„Пристапи жената грешна и осквернета, пролевајќи солзи, љубејќи Те и страдањето навестувајќи го: Како ќе Те погледнам, Господи? Зашто Самиот си дошол да ја спасиш блудницата. Мене умрената, во скресни ме од бездната, Ти, Кој го воскресна од гробот четиридневниот Лазар. Прими ме, Господи, мене бедната, и спаси ме“ (стихира на Господи повикав... на Вечерна на Велика Среда).

 

На 15.04.2020 година, на Велика Среда, во храмот „Успение на Пресвета Богородица“ - Каменско во Охрид, беше отслужена света архиерјска Литургија на Претходноосветени дарови, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвштенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Нектариј, протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Ѓорѓи Блажевски и Александар Димоски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.

Sport media | Nike Air Force 1 , Sneakers , Ietp STORE

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,


Денеска е жалосен ден, бидејќи се предава нашиот Спасител Господ Исус Христос, од страна на Неговиот ученик. Затоа секоја христијанска душа не може да не биде ожалостена, гледајќи го ова страшно злодело. Срцето на верникот се раздробува на делови од болка и од сознанието дека со ништо не може да помогне. Овој ден се одбележува со пост, не само во текот на овој посен период, туку преку целата година. Нашиот живот тече со сите суети од овој свет, но потребни се два дена во седмицата за да се замислиме за нашата душа и нашето размислување да го посветиме на нашиот Господ Исус Христос. Тоа се деновите среда – кога Спасителот е предаден и петок – кога е распнат. Секој кој Го сака Господа, во овие денови не може да се оддава на телесни задоволства и сл. Со нашиот разум, ние разбираме дека како последица на предавањето, следи крстната смрт на Господа, која послужила за спасение на родот човечки. Но, човекот како разумно битие, и покрај тоа што е грешен, не може да го прими во своето срце злоделото направено врз Господа. Предавството се претставува дури и како поголемо злодело од самото распнување. Распнувањето го извршиле тие што не Го познавале Господа во оној степен во кој предавникот Јуда Го познавал божествениот Учител. Ако тие би Го познавале, не би Го распнале Господа на славата (1 Кор. 2, 8). Но Јуда Искариотски не е таков. Тој е близок ученик и еден од дванаесетте најблиски луѓе и сведок на земниот живот на Господа. Пред него Христос проповедал и правел чуда. Тој одел зад Учителот и ги делел со Него и радоста и жалоста и се затоплувал со зраците на Неговата неискажана благодат. Но, тој и Го предал. На прв поглед, ова е нешто неочекувано. Што ли се случило, па апостолот Јуда станал предавникот Јуда? Историјата на ова собитие треба да ни послужи како лекција за наше спасение.


Господ Христос никого не принудува да Го сака. Кај секој човек постои слобода на избор да љуби или да завидува, да служи на вистината или на лагата. Да му се забрани некому да сака е невозможно. Господ очекува од нас да сакаме искрено, а не принудно. Кај Јуда постоеле сите предуслови да се прослави во светоста и апостолското благочестие. Но страста кон пари, зависта и гордоста, славољубието и желбата за власт и првенство, заедно со останатите негови пороци, го победиле семето на љубовта посеано од божествениот Учител. Јуда бил способен и практичен и доста образован човек. Но, кај него недостигало основното. Била отсутна љубовта во неговото срце. Постапно, користољубието ги затемнило сите човечки чувства. Чувајќи го ковчежето со пари, Јуда се приврзал кон нив и почнал да краде. Среброљубието и зависта направиле тој да не може да се носи со светото и чисто друштво Исусово, во кое владеело не господарење, туку самоодрекување и доброволно сиромаштво. Апостолската благодат отстапила од неговото срце и Јуда на сѐ почнал да гледа, не со очите на верата и љубовта, туку со фарисејски очи и да се оправдува за своите погрешни постапки.


Синедрионот барал погоден момент за да Го убие Христа. Јуда можел да им помогне со сопствен влог, а за ваквото дело добил сребреници, а воедно и слава помеѓу старешините во Синедрионот. Јуда Го предал Господа Христа со целив. По некое време, тој согледал дека згрешил и ги вратил сребрениците со зборовите: „Згрешив, оти предадов невина крв". Но, од фарисеите го добил одговорот: „Што ни е грижа нам за тоа? Мисли му ти" (Мт. 27, 4). Делото е направено и веќе е доцна. Што може да се нарави понатаму? Ако се покаел и паднел пред нозете на Синот Божји, и ја побарал Неговата милост, Христос ќе му простел. Но, такво нешто не се случило. Јуда не се осмелил или не сакал да се осмели. Унинието и очајот и ѓаволскиот совет за непростливоста на тешкиот грев го одвеле на дрвото на кое се обесил, фрлајќи ги сребрениците во храмот. Со сопствените раце, Јуда се фрлил во длабочините на пеколниот оган. Колку страшно одекнуваат зборовите на Евангелистот: „подобро ќе беше за тој човек, да не беше се родил!" (Мк. 14, 21).


Денеска на Велика среда ја спомнуваме историјата на Јуда. Но, да се замислиме за себе: дали и ние не Го предаваме Господа со нашите страсти и гревови? Дали не се тешиме со илузорни и субјективни оправдувања? Каде се нашите духовни напредувања? Каде се нашите дела на благочестивост? Ги нема! Но, затоа на нашите срца им се мили сребрениците, гордоста, честа, човечките пофалби и сл. Срцевидецот Господ гледа сѐ. Он ја видел душата на ученикот кој ќе Го предаде. Но, го оставил да го стори тоа, не повлекувајќи ја Својата љубов од него. Но, Јуда не ги разбрал милоста и големата љубов Божја и не поверувал дека Господ може да му го прости и таквото предавство. И нас Господ нѐ повикува да ги отфрлиме гревовните страсти и да влеземе под Неговиот спасителен покров.


Во овие свети страдални денови, можеме да се очистиме од секаква скверност со искрено покајание и со срдечна скрушеност и смиреност. Да не се уподобуваме на Јуда кој паднал во очајание. Ние имаме можност да се спасиме, независно од големината на нашите гревови. Да не се насочуваме кон дрвото на погибелта, туку кон дрвото на животворниот крст Господов и да принесеме искрено покајание и вистинска љубов и благодарност кон Господа. Амин.


Велика среда
Храм „Пресвета Богородица Каменско",Охрид
15.04.2020 год.

 

velikasreda2020 1velikasreda2020 2velikasreda2020 3velikasreda2020 4velikasreda2020 5velikasreda2020 6velikasreda2020 7velikasreda2020 8velikasreda2020 9 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Јули 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
29 30 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 31 1 2