„Јагнето што го навести пророк Исаија, оди на доброволно колење, и дозволува да биде биено по плеќите и образите; без да го свртува лицето од плуканиците, на срамна смрт се осудува: и Он, безгрешниот, доброволно прима сѐ, за да им дарува на сите воскресение од мртвите“ (Стихира на Господи повикав... на Вечерна на Велики Четврток).

 

На 16.04.2020 година, на Велики Четврток наутро, кога ги празнуваме миењето на нозете, Тајната вечера, свештената молитва и предавството Јудино, во храмот „Пресвета Богородица Перивлепта“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Василиева Литургија, на која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Љупчо Симиџиески, свештеникот Љупчо Бакрачески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.

best Running shoes | Patike – Nike Air Jordan, Premium, Retro Klasici, Sneakers , Iicf

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,


На Велики четврток се случиле три важни настани, кои ни помагаат да го разбереме спасението на човечкиот род. Првиот настан е предавството на Господа Христа од страна на Неговиот ученик Јуда. Овој близок ученик Христов, видел како една грешна жена ги потрошила сите пари што ги имала спечалено од нејзиниот поранешен неморален живот, купувајќи скапоцен мирис со кој се помазувале само царевите за време на интронизациите, и го излеала врз главата на Спасителот за да Го подготви за погребение – како што се вели во Евангелието (Мт. 26, 8-12). Целиот внатрешен свет на Јуда се спротивставил на ова што го видел. Тој не можел да го разбере ова жртвување. Јуда размислувал на поинаков начин. Дел од тие средства веројатно ги гледал како можност за лично обогатување. Тој не можел да го разбере жртвувањето на личниот имот за сметка на друг човек.


Втор настан е Пасхалната вечера и она што се случило пред вечерата. Спасителот ги измил нозете на учениците. Според древниот источен обичај, кога луѓето ќе влезеле во една соба да јадат, тие ги собувале обувките и ги миеле нозете. Тоа обично го правеле слугите, робовите или најмладите во домот. Но, Господ Исус Христос како глава на трпезата, зел вода и ги измил нозете на неговите ученици и им рекол дека и тие се должни така да постапуваат еден кон друг (Јн. 13,15). Тоа не значи во буквална смисла да прават така, туку се однесува на промената која треба да се случи во човековиот живот. Во човекот треба да се јави подготвеност да послужи на другите луѓе. Синот Божји неспоредливо ги надминува сите созданија, бидејќи со Неговиот збор од небитие во битие било создадено сѐ во вселената. Но, Он се понижил пред Своите ученици миејќи им ги нозете и со тоа покажувајќи пример за смирение.


Најпосле, третиот настан можеби е и најважен. Господ посакал сѐ што Он направил за спасение на луѓето, да биде достапно за целокупниот човечки род, за сите времиња и за сите народи. Он посакал секој човек, каде и да е и кога и да живее и на кое и поколение да припаѓа, да има реална можност да биде учесник на таа Тајна вечера, а исто така да учествува и во Неговата смрт и Неговото воскресение. За време на вечерата Тој го благословил лебот, го предал на учениците и рекол: „Ова е Моето тело кое за вас се прекршува за прошка на гревовите" (Мт. 26, 26). На крајот од вечерата ја благословил чашата со вино и рекол: „Оваа чаша е Мојата крв, која се пролева за вас..." (Мт. 26, 27-28). Вкусувајќи од лебот и пиејќи од чашата, без сомневање, учениците ги примиле телото и крвта на Спасителот, Кој бил распнат за нив и за целиот човечки род. Господ заповедал ова дејствие секогаш да се прави во Негов спомен (Лк. 22, 19). И ние кога го јадеме лебот и го пиеме виното, тоа не е просто спомен за она што се случило тогаш во горната Сионска одаја. Ние преку силата на Светиот Дух се наоѓаме заедно со апостолите и сме соучесници во Тајната вечера и Голготската жртва, како и во славното Воскресение. Ние влегуваме во божествениот живот и учествувале во тајната на спасението, соединувајќи се со сето она што Бог во Христа го направи за нашето спасение. Ние постануваме учесници во божествениот живот. Сето ова не се прости зборови, туку реалност која не се јавува со сила човечка, туку со силата на Светиот Дух. Црквата Божја е заедница во која преку силата на Светиот Дух, луѓето постојано се придружуваат кон сето она што го направи Христос. Преку вкусувањето на лебот и виното осветени на тајната Евхаристија и преку примањето на телото и крвта Господови, Бог влегува во нас и ги дополнува нашите немоќи, ги отстранува нашите гревови и ни дава духовни и физички сили. Светата Евхаристија е најголемото дејствие кое се случува за родот човечки. Ништо не може да се спореди со ова дејство, затоа што тоа е откриен пат кон Бога по кој луѓето се искачуваат кон небото и по кој од небото кон луѓето слегува божествената благодат.


Нашата задача, драги верници, е во овие предпасхални денови да го сочуваме мирниот дух, силно да се молиме за да растеме сите од сила во сила и во правда Божја. Да се надеваме дека Бог ќе ни помогне да ги надминеме многуте искушенија и да дадеме одговор со нашата вера. Така Он ќе ја наклони Својата милост кон нас и ќе ни даде прошка на гревовите преку Неговата благодат, па така, радосно ќе ја дочекаме и вечната Пасха во Царството небесно. Амин.


Велики четврток
Храм „Пресвета Богородица Перивлепта", Охрид
16.04.2020 год.

 

velcetvutro2020 1velcetvutro2020 2velcetvutro2020 3velcetvutro2020 4velcetvutro2020 5velcetvutro2020 6velcetvutro2020 7velcetvutro2020 8velcetvutro2020 9velcetvutro2020 10velcetvutro2020 11 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Јули 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
29 30 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 31 1 2