„Откако ја исполни промислата за наша полза, и земното го соедини со небесното, се вознесе во слава, Христе Боже наш, без да се разделиш од нас, но останувајќи секогаш со нас, и викајќи им на оние што Те љубат: Јас сум (секогаш) со вас, и никој ништо против вас не може“ (кондак на Утрена на Вознесение Христово - Спасовден).

 

На 06.06.2019 година, во четириесеттиот ден по Господовата Пасха, кога го празнуваме сесветлото Вознесение Христово, во манастирот „Вознесение Христово“ („Св. Спас“) во с. Г. Лакочереј, Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Димче Ѓорѓиески, протоерејот Кирил Јованоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, која подолу во целост ви ја пренесуваме. На самиот крај, беше извршена и празнична литија околу светиот храм, а потоа литијата продолжи и до местото каде што е поставен големиот Крст во селото, како благодарност кон Господа за сите направени добрини. Во продолжение ви ја пренесуваме беседата на Митрополитот Тимотеј.

latest jordans | Buy Yeezy Slides 'Core' - Kanye West x Adidas — Ietp

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,


Денес прославуваме еден голем и значаен настан од историјатот на нашето спасение. Поточно го прославуваме Вознесението на Господа Исуса Христа. Според волјата Божја Он ја изврши мисијата на спасението и го ослободи човечкиот род од смртта, гревот и ѓаволот. По Своето славно Воскресение, Господ Исус Христос им се јавувал на Своите ученици во текот на четириесет дена и откако ги поучил им дал да ја проповедаат Неговата наука, по што „се вознесе на небото и седна од десната страна на Отецот" (Мк. 16, 19). Ние со особено молитвено расположение и блаженство во душите го славиме овој настан, сеќавајќи се на успешното извршување на мисијата на нашиот Спасител Господ Исус Христос на земјата и меѓу луѓето.


Он доаѓа според волјата на Отецот небесен од небото на земјата помеѓу грешното човештво. Во оваа долина на тага, мака, бол и воздишки, на беззаконие, на лаги и измами, за да ги ослободи луѓето од тешкото гревовно бреме и да ги спаси нивните души. Доаѓа помеѓу луѓето и им го открива својот божествен закон за верата, надежта и љубовта. За вера во едниот Бог Отец, создател на сѐ видливо и невидливо. Наука за љубовта на Бога кон луѓето како кон свои браќа, па дури и кон Неговите непријател. Христос вели: проповедајте ја верата на сите луѓе, сакајте ги сите луѓе, па и непријателите, благословувајте ги оние што ве колнат, правете им добро на тие што ве мразат и молете се за тие што ве навредуваат и гонат. (Мт. 5, 44) Христос проповеда нова наука, наука за братска љубов, вистина и правда, морална чистота и совршенство. Он постојано патува од место во место и секаде ја проповеда Својата наука, повикувајќи ги грешниците на покајание. Тој ги просветлувал непросветлените, ги учел на законот Божји неуките, ги лекувал болните од различни болести, па дури и мртви воскреснувал. Ги подигнувал од гревовната кал големите грешници и ги облагородувал нивните срца. Сега, откако Он ја изврши волјата Божја, се враќа кај Својот Отец, оставајќи ги учениците да го продолжат неговото дело, да одат по светот и да ја проповедаат неговата наука за царството Божјо, крштевајќи ги луѓето во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. „И кога ги повика Своите дванаесет ученици, им даде власт над нечистите духови, да ги изгонуваат и да лекуваат секаква болест и секаква немоќ" (Мт. 10, 1) и им рече: „сè што сврзете на земјата, ќе биде сврзано и на небото; и сè што разврзете на земјата, ќе биде разврзано и на небото" (Мт. 18,18).


И ние сме деца Божји и за нас е наменето царството Божјо. Нашиот живот на земјата е привремен. Ние сме тука на привремено училиште на живот, во кое единствено сме должни внимателно да го изучиме законот Божји, кој нашиот Спасител Господ Исус Христос го донел од небото. Должни сме да ја запознаеме волјата Божја и да живееме и работиме според неа. Со нашите добри дела да го славиме и фалиме името Божјо, живеејќи во братска љубов со сите луѓе и така да го заслужиме царството Божјо, бидејќи Христос на сите ни порачува: „Барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и сè ова ќе ви се придаде". (Мт. 6, 33)


Ако објективно го анализираме нашиот живот на земјава ќе заклучиме дека на нашиот животен пат има повеќе коров и трње, а помалку миризливи цвеќиња. Повеќе болка и горчина, отколку радост и среќа. Повеќе тмурни и градобитни денови, отколку сончеви и топли. Но да се запрашаме од каде и зошто? Одговорот е – поради нашата слаба вера, или подобро речено поради нашето неверување во Бога и Неговата вистина и правда. Малку, а некаде ни малку нема вера во севишниот Отец небесен, а исто така и љубов кон браќата свои. Порокот ги потиснува добрите дела, па место на вистината го зазема лагата, а местото на мирот – насилството.


Прославувајќи го овој голем празник на Вознесението на нашиот Господ Исус Христос да упатиме срдечни молитви кон милостивиот Бог за да ни помогне, та искрено да се покаеме за нашите тешки прегрешенија. Он, пак, како милостив наш Отец да ни прости како на Свои деца, па Господ да всели во нашите души и срца вера и љубов кон Бога и нашите ближни. Така во текот на остатокот од живот да работиме во исполнување на волјата на нашиот небесен Отец, па ќе спечалиме вечен и блажен живот. Амин.


Вознесение Христово
Манастир „Вознесение Христово“ - с. Горно Лакочереј, Охрид
06.06.2019 год.

 

spasovden2019 1spasovden2019 2spasovden2019 3spasovden2019 4spasovden2019 5spasovden2019 6spasovden2019 7spasovden2019 8spasovden2019 9spasovden2019 10spasovden2019 11spasovden2019 12spasovden2019 13spasovden2019 14spasovden2019 15spasovden2019 16spasovden2019 17spasovden2019 18spasovden2019 19spasovden2019 20spasovden2019 21spasovden2019 22spasovden2019 23 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5