slik1Митрополит Тимотеј

За безмерното простување

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,

Нашиот Спасител Господ Исус Христос од секогаш покажувал голема грижа кон човечкиот род. Од преголема љубов Тој доаѓа во светот и го прима човечкото тело. Живее со нас на земјава поучувајќи не, правејќи безброј чуда и лекувајќи секакви болести, а сè со цел човечкиот род да го подготви за примање на вистинската вера и да го оттргне од грешниот, погубен пат и да го упати по патот на вистината, правдата, љубовта и да ги спаси нивните души. Дури и кога ќе биде распнат на крстот во страшните маки, Тој покажува љубов кон луѓето. Тој умирајќи има искажано една голема поука што ја дал на човечкиот род. А таа поука гласи: „Оче прости им, зашто не знаат што прават” (Мт. 18, 23-25).

 

Никогаш пред тоа, на кое и да е губилиште, се нема чуено ваков збор. Напротив, независно дали биле погубувани на правда или поради одделна вина, последните зборови на оние што биле погубувани, биле зборови со барање кон нивните богови или блиски роднини да им вратат со одмазда. Тоа бил зборот кој пред Христа најмногу се слушал од луѓето што биле убивани. За жал, такви зборови дури и денеска можат да се слушнат кај многу народи и кај многу луѓе, па дури и кај оние што на себе  го носат крстот Христов. Христос, пак. при последниот здив им опростува на сите негови мачители, убијци, подигрувачи и Го моли својот Отец Небесен, Тој да им опрости. Дури наоѓа и оправдување за нив велејќи: „Не знаат што прават”.

Во зборовите за покајанието Господ Исус Христос ја започна својата нова наука, а во зборовите на опростување ја завршува. Покајанието е семе, а опростувањето е плод, бидејќи никакво покајание нема вредност без опростување.

Кога ние би знаеле колку нам ни се опростува премолчно, секој ден и секој час и тоа не само од страна на Бога, туку и од луѓето, тогаш и ние би се посрамиле и ќе побрзаме кон другите и ние да им опростиме.

А што да кажеме пак за опростувањето Божјо? Безмерното Божјо опростување Господ Исус Христос го искажал со денешната парабола за големиот должник во светото Евангелие што го слушнавме на денешната света Литургија. Инспирација и повод за оваа парабола на Господа Христа му дал апостолот Петар, кој поставил прашање колку пати треба да му опрости на својот брат? Дали е доволно седум пати? На ова Христос одговара: „Не ти велам седум пати, туку седум пати по седумдесет”. Апостол Петар мислел дека го достигнал врвот на милосрдието кога рекол да проштева до седумпати, но Христос му одговорил седумпати по седумдесет.

Навредата лесно се проштева кога срцето е полно со љубов. Опростувањето е еден добар начин за решавањето на сите спорови, како што е сигурно познато и докажано дека со одмазда и со пакост ниеден спор не се решава. Да се одмаздиш значи да се постане онаков како оној од кого што доаѓа навредата. Да се опрости, пак, значи да се издигнеш над него. Ако сакаме да го разоружаме својот непријател треба да му пружиме рака, а не да му покажеме мускули. Бидејќи ништо не е полесно отколку да се одмаздиш за нанесената повреда или навреда, а ништо, пак, не е поблагородно да опростиш навреда. Тоа е најславната победа која човек на себе може да ја извојува. Ние мораме да простуваме, бидејќи само човекот како разумно суштество може да опрости, додека дивите животни не знаат за опростување.

Затоа да бидеме луѓе и да опростуваме, бидејќи колку повеќе лошите луѓе го навредуваат чесниот човек, толку повеќе му донесуваат чест. Неговата благородна душа наоѓа задоволство во опростувањето, бидејќи одмаздата кон ништо не води. Се заклучува дека треба да проштеваме постојано и без да броиме колку пати тоа го правиме.

Од денешниот Евангелски расказ гледаме два лика. Едниот е господарот, кој му простил на слугата, иако бил голем должник, а другиот е слугата, кој се одмаздил на својот пријател, кој му должел сосема мала сума на средства. Пораката на овој расказ е многу јасна. Таа зборува за нашиот однос кон Бога и за нашите ближни. Пред Божјата правда и светот, ние сме големи грешници. Бог ни го дал на располагање најголемото богатство во животот. Нè обдарил со големи и бескрајни милости и благодат. Ни дал разум, ни дал и одредени сили и способности. Во нас всадил големи дарби и духовни богатства и ги оставил на наше располагање и земните блага. И сето тоа ние го имаме не по заслуга, туку како подарок од Божјото милосрдие и тоа е дар на Неговата љубов и милост.

Но, ние правиме големи и страшни злоупотреби на божјите дарови и милости. Нашиот живот наместо да биде една песна кон Бога или химна кон небото, тој честопати се претвора во лош војник и бесрамна хула кон Оној што сè ни подава.

Божјата прошка ги мие сите наши гревови. Но Божјата прошка и небесната милост не се купува ниту со злато ниту со сребро, ниту со било какви богатства од целиот свет. Таа слегува како благодатна утринска роса врз главата на луѓето, само како воздишка од длабочината на човечкото срце. Но, за да бараме прошка од Бога и самите треба да проштеваме.

Денеска светата православна Црква ја прославува и света маченичка Петка Римјанка, која својата вера кон Бога и кон луѓето ја посведочила и со мачеништво. Неа Бог ја прославил со сила да може да се моли пред престолот на Севишниот за секоја христијанска душа, која со искрена вера и молитва и се обраќа за помош. Да се угледаме на добриот и милостивиот господар, кој со голема љубов опростува големи долгови, како и на животот и подвигот на денешната маченичка. Да ја зачуваме нашата православна вера и да можеме да се наречеме вистински Христови следбеници и да го добиеме ветеното царство што Господ го приготвил за секоја христијанска душа која што живее според законите и прописите на нашата православна и света Црква. Амин!

 

11 Недела по педесетница и света Петка
храм „Свети Димитриј“ Кавадарци
08.08.2010 година

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Април 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 31 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 1 2 3