Мала БогородицаМитрополит Тимотеј

Твоето раѓање Богородица Дево, радост му јави на целиот свет

Во името на Отецот и Синот и Св. Дух!
Драги браќа и сестри!

Денес, светата православна Црква го прославува раѓањето на света Дева Марија. Затоа нашата света црква пее: „Твоето раѓање Богородице Дево, радост му јави на целиот свет". Затоа денеска се радува и небото и земјата. Радоста се гледа во тоа што Бог ја дарува на светот преблагословената Владичица Богородица. Со нејзиното раѓање доаѓа радост на светот. Со нејзиното доаѓање се посведочува дека човечкиот род не е оставен да загине и погине во грев, туку дека Господ сака да го повика и спаси од погибел.

 

На светот му е потребно да изгрее Сонцето на правдата - Христос нашиот Бог. Таа е преблагословена како Месечина, што го навестува Сонцето. Таа доаѓа да послужи за да се отелотвори во неа Оној, Кој не може никаде да се смести; таа да постане ковчег на најголемата светиња во светот, да Го принесе и да Го покаже, носејќи Го во своите мајчински прегратки Единородниот Син и нашиот Господ Исус Христос. Таа го исполнува советот на Светата Троица. Па, затоа со таква радост Црквата ја воспева денеска, нарекувајќи ја Мајка на Христа Бога, Царица на небото и земјата, споредувајќи ја со утринската зора, која го наговестува почетокот на Божествениот ден!

Верните луѓе со особена радост и духовна умилност ја нарекуваат Застапница на грешните луѓе. Да се застапува за беззаконите и недостојни луѓе, тоа не е лесна мисија. Не е лесно, но таа се јавува и како Мајка Божја. Таа нè гледа сите колку сме различни во нашите паѓања и гревови, престапувања и грешења.

Многумина од нас сме уцврстени и озлобени, па