VraciМитрополит Тимотеј

Голем е Бог во Своите светии!

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!

Често пати во нашите храмови ги слушаме зборовите за време на богослуженијата: „Дивен Бог во свјатих Своих“ или на македонски кажано: „Голем е Бог во светиите Свои“. Величината Божја покрај тоа што се гледа во сето она што можеме да го видиме во овој свет, од неговото создавање, па сè до раководењето со него и со сите природни законитости, се согледува и во неговите светии, кои со своите чесни животи и подвизи на земјата ја исполнувале волјата Божја и законите и прописите Негови. Со таквиот нивни живот тие го прославиле на земјата и меѓу луѓето Неговото свето име, па затоа и Бог нив ги прославил на Небото. Од безброј такви Божји угодници, светата православна Црква денеска ги прославува двајцата браќа Козма и Дамјан, т.н. бесребреници.

Овие двајца Божји угодници биле браќа и по тело и по дух. Биле родени во Азија од татко незнабожец и мајка христијанка. Уште како малечки останале без татко и нивната мајка, како благочестива христијанка, ја посветила сета љубов кон своите рожби за да ги воспита во вистинската вера христијанска. Таа не била само учител кој ги запознавала и учела на верата, туку, истата вера и таа ја живеела и со својот личен пример сите вистини и учења на Црквата ги посведочувала, а со тоа ги утврдувала на вистинскиот пат и нејзините синови. Тие уште како млади ја изучиле лекарската вештина за да можат да лекуваат болни со разни лековити билки. Но, си дале завет дека нема да наплаќаат и да земаат никакви подароци за тоа што ќе помагаат и лекуваат разни болести во народот. Се држеле до евангелските зборови: „Бесплатно примивте, бесплатно давајте“ (Мт. 10,8).

Од нивното житие се подучуваме дека овие Божји угодници биле свесни дека не лекуваат тие или билките, туку дека Божјата милост се пројавува преку нив. И ние како христијани и припадници на нашата света православна вера и Црква треба со искрена молитва да се обраќаме кон Божјите угодници, и тоа не само кон светите бесребреници Козма и Дамјан, туку и кон сите други светии кои го прославиле Бога во нивниот живот. Нивните молитви се моќни пред лицето Божјо бидејќи живееле свет и непорочен земен живот. Нивните души и срца биле очистени од секакви гревовни и страсни приврзаности и со чисти души можеле уште додека биле живи со смелост да го молат Бога за секаква помош и лекување на луѓето кои барале од нив помош. По нивното упокојување тие се уште посилни, бидејќи после преселувањето во вечноста немаат ни можност да погрешат. Затоа нивните молитви се посилни и посигурни и исполнети од Севишниот Дародавец на секое добро на секоја христијанска душа, која со искрена и цврста вера се обраќа и бара помош.

И ние денеска кои сме собрани во овој свет храм да ги прославиме овие двајца Божји угодници, да се обратиме со молитва тие да бидат наши молитвеници пред лицето Божјо за да ни се исполнат нашите прозби и молитви, па да можеме да живееме благочестив, непорочен, вистински христијански живот, исполнет со добри дела, а со кои полесно и поискрено ќе го прославиме Троичниот Бог, Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин!

                                                             
14.11.2010 год.
Храм „Св. Козма и Дамјан“
Охрид

Sveta PetkaМитрополит Тимотеј

За самоодрекувањето

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри!

Нашата света православна Црква денеска го прославува споменот на преподобна мајка Параскева - Петка. Таа била родена во Епиват, во денешна Турција. Потекнува од богато и длабоко религиозно семејство. Таа уште од најрана возраст го засакала Христа и го носела крстот на верата и животот. Уште како мала се одликувала со нејзината приврзаност кон Христа и ги отфрлала сите можни задоволства што $ ги пружеле нејзините богати родители. Не сакала ниту во облеката, ниту во исхраната, ниту, пак, во однесувањето да се разликува од нејзините врснички со кои се дружела и живеела во родното место. Напротив, таа и своите скапи облеки што и ги купувале нејзините родители ги раздавала на бедни и сиромаси и се облекувала како и сите останати. Св. Петка уште од мали нозе го имала св. ап. Павле за пример, кој вели: „За  слабите станав слаб, за да ги придобијам слабите. За сите станав сè, та по каков и да било начин да спасам некого“ (1Кор. 9,22).

