„Да го воспееме сите врвот на апостолите, божествените Петар и Павле, светилници на вселената, проповедници на верата, труби на Божјата наука, толкувачи на учењата, столбови на Црквата и разорители на лагата“ (светилен на Утрена ан св. апостоли Петар и Павле).

 

На 12.07.2019 година, денот кога го прославуваме споменот на светите славни, сефални и првоврховни апостоли Петар и Павле, во храмот „Св. Петар и Павле“ во Кичево, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот Стевче Тошевски, свештеникот Александар Матески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, беше извршен чинот на Мал водосвет и беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме. 

Nike sneakers | Autres

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,


Денес нашата света Црква ги прославува првоврховните апостоли на Евангелието Христово, светите Петар и Павле. Овие двајца Божји угодници се удостоиле да го носат епитетот и свети и апостоли. Самиот збор „свет" доаѓа од грчкиот збор „агиос" што значи човек поинаков од нас обичните смртници. Тој е поинаков со силата на својата вера, со силата на љубовта и надежта во милоста Божја и тој е најдобар пример на евангелскиот живот. Светија е човек кој за време на неговиот живот секојдневно расте во добродетелите, и на крај во него сѐ повеќе живее Христос, а сѐ помалку земниот човек. Затоа и светиот апостол Павле при крајот на својот овоземен живот кажал: „Не живеам повеќе јас, туку Христос живее во мене" (Гал. 2, 20).


Со својот живот и работа, светителите се Христови сведоци. Тие не се пропагатори на верата Христова, туку се сведоци кои со својот живот и работа сведочат како се доживуваат Христовите вистини, токму онака како што побарал и Господ Исус Христос од Своите први ученици да бидат Негови сведоци. Затоа светиите многу често ги жртвувале нивните животи и лесно ги поднесувале и најтешките мачења, бидејќи Евангелието го доживувале како најпотполна реалност на Христовата личност и Неговиот живот. Не го гледале и доживувале како некаква теорија, ниту, пак, само како поука на верата и учење на Црквата, туку како свое лично доживување и сведочење со лично искуство.


Еден писател, пеејќи за ликот на светителите вели дека нивниот лик е Христово огледало. Со други зборови, во животот на светиите се огледува личноста на Христа. Светиите се луѓе кои за време на својот овоземен живот покажале колку е моќен Христос. Колку Он е милостив и човекољубив, праведен и вистинољубив и како Тој го спасува секој човек кој живее според Неговите начела и оди по Неговиот пат.


Старозаветниот псалмопејач Давид вели: „Чудесен е Бог во своите светии" (Пс. 47, 35) Божјото совршенство се огледува во сите негови созданија но најмногу во личностите на благородните луѓе, а меѓу таквите се токму Божјите угодници. Затоа светиите се најуспешни гласници Божји. Токму затоа, и свети Јован Златоуст, во една од своите беседи вели: „Кога би биле подобри христијани, не би постоеле незнабожци помеѓу нас". Ние, пак, би можеле да кажеме дека колку повеќе помеѓу нас постојат вистински следбеници на Христовата наука, толку помалку ќе има атеисти и неверни луѓе.


Светите Петар и Павле, не само што го проповедале словото Божјо помеѓу различни народи, туку ги поделиле и должностите. Светиот апостол Петар својата проповед ја насочил кон избраниот Еврејски народ, додека светиот апостол Павле кон многубожечките народи. Тие се одликувале со силна вера и безусловна љубов кон Христа, за што претрпеле најразлични страдања и мачења и во вистинската смисла на зборот станале свидетели на Христа, маченички завршувајќи го и својот живот во Рим.


И ние кои го чествуваме нивниот спомен, да се угледаме на нивната цврстина и храброст во исповедањето на верата во Господа Исуса Христа, па на секое место и во секој миг да бидеме вистински сведоци на Црквата Христова, да измолиме милост Божја, да одиме по Христовиот пат, кој е пат на љубов, пат на мир и пат кој води во Царството небесно и вечен и блажен живот. По молитвите на светите првоврховни апостоли Петар и Павле, така нека биде. Амин.


Свети Петар и Павле
Храм „Свети Петар и Павле", Кичево
12.07.2019 год. 

 

petrovden2019 1petrovden2019 2petrovden2019 3petrovden2019 4petrovden2019 5petrovden2019 6petrovden2019 7petrovden2019 8

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5