодатта Божја преку слегувањето на Светиот Дух на Педесетница, и покрај тоа што Го следеле Христа три години и ги гледале Неговите чуда, сепак останале земни и се труделе и грижеле за земна, слава, почести и слично. Христос не доаѓа и не проповеда за земно царство, туку за небесно, духовно, непреодно и вечно Царство. Затоа, во денешното Евангелие ги слушнавме зборовите на Господа Христа, Кој вели: „Знаете дека оние што се сметаат кнезови народни, господарат над нив, и управниците управуваат со нив. Но, меѓу вас нека не биде така; а кој меѓу вас сака да биде поголем, нека ви биде слуга и кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде роб на сите". (Мк. 10, 42-44)


Господ Исус Христос со Неговата проповед и со Неговото учење, промовира поинакви принципи на вреднување отколку што биле познати пред Неговото доаѓање. Сите култури и сите народи, луѓето пред Христа ги ценеле според нивните позиции, сили, можности, власт и сл. Христос, пак, сето тоа го става на втор план и промовира поинакви принципи, а како главен принцип го поставува жртвувањето на себеси за другите. Христос ништо не бара од своите ученици и од нас како Негови следбеници и христијани, што и Самиот не го направил. Тој покажал со Својот пример дека не е дојден да Му служат, туку да служи и да ја даде Својата душа за откуп на многумина. (Мк. 10, 45) Христос и пред да пострада, покажал пример на апостолите кога се смирил и понизил како пример на служење. Тој на тајната вечера им ги измил нозете со вода и ги избришал со крпа. Преку тоа покажал, дека и тие, а и сите ние треба така да се жртвуваме за нашите блиски. Овој Христов пример се покажува и на други полиња, а не само на религиозен план. Ако земеме пример од било која наука, ќе видиме дека сите големи научници жртвувале од своето време, од своите можности за убав и лесен живот. Тие оделе и проучувале пустини, мориња и прашуми, каде често ги жртвувале своите животи, со цел да дојдат до нови сознанија кои ќе бидат во полза на целокупното човештво. Колку лекари со намера да откријат нови лекарства ги изложувале своите животи на опасности, имајќи единствена цел да откријат и да пронајдат нови медикаменти за да му помогнат на човечкиот род.


Од друга страна, желбите за слава и сила честопати ги претвораат луѓето од луѓе во нелуѓе. Постои една источна приказна, која раскажува како во едно племе живееле двајца пријатели. Немало ден тие да не се посетат меѓусебно и да не ги споделат меѓу себе своите маки и радости. Но, се случило едниот од нив да биде избран за шеик на племето, по што се преселил во владетелската палата. По некое време, според локалниот обичај, стариот пријател одлучил да го посети, да му искаже почит и преданост како на свој поглавар. Кога отишол во палатата, по долго убедување, бил пуштен од стражарите во дворецот на својот пријател. Кога се отвориле портите и блеснал сјајот од златото, среброто и другите богатства, човекот што пошол да искаже почит, целиот се збунил од сјајот и почнал да се врти на сите страни, како да бара некого, кого не може да го најде. Шеикот му проговорил: „зар не ме гледаш". Пријателот одговорил: „додека седеше на триножно столче, од тебе не можев да го видам столчето. Сега, пак, од твојот трон не можам да те видам тебе". Преку оваа приказна на еден симболичен начин се искажува дека столицата, како сила и моќ, како власт и чест, може да го засени човекот, а со тоа и сите човечки особини.


И ние, наоѓајќи се во овој Велигденски пост, а прославувајќи ја и света Марија Египетска да се обидеме да отфрлиме од нашиот ум, срце и волја секакви суетни мисли и постапки, кои ќе не оддалечуваат од Христа Бога, од Неговата правда и љубов, а преку тоа и од Неговата благодат. Да се огледаме на Господа Христа и да правиме добри дела, но да се надеваме и на милоста Божја. Така ќе го добиеме Царството Божјо, кое уште тука на земјава ќе го предвкусиме, а во вечниот и блажен живот ќе Го славиме Триединиот Бог заедно со Неговите ангели и сите Божји угодници. Амин.


14.04.2019 год.

Петта недела од Великиот пост

Храм „Св. Георгиј Победоносец" Охрид 

 

5nedela VP 15nedela VP 25nedela VP 35nedela VP 45nedela VP 55nedela VP 65nedela VP 75nedela VP 8 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5