Оваа света душа многу јасно ги разбрала зборовите на нашиот спасител, Господ Исус Христос, кој вели:  „Кој сака да врви по Mене нека се одрече од себе, нека го земе крстот свој и нека оди по Mене“ (Лк. 9,23). Во овие зборови се содржи едно исклучително повикување на секој еден кој поверувал во Исуса Христа. Во нив е вклучен вистинскиот смисол на христијанскиот позив и се состои содржината на нашата припадност кон Христа. Преку нивното исполнување ние  потврдуваме дека сме навистина ученици и следбеници на Господа Исуса Христа.

Овие зборови имаат голема сила и длабочина. Оние што ги примиле вистински и со права вера во Христа постанале угодници Божји, запалени светилници во Неговата Црква. Израснале духовно во совршени луѓе, според ликот и подобието на Синот Божји. Примени со искрено срце, овие зборови извршиле длабока преобразба не на еден човек, туку на безброј луѓе во историјата на христијанството. Многу грешници, примајќи ги овие зборови, станале силни подвижници на верата и добродетелите; колебливите луѓе, веени од секој ветер, ги направиле јаки столбови на совеста и на доброто. Овие зборови, како повик Христов, прозвучиле во многубројните срца, а продолжуваат и сега да одекнуваат и да предизвикуваат восхит и запрепастување. Предизвикуваат восхит кај оние кои веруваат во Христа, запрепастуваат, пак, кај колебливите и кај оние што не се во дворовите Господови.

Света Петка, која сè посилно ги слушала овие зборови на Христа тргнала по него, врвела неуморно по тешкиот и мачен пат на совршенството. Таа престојувала во искрена, силна и непоколеблива длабока молитва кон Бога. Желбата на нејзиното срце потполно да се оддаде на молитвен и испоснички живот ја натерало да го раздаде целокупното богатство на сиромаси и да го напушти родното место. Најпрво живеела во Цариград при некоја црква, каде се подвизувала, а потоа се упатила во Јорданската Пустина во Палестина. Таму таа поминала многу години во подвиг, подвизувајќи се како големите подвижници, под силното пустинско сонце и жешкиот песок, а хранејќи се со диви плодови, суви треви и нивните корења.

На крајот од својот живот имала видение и го слушнала гласот Божји, кој и рекол дека таа треба да ја напушти пустината и да го заврши својот живот во родното место Епиват. Раководена од тој глас се вратила во родното место, но не била препознаена од нејзините сограѓани и кога го завршила земниот пат и блажено се упокоила во 11 век била сохранета како туѓинка и непозната, настрана од гробиштата каде што се сохранувале тамошните жители.

Но, Бог ја прославува неа, која се откажала од овој свет за да му служи Нему и на луѓето. Оние луѓе кои имаат храброст да се откажат од себе се луѓе кои секогаш носат благодети за човештвото, и тоа колку повеќе ја покоруваат својата волја на Божјата волја и на законот Божји, толку повеќе плодови носат. Не е можно да им се служи на луѓето, а да не се одрече од себе. Кој сака да живее само за себе ќе го напушти овој свет незадоволен, бидејќи ќе дојде часот на жалоста и ќе разбере дека живеел напразно. Кој се грижи да си угоди само себеси, а не да им послужи на луѓето, ќе го напушти овој свет без да има спомен за него, бидејќи и со ништо луѓето не ги задолжил да го паметат и да му заблагодарат. Но, оние кои им служеле на луѓето со правење добро, им помагале, без разлика колкава и да била таа помош, нивните имиња се паметат кај луѓето, а најважно е што тие се запишани во книгата на животот, односно кај Бога.

