„Христе, разумно Сонце на правдата, Ти си засветлил од Дева, и ѕвезда Те покажа сместен во пештера, Тебе - Несместливиот. Мудреците си ги упатил да Ти се поклонат; со нив и ние Те величаме, Животодавче, слава Ти“ (тропар на Вечерна на Рождество Христово).

 

На 06.01.2023 година, во навечерието на пресветлиот празник на Рождеството Христово, во храмот „Св. Петар и Павле“ во Кичево, беше отслужена празнична Вечерна богослужба, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоерејот-ставрофор Никола Христоски, протоерејот Стевчо Тошевски, свештениците Ристе Камбуроски, Александар Матески и Александар Крстаноски и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Вечерната, беа осветени бадниковите гранчиња, а Митрополитот Тимотеј се обрати во преполниот храм со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,

Денеска нашата света Црква го прославува предпразненството на празникот Рождество Христово, празник кој сам по себе го покажува неискажливиот дар на љубовта и милосрдието Божјо кон нас грешните луѓе, јавувањето на Синот Божји на земјава, Кој слезе од небото и Кој се воплоти од Светиот Дух и Света Дева Марија и се вочовечи, односно постана човек. Се исполнија сите пророкувања за света Дева Марија. Таа се јавува како благодатна скинија, која со Божјата милост се јавува како подготвителка за доаѓањето на Синот Божји во светот. Бог толку го засака светот што Го даде Својот Единороден Син за секој кој ќе поверува во Него да не погине, но да има живот вечен.


Преславното Благовештение, кое на светот му ја возвестува радосната вест за спасението, денеска доживува своја полнота со радосната вест за Рождеството Христово и за почетокот на Божјото Царство на земјата.


Христос се раѓа во пештера, покажувајќи ни со тоа кроткост и смирение, и љубов кон човечкиот род. Синот Божји можел да се роди живеејќи удобно или попристојно во светот, но Христос избрал да се роди во беда, за да ни покаже пример на трпеливост и да бидеме задоволни со малку. Во животот секогаш има повеќе незадоволни од задоволни, повеќе бедни од богати, и често е мачно да се поднесе бедноста. Често е тешко бедниот да ја поднесува положбата, гледајќи како живеат другите во изобилие или богатство. Сето тоа на човекот му претставува голема мака во неговото срце, мисла и воопшто во неговиот живот. Но, ако си претставиме како Спасителот Господ Исус Христос, Кој е поголем од Вселената и посилен од целиот свет, се раѓа во јасли и е победен од сите, тогаш можеме полесно да ја разбереме нашата беда, условите, сиромаштијата и сѐ она што ни предизвикува грижа, завист, а понекогаш и злоба. Но, Христос е тука да нѐ утеши, Он е Бог и во ништо не згрешил како човекот и можел да има сѐ, но претпочитал да нема ништо. Зошто во таква сиромаштија се родил Христос? Он доаѓа не за да Му служат туку да послужи за нас грешните и недостојни. Он не доаѓа тука на земјата да благодејстува или да ужива, туку доаѓа да страда за нас. Сиот Свој живот го предава за човечкиот род, и тоа до самата смрт, трпејќи секакви неправди за да го избави севкупниот човечки род од злоба и пропаст. Он доаѓа со Неговите страдања и смрт да го спаси народот и со тие Негови страдања започнува нов живот на земјата. Само што ќе се роди, Он страда, страда од бедност, нема каде да Го положат.


Да си спомнеме зошто човекот се лишил од блаженство? Зошто првиот Адам бил истеран од рајот? Тој паднал поради гордост, бидејќи посакал да биде рамен на Бога. И еве се враќа тоа блаженство, но било потребно да се постигне само преку длабоко смирение и по патот на уништување на човечката гордост. Гордоста е желба за поголемо достоинство, која го лишила човекот од љубовта Божја, а смирението и трпението ја враќа љубовта од изгубените блага и изгубениот рај.


Христос доаѓа во овој свет преку ноќ. При светењето на ѕвездите и во таа величествена ноќ, кога престанува секоја злоба, кога молитвата на праведникот, која како свеќа што гори се вознесува кон небото, и ние се јавуваме како сведоци на тоа, кога како ангел им благовестува на пастирите за најголемото чудо. Зошто само на пастирите? Затоа што само тие, според учењето на светите отци, се јавуваат со смирение, кротки и чисти по срце. Тука Господ и Спасителот наш покажува дека ги прима сите, независно дали е тоа прост или учен човек. Он ги прима само чистите по совест и живот, и оние кои се настроени кон Бога. Господ гледа на смиреното срце кое го извршува секојдневниот подвиг, кое се моли на Бога и се труди во овој свет за да се издигне кон Него. Ете на таквите луѓе Бог им возвраќа со ова големо чудо, затоа што тие се достојни да ја примат оваа вест, а не некои други.


Ангелите небесни воспевале: слава на Бога во височините. Тие Му давале воспев на Оној Кој ги создал, а Он не ги замолчел туку им дал огромна љубов при создавањето а на нивниот восклик им возвраќа со мир на земјата. А тоа значи дека дошол во светот, нешто за кое мечтаел уште Адам, кога бил истеран од рајот и седнат спроти рајот горко плачел, затоа што го изгубил. Тој не плачел само заради тоа што го изгубил рајот, туку затоа што бил и лишен од гледање на својот Учител и Создател, на својот Отец Небесен.


И ние да не бидеме лишени од Господа и да бидеме покрај Него преку молитвата и славењето на Рождеството на Богомладенецот. Да се радуваме на овој величествен ден, а наместо јасли да му го принесеме на Оној кој се раѓа нашето срце, за да може Господ да се смести во него. Да ги отвориме вратите на нашите души и да Го примиме Него. Како во овој ден постојано да гледаме во таа ѕвезда, односно Црквата Христова, која ни ја јавува голема радост и да ја следиме неа, зашто нема поголема радост од тоа да се следи Христос и Нему единствено да му се служи. Честит Бадник, за многу години.


„Св. ап. Петар и Павле" Кичево
Бадник
06.01.2023 г.

 

badnik2023 1badnik2023 2badnik2023 3badnik2023 4badnik2023 5badnik2023 6badnik2023 7badnik2023 8badnik2023 9badnik2023 10badnik2023 11

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Декември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31 1 2 3