„Кога старецот се поклони и набожно се допре до божествените стапала на неискособрачната Богомајка, рече: Ти носиш Оган, Пречиста, се плашам да Го земам во раце детето Бога, Незаодната Светлина, и Господарот на вселената“ (песна од канонот на Утрена на Сретение на Господ Исус Христос).

 

На 15.02.2020 година, на празникот Сретение на Господ Бог и Спасителот наш Исус Христос, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ во Македонски Брод, беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Сашо Костадиноски, Боге Богески и Зоран Ставрески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, која интегрално ви ја пренесуваме.

latest Running Sneakers | Women's Nike Air Jordan 1 trainers - Latest Releases , Ietp

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,


Денеска го прославуваме празникот Сретение Господово. Од Евангелието знаеме дека содржината на овој празник е една средба на праведниот Симеон со Богомладенецот Христос. Симеон добил ветување од Бога дека нема да го напушти овој свет додека не Го сретне воплотениот Бог. Но, во секое евангелско собитие, покрај надворешната, има уште една содржина. Тоа е сокриената длабока смисла. Така и во овој празник, кој денеска го прославуваме постои внатрешната длабока суштина, а тоа е големата смисла на средбата на луѓето со Бога. Луѓето кои го очекувале спасението уште од времето на гревопадот на Адам и Ева, чекале илјадници години до јавувањето на Спасителот во светот.


Размислувајќи световно за животот и постоењето на човекот и неговото делување во овој свет, човекот често ќе каже дека живее затоа што треба да се живее. Овие зборови честопати се пренесуваат од колено на колено. Но, срцето на човекот не може да се задоволи со оваа животна сентенца, а уште помалку преку неа да ја најде смислата на своето постоење. Така живеат само растенијата, птиците и животните. Но, душата на човекот чувствува дека има нешто уште поважно од тоа само да се живее. Чувствува дека човекот има повозвишена цел. Навистина, човекот се труди да живее мирно, чесно, спокојно, но тоа е само обичната и непотполна цел. Човекот го чувствува постоењето на повисока цел. Тоа го чувствувале и јазичниците, а уште повеќе и подобро христијаните.


Душата не може да се исполни и да се наслади со ништо, освен со потребата за Бога. Затоа уште од првите векови на христиијанството, еден црковен писател по име Тертулијан вели: „Секоја душа по природа е христијанка". Подоцна ова го повторуваат многумина свети отци и обични верници кои Го почувствувале Бога во овој свет. Меѓу таквите бил и најголемиот Човек на Земјата, Кого ние денеска на празникот Сретение Господово посебно Го прославуваме. Овој празник е посветен на Господа Исуса Христа, но според некои црковни норми тој се смета за Богородичен празник. Без да навлегуваме во појаснување и мудрување околу тоа дали е Господов или Богородичен празник, важно е да се истакне дека овој празник има силна врска со празникот Богојавление. Бог му јавува на праведниот Симеон да отиде во Ерусалимскиот храм и да се сретне со Спасителот, Кого овој праведник одамна Го очекувал.


Праведниот Симеон Го поздравува Господа Исуса Христа и Неговото доаѓање во светот од името на целиот човечки род. Душата човечка сака да ја разбере смислата на своето постоење во овој свет. Таа сака да го разбере своето делување и да одговори на прашањето: зошто живее човекот? Одговорот е: за средба со Бога. Средбата со Бога е повисоката и главната цел на секоја човечка душа. Светиот праведен Симеон, кој живеел повеќе од 300 г., го поминувал животот во изучување на Светото Писмо, но и во обична секојдневна работа. Неговиот живот, како сечиј живот, бил исполнет со разни радости и страдања, падови и подеми. Но, главната цел во неговиот живот била очекуваната средба со Бога. Кога се случило тоа, се исполнила целта не неговото живеење и токму затоа ги изговорил зборовите: „Сега го отпушташ својот слуга Владико" (Лк. 2, 29).


Прашањето за смислата на животот и постоењето е прашање кое си го поставуваат не само филозофи и мислители, туку и обичните луѓе. Оние кои немаат вера во Бога, често пати доаѓаат до заклучок дека сѐ е празно, пусто и безначајно. Спротивно на ова очајание, христијанинот има утеха во Бога, па затоа, сите страдања, маки и искушенија ги поднесува достоинствено и ја наоѓа вистинската утеха. Праведниот Симеон целиот свој живот го поминал во очекување на средбата со Господа – со Спасителот и Избавителот на човечкиот род. И ние како христијани да бидеме цврсти во својата вера, бидејќи знаеме дека Христос дојде на Земјата, поживеа, претрпе маки и страдања и се вознесе на небото, испраќајќи Го Светиот Дух кој ја раководи Црквата. Преку Него и ние да се сретнеме со Бога, да се избавиме од злото и да ги спасиме нашите души. Амин.


Сретение Господово
Храм „Успение на Пресвета Богородица" Мак. Брод
15.02.2020 год. 

 

sretenie2020 1sretenie2020 2sretenie2020 3sretenie2020 4sretenie2020 5sretenie2020 6sretenie2020 7sretenie2020 8sretenie2020 9sretenie2020 10

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5