Не може човек вистински да служи на доброто, а преку тоа и на луѓето без самоодрекување. Никој не може да стане научник без самоодрекување. И научникот е обичен човек во овој живот, не се разликува од другите луѓе, но, за да постигне нешто во науката, тој треба непрестано да се откажува од многуте задоволства на овој живот, додека останатите луѓе во сето тоа уживаат како нешто нормално и што им припаѓа. Научникот се откажува од многу радости, зашто времето на создавање е скапо. Тој е насочен во затворен кабинет или лабораторија, без доволен чист воздух, со многу книги, прашини и слично. Не е можно научно достигнување без, условно речено, аскетско однесување на самоодрекување.

И ние денеска кога го прославуваме споменот на преподобната Параскева - Петка да и се обратиме со искрена молитва таа да биде наша молитвеница и застапница пред Господа и од нејзината силна и непоколеблива вера да всади и во нашите срца и души, та и ние да одиме по вистинскиот Христов пат и да добиеме Царство Небесно. Амин!


Петковден
27.10.2010 година
црква „Св. Петка“ Дебар

PokrovМитрополит Тимотеј

Заштититничка на човечкиот род

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!

Нашата православна Црква денес го прославува празникот Покров на Пресвета Богородица. Повод за востановување на овој празник е еден настан што се случил во Цариград, во црквата посветена на Богородица, наречена во Влахерна, во 911 година за време на византискиот цар Лав Мудри. Во црквата се правело сеноќно бдение за спас на Цариград од напад на непријателите на градот. Во истата црква на западната страна се молел и св. Андреј Јуродиви, заедно со неговиот ученик бл. Епифаниј. Во раните утрински часови околу четири часот јуродивиот Андреј ја видел Света Богородица како лебди во црквата, облечена во порфира и украсена со злато и како го заштитува градот со нејзиниот омофор. Светиот Андреј го прашал својот ученик дали ја гледа Небесната Царица како го раширува нејзиниот омофор за да го заштити градот и народот. Овој блажен човек одговорил потврдно и рекол дека се восхитува на нејзината мајчинска грижа за спас на луѓето. Ова видение ќе послужи како база и основа светата Православна Црква да го внесе овој празник како богородичен, со име Покров на Пресвета Богородица.

Света Богородица како заштитничка на човечкиот род не се јавила само со својот омофор во богородичната црква Влахерна во Цариград. Таа се јавувала во историјата на Црквата на повеќе места и во повеќе цркви посветени на неа. Затоа илјадници храмови $ се посветени неа и таа постојано со солзи се моли за спас на човечкиот род. Пресвета Богородица и денес е тука и се моли со нас и секогаш ќе се моли до свршетокот на светот. Мајката Божја го простира нејзиниот свет омофор не само врз луѓето што се молат во Влахернската црква, туку и над целиот свет и над сите луѓе во светот. Нејзиниот најсветол Богородичен покров богомајчин секогаш ќе блеска над нас грешните.

Божјата мајка е посредница помеѓу земјата и небото. Таа е помошница на луѓето во светот и ги вознесува нашите молитви кон Престолот на нејзиниот син Господ Исус Христос. Сите таги во светот, сите гревови на луѓето, сите страдања и болки и воздишки во светот ја жалостат и ја натажуваат Мајката Божја. Таа се моли со секој човек кој верува и со сите нас, чии срца се огревовени, а со нејзините солзи се измиваат нашите престапувања. Заедно со ова неопходно е да ја запаметиме и другата утешителна вистина, дека во срцето на Божјата Мајка има доволно место за секој човек, кој $ се обраќа неа, бидејќи нејзината мајчинска љубов е неискажлив извор на радоста, застапништвото и помошта за сите луѓе. Во тоа е големата радост и утеха за секој од нас грешните.

Ние веруваме дека денеска Богомајката е со нас и се моли на Бога за нас. Ние силно веруваме во нејзината Богомајчинска помош и нејзиниот мајчински покров. Колку што е важно како веруваме денес, така уште поважно е подлабоко и посилно да ја примиме таа спасителна вистина и да се зарадуваме, бидејќи ние имаме застапница на родот христијански. Мајката Божја како вистинска мајка постојано и секогаш ги слуша нашите молби, нè разбира и секогаш и на секого му помага. Верувајте во тоа и надевајте се на неа и на нејзиното Богомајчинско престојување, и од сета душа и од сето срце да испросиме денеска нејзино покровителство.

