„Православен пастиру, на верните тврдино и заштитнику, украсу на Црквата, на заблудените светлина си, Клименте, секогаш за нас моли се, кои преносот на моштите твои го славиме и со вера пееме да се спасат душите наши“ (тропар на Пренос на моштите на св. Климент Охридски Чудотворец).

 

На 11.08.2019 година, во Осмата недела по Педесетница и на празникот Пренос на моштите на св. Климент Охридски Чудотворец, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Васко Голабоски, свештеникот Христијан Костоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски, изврши осветување на храмот „Св. Јован Претча и Крстител“ во с. Пискупштина, Струга. Храмот е изграден врз темели од стар храм, којшто се наоѓал во одамна запаленото село Бигор. Храмот започнал да се гради во 1990 година, а по иницијатива на црковниот одбор од с. Пискупштина. Истиот е изграден со заложбите и донациите на локалното население, како и на сите добронамерни верници од пошироката околина. По осветувањето на храмот, во него беше отслужена и првата света Литургија. По завршувањето на Литургијата, беше прекршен празничниот колач, а Митрополитот Тимотеј се обрати кон многубројниот верен народ со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме. 

Sports brands | Patike

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.


Во денешното евангелско четиво на денешната света литургија слушнавме за чудото на Господа Исуса Христа како нахранува пет илјади луѓе со пет леба и две риби. Ова чудо не се случило пред еден или двајца апостоли, туку пред сите дванаесет, како и пред многуброен народ. За ова чудо пишуваат сите евангелисти и тоа: Мт. 14, 13-22; Мк. 6, 30-36; Лк. 9, 10-12; Јн . 6, 1-15. Се вели дека многуброен народ дошол да Го слуша Господа Христа во Јорданската пустина каде им зборувал за Царството Божјо. Кога се наближила ноќта, учениците Mу рекле на Господа Христа: „Ова место е пусто. Отпушти ги да појдат по блиските села и да купат храна". На ова Исус им вели: „Дајте им да јадат". Апостолите одговориле дека имаат само пет леба и две риби. Тогаш Христос ги зел петте леба и двете риби, ги благословил, ги прекршил, им ги дал на учениците, а тие на народот. Сите јаделе и собрале дванаесет кошници со остатоци. Јаделе пет илјади луѓе, не броејќи ги жените и децата. Ова Божјо чудо на создавање ги отсликува Христовите зборови: „Мојот Отец сѐ уште создава, и Јас создавам". (Јн. 5, 17) Божјото чудо со лебовите е ново создавање, како што е и давањето вид на слепиот од раѓање. Тоа значи дека Господ Исус Христос е навистина долгоочекуваниот Месија и Спасител на човечкиот род. Тој е второто лице од Света Троица, Kој со силата на Своето Божество пројавува чудесна слава Божја, за каква луѓето до Него немаат слушнато. Тоа го потврдува и со дела, какви човечкиот род до Него нема видено. Он со силата на Своето Божество ги лекува болните, ги очистува лепрозните, воскреснува мртви, дава вид на слепи, на глувите слух, сакати проодуваат, парализирани стануваат. Он ги храни гладните и ги напојува жедните и тоа не само со духовна храна – со Својата Божествена наука, туку ги умножува и лебовите со Својата создателна сила. Он сѐ создава ново. Проповеда нова наука на новиот човек, без грев и чист од зло и омраза, а исполнет со добродетели меѓу кои на врвот се наоѓаат љубовта, милосрдието и простувањето.


Можеби некој ќе постави прашање: Зошто Господ Исус Христос нахранил толку многу народ со пет леба и две риби, а не со некое друго јадење? Христос тоа го направил затоа што лебот и рибата се сметаат за основна храна на севкупниот човечки род. Второ, тоа го направил и поради симболиката која ја имаат, како лебот, така и рибата, во Божествената спасителна наука. Самиот Господ Исус Христос му вели на народот дека треба да се труди да јаде леб од кој не се огладнува, велејќи: „Јас Сум лебот на животот. Кој доаѓа кон Мене нема да огладни и кој доаѓа кај Мене нема никогаш да ожедни" (Јн. 6, 26-27, 36).


На тајната вечера Господ Исус Христос го зема лебот и вели: „Јадете, ова е Моето тело кое се прекршува за простување на гревовите". (Мт. 26, 26) Лебот кој слегува од небото заради нас луѓето и заради нашето спасение е Самиот Господ Исус Христос. Он во светата тајна причест е реално со нас и тоа ќе биде така до свршетокот на светот. Рибата, пак, го симболизира Христа. Во грчкиот јазик зборот риба – „ихтис" значи: Исус Христос Син Божји Спасител.


Да се обратиме кон Господа Исуса Христа да не вразуми и целиот наш живот да се храниме со Него, како со најслатка храна и со најчисто пиење, прославувајќи Го и фалејќи Го со Отецот и Светиот Дух во сите векови.


Ја користам оваа прилика да им се заблагодарам на сите христијани кои во изминативе години се потрудиле да го подигнат и украсат овој свет храм и да го подготват за денешното осветување. Од наша страна искажуваме благодарност, а од Господа просиме благослов и милост за зацврстување на православната вера, одење по Христа и исполнување на Неговите свети заповеди, па така да измолиме од Христа вечен и блажен живот. По молитвите на свети Јован, така нека биде. Амин.


Осма недела по Педесетница
Осветување на храм
„Свети Јован Претеча и Крстител" с. Пискупштина
11.08.2019 год. 

 

osvetpretecabigor2019 1osvetpretecabigor2019 2osvetpretecabigor2019 3osvetpretecabigor2019 4osvetpretecabigor2019 5osvetpretecabigor2019 6osvetpretecabigor2019 7osvetpretecabigor2019 8osvetpretecabigor2019 9osvetpretecabigor2019 10osvetpretecabigor2019 11osvetpretecabigor2019 12osvetpretecabigor2019 13osvetpretecabigor2019 14osvetpretecabigor2019 15osvetpretecabigor2019 16osvetpretecabigor2019 17osvetpretecabigor2019 18osvetpretecabigor2019 19osvetpretecabigor2019 20

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5