ВоведениеМитрополит Тимотеј

Сè што ќе ви рече, направете!

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри!

Денеска, нашата света православна Црква прославува еден голем Богородичен празник. Тоа е празникот Воведение на Пресвета Богородица во Ерусалимскиот храм. На тригодишна возраст нејзините благочестиви родители Јоаким и Ана ја однеле во храмот онаа која ја испросиле со молитви од Бога и  ветиле доколку добијат дете дека ќе го дадат да служи во него. Тоа ветување овие праведни души на денешниот ден и го исполнуваат.

Во храмот Божји Света Дева Марија ќе остане сè до нејзината полнолетност според тогашниот Мојсеев закон. Во храмот Ерусалимски се ткае платно во кое подоцна ќе се облече Спасителот на светот, нашиот Господ Исус Христос. Во храмот Божји, Пресвета Дева Марија се подготвувала себеси за големото дело со труд, со молитва, благочестие и возвишено размислување со читање на Словото Божјо. И преку сето тоа таа ги добила и умножила во себе благодатните дарови на Светиот Дух, како за себе, така и за севкупниот човечки род.

Во храмот Божји таа ќе поживее според правилата на светиот храм. Колку е тоа трогателно во исто време е и умилно, а сето тоа не е случајно, затоа што храмот е дом на живиот Бог, кој во него престојува. Во храмот Божји, светата Црква нè води и нас. Таа сака и нас да нè облагороди, ако вистински ја почитуваме Царицата на Небото и Земјата, со помошта на храмот Божји да ја подржуваме  во добродетелите и во нејзината светост и слава. Во храмот Божји, во светите тајни, во богослуженијата, во нашите заеднички молитви и пеења, во поуките на светата Црква, во зачувување на нејзините закони и прописи, ние како христијани се приближуваме кон богатството на благодатните небесни дарови. Во храмот Божји ние се воспитуваме во мир, во љубов, во милосрдие и взаемно заедничарење. Во храмот Божји на секоја литургија ние го слушаме возгласот: „Горје имеим сердца“, односно да ги подигнеме нашите срца и нашите помисли и да ги упатиме повеќе кон небото, да се издигнеме над сè што е човечко и земно.

Храмот Божји е место за духовно растење на христијанинот, место за совршенство и светост. Па затоа, ако ние вистински ја сакаме Царицата Небесна, ако ние прибегнуваме кон неа и и пееме и ја величаме преку празниците, тоа значи дека ние сме должни да се грижиме и да ја поддржуваме неа и во нејзиниот живот и во нејзините добродетели. Само тогаш ние ќе бидеме нејзини деца, а преку неа и браќа на Господа Исуса Христа, вечниот застапник на нашето спасение.

Во светиот храм Света Дева се усовршува во добродетели и се подготвува за големото дело за Богоовоплотувањето и доаѓањето во светот на Христа Спасителот. Синот Божји доаѓа во светот за да го спаси човечкиот род, поради тоа Он ќе биде и Син Човечки. Ете затоа Богомајката ги љуби луѓето, и им ги јавува благодатните дарови на мајчинскиот покров и застапништво. Нејзините свети икони преку непрестајните молитви и денеска престојуваат со нас, а сето тоа е дар од небесната Мајчинска љубов кон човечкиот род.

Сите ние добро се сеќаваме на мајчинската грижа на свадбата во Кана Галилејска: „Му рече мајка Му на Исуса: немаат вино“ (Јн. 2,3), а потоа им вели на слугите: „Сè што ќе ви рече, направете!“ (Јн. 2,5). И за време на првото чудо кое го направил нашиот Спасител Господ Исус Христос, Богомајката ја искажува својата загриженост за луѓето. Таа го моли Спасителот за помош за луѓето. Таа постојано го моли Него за нас и за нашите потреби. И Господ Исус Христос по нејзините молитви ни помага.

Во Кана Галилејска таа им кажала на луѓето „сè што ќе ви рече, направете!“ Ова делува како заповед. Бидејќи ние сме должни и потребно е да го слушаме нејзиниот Син, да ја исполнуваме не својата волја, туку Божјата волја. Бидејќи Спасителот во Евангелието според Матеј вели: „Зашто кој ја исполнува волјата на мојот Отец, Кој е на небесата, тој Ми е брат и сестра и мајка“ (Матеј 12,50). Нашето послушание кон Бога за Божјата Мајка е најголем дар и радост. Само исполнувањето на Христовите зборови и покорувањето на Христа нè приведува кон Бога и нè прави деца на Божјата Мајка и чеда на небесниот Отец. Амин!

                                             04.12.2010 год.
Воведение на Пресвета Богородица
храм  „Св. Богородица – Каменско“
Охрид

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Август 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
27 28 29 30 31 1 2
3 4 5 6 7 8 9
10 11 12 13 14 15 16
17 18 19 20 21 22 23
24 25 26 27 28 29 30
31 1 2 3 4 5 6