Мајко Божја принеси ги нашите молитви кон престолот на Синот твој. Испроси од него за сите нас милост, здравје и спасение, мир во светот и благосостојба во нашата Светиклиментова и Светинаумова Црква, како и во нашата мила татковина Република Македонија. Амин!

Покров на Пресвета Богородица
параклис „Покров на Пресвета Богородица", Митрополитска резиденција
14.10.2010 година
Охрид

Мала БогородицаМитрополит Тимотеј

Твоето раѓање Богородица Дево, радост му јави на целиот свет

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри!

Денес, светата православна Црква го прославува раѓањето на света Дева Марија. Затоа нашата света црква пее: „Твоето раѓање Богородице Дево, радост му јави на целиот свет". Затоа денеска се радува и небото и земјата. Радоста се гледа во тоа што Бог ја дарува на светот преблагословената Владичица Богородица. Со нејзиното раѓање доаѓа радост на светот. Со нејзиното доаѓање се посведочува дека човечкиот род не е оставен да загине и погине во грев, туку дека Господ сака да го повика и спаси од погибел.

На светот му е потребно да изгрее Сонцето на правдата - Христос нашиот Бог. Таа е преблагословена како Месечина, што го навестува Сонцето. Таа доаѓа да послужи за да се отелотвори во неа Оној, Кој не може никаде да се смести; таа да постане ковчег на најголемата светиња во светот, да Го принесе и да Го покаже, носејќи Го во своите мајчински прегратки Единородниот Син и нашиот Господ Исус Христос. Таа го исполнува советот на Светата Троица. Па, затоа со таква радост Црквата ја воспева денеска, нарекувајќи ја Мајка на Христа Бога, Царица на небото и земјата, споредувајќи ја со утринската зора, која го наговестува почетокот на Божествениот ден!

Верните луѓе со особена радост и духовна умилност ја нарекуваат Застапница на грешните луѓе. Да се застапува за беззаконите и недостојни луѓе, тоа не е лесна мисија. Не е лесно, но таа се јавува и како Мајка Божја. Таа нè гледа сите колку сме различни во нашите паѓања и гревови, престапувања и грешења.

Многумина од нас сме уцврстени и озлобени, па ни е тешко да се покаеме и очистиме, за на неа да и принесеме радост. Многумина од нас како грешници, забораваме и на Бога, и не ги помниме грижите на Божјата Мајка, и тешко ни е да се покаеме, оправдувајќи се со младоста, безгрижноста, или, пак, премногу врзувајќи се со земните богатства. Човекот, кога е здрав и во добра состојба, тој или малку или воопшто не размислува за своите гревови, за вечниот живот и за повозвишени нешта. Помеѓу тие, пак, кои се лишени од здравје, или од земни богатства, многумина не си спомнуваат за Бога, за Мајката Божја, затоа што очајуваат, поради слабоста на нивната вера.

Во каква состојба би се нашол човек - тој е дете Божјо и дете на Мајката Божја. Таа е Мајка за сите: и за добрите и за лошите; за оние што се сомневаат и маловерните, немоќните, слабите; за живите и за оние што се на умирање; за сите таа е усрдна застапница. Таа го моли својот Син за сите нас. Не и е лесно на Мајката Божја да биде застапница на човечкиот род.

Ние луѓето сами на себе си создаваме тешкотии. Подигнуваме ѕидови, кои нè разделуваат од Бога и застапницата наша, Мајката Божја. Над сè стои мајчинската љубов, нејзината силна и горешта молитва и нејзиното постојано застапништво. На неа сите луѓе и се драги. Нејзиниот, пак, Син, не може да не ја услиши нејзината молитва и нејзините воздишки за родот човечки. Он неа и говорел: „барај мајко од мене, Јас нема да те вратам, туку ќе го исполнам секое твое барање". Молитвата на секоја мајка не останува празна, а уште повеќе, пак, на Мајката Божја, која во себе ја има севкупната мајчинска љубов.

Имаме многу примери каде се искажува големата љубов на мајката кон своите деца. Еден син, кој живеел распуштен живот, подавајќи се на алкохол и на други пороци, во едно бессознание во гревот, одлучил да ја убие и својата родена мајка. И откако го извршил делото, ја ставил нејзината глава во вреќа, и се обидел да ја фрли надвор од населеното место, па застанал со автомобилот, и сакајќи да го прескокне ендекот, се сопнал и паднал. Мајчината љубов од отсечената глава проговорила, но таа не проговорила со клетви, со прекори, туку повторно ја искажала мајчинската грижа: „синко да не се повреди?" Овој пример ги покажува јачината и силината на мајчинската љубов.

Исто така, имаме примери и од житијата на светиите. Мајката на бл. Августин, света Моника, го следела својот син од град во град. Таа не можела да го спаси, но одела по неговите грешни патеки и ги заливала со солзи на мајчинска љубов, а сè со надеж дека нејзиниот син ќе се поправи. Кога таа пристапила кон старец Амвросиј, тој и рекол: „Солзите мајчински не можат да пропаднат без забележителна трага." И нормално, синот се покајал и се преобратил, па го нашол правиот пат. Потоа тој станува и голем учител на црквата Христова.

Ова е еден од многуте примери на мајчинска љубов кон децата. Мајката Божја боледува за нас, плаче за нас и со нас. Таа непрестајно бара милост за нас кај Господа, за нашите многубројни престапи и прегрешенија. По нејзините молитви Господ ни испраќа сè што ни е потребно за нашиот времен и вечен живот. Ете зошто ние секогаш прибегнуваме кон неа и ја молиме: „Пресвета Мајко Божја моли го твојот Син и наш Бог, да ги спаси нашите души." Амин!

Рождество на Пресвета Богородица – Мала Богородица
ман. „Света Богородица – Пречиста" Кичево
21.09.2010 година

osvetuvМитрополит Тимотеј

Храмот Божји – училиште на верата и благочестивоста

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри!

Нашиот Господ уште од самиот почеток на создавањето на човекот, промислува за неговото постоење и живеење. Бог, на луѓето уште при создавањето им дал посебна чест за разлика од останатите созданија. Но, луѓето погрешиле и тоа блаженство што го имале го изгубиле со паѓањето во грев. Љубовта, пак, кон човечкиот род, Господ ја покажува низ целата историја, а сè со желба луѓето да се одвратат од престапи и гревови, и да ја засакаат вистината, правдата и законот Божји. Бог ја основал и Црквата. Му го дарувал Ерусалимскиот храм на воскресението Христово, дарувал безброј храмови низ целиот свет, каде се принесуваат топли молитви и му се возвишуваат славословија.

Пред малку ги слушнавме зборовите од светото Евангелие. Господ ја создал Црквата и и дал ветување, дека и „вратите на адот не можат да ја надвладеат" (Мт. 16,18). На Црквата Бог и ги дал клучевите од Царството. Исто така, на Црквата Бог и дал право да ги разделува Божествените дарови на верниците. Во храмот, „Божјите очи и срцето Негово престојуваат во сите денови" (3Цар. 9,3). Тука Господ го пројавува Своето благодатно присуство и го манифестира Својот глас на љубовта.: „Дојдете кај Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам" (Мт 11,28). Се поставува прашање: од што ќе не успокои? Од бедите и од животните тешкотии, од гревот и од душевните маки. Малку е тоа. Он не само што ќе нè успокои, туку дава и утеха и облагородување на секоја христијанска душа, која страда и се мачи. Бог со својата милост и помош дава начин и пат да ги пребродиме тие маки.

Историјата на Црквата Христова и нејзиното религиозно искуство ни сведочат за тоа дека во храмот Божји луѓето се удостојуваат со благодатна помош Божја. Во Стариот завет, праведната Ана, мајката на пророкот Самуил, ја добила веста дека нејзиното барање е услишано и таа нема да биде неплодна, туку ќе има син. Оваа вест ја примила во храмот. Пророкот Захариј, исто така, во храмот ја прими веста дека неговата жена Елисавета ќе му роди син. Преподобна Марија Египетска, која била голема грешница, ќе се удостои на дарот на покајанието во притворот на храмот. Многумина имаат примено исцелување во храмовите. И денеска течат многу дарови од милоста Божја во храмовите.

Благодатта Божја секогаш престојува во Црквата Христова. Со своите молитви Црквата го осветува нашиот земен живот. Таа е силна не само кога ни е добро, туку и во тешки моменти, па и во задгробниот живот, бидејќи таа е овластена да врзува и разврзува, и да ни ги отвора и затвора дверите небесни, според правото што и е дадено од Господа Исуса Христа: „Вистина ви велам: сè што ќе сврзете на земјата ќе биде сврзано и на небото; и сè што ќе разрешите на земјата, ќе биде разрешено и на небото" (Мт. 18,18).

Според волјата на Бога Отецот и Господа нашиот Исус Христос, патот кон вечниот и блажен живот поминува преку храмот Божји. Во храмот Божји е утврдена скала, која нè води и воздигнува во Царството Небесно. Во храмовите сè нè потсетува и напомнува за Небото, сè го воздигнува нашиот ум и срце кон Бога. И архитектурата на храмот, и живописот, и богослужението, и светите икони, и дејствијата, и обредите, сето тоа сведочи за горното и сето тоа нè повикува кон висините. Храмот Божји - тоа е место каде што се извршуваат светите тајни. Тој е училиште на верата и на благочестивоста, кои ни се даваат во името на Бога од престолот Божји, а се даваат од Бога преку избраните од Бога и поставени свештенослужители на црквата.

Во храмовите Божји ние имаме чест да се молиме. Молитвата е неопходен услов за добивање на благодатта Божја. Можно е, па дури и потребно е да се молиме и во нашите домови, но домашната молитва може да биде студена и слаба. Во храмот Божји молитвата на секој од нас е поткрепена и е загреана со општата молитва на христијаните, со молитвата на свештенослужителите, но најглавна е бескрвната жртва за време на Литургијата. Во храмовите молитвено се соединуваат земната и небесната Црква. Со една уста и едно срце ние го славиме Господа, му се молиме за простување на нашите гревови и да ни подари големи и богати милости.

И ние денеска се собравме во овој свет храм за да го осветиме, посветен на свети Никола Мирликијскиот чудотворец. Храмот не е само да нè потсетува на историските настани, туку тој има и духовна сила, бидејќи ни напомнува на зборовите на св. ап. Павле за тоа дека секој човек „е храм Божји, и дека Духот Божји во нас живее" (1Кор. 3,16). Каков е нашиот храм? Дали не е затрупан со куп камења и дали не е осквернет со лоши дела? Но, Црквата преку зборовите на богослужението нè повикува: „Обновувајте се браќа". И стариот гревовен човек да го оставиме и во нов живот да живееме, исполнет со добродетели, добри дела, на што нè повикува Господ Исус Христос со целокупната Своја мисија, преку светата Црква.

Драги браќа и сестри, не е доволно што го изградивте и украсивте овој свет храм, како надворешно, така и внатрешно, кој заслужува секаква пофалба, пред сè на црковните настојатели, а и на сите вас што помогнавте да се изгради од темел и да се украси како што доликува на еден вистински храм, особено во охридско. Но, потребно е да градиме жив храм во нашите срца, во нашите души, и да го сведочиме на секое место нашето вистинско православно исповедание, кое треба да биде пропратено и со добри дела. Тогаш ќе имаме полза и духовна и телесна од семилостивиот Господ, а по молитвите и застапништвото на св. Никола Мирликијскиот чудотворец. Амин!

Осветување на храмот
„Св. Никола"
19.09.2010 год.
с. Трпејца, Охрид

Страница 2 од 3

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Јануар 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
29 30 31 1 2 3 4
5 6 7 8 9 10 11
12 13 14 15 16 17 18
19 20 21 22 23 24 25
26 27 28 29 30 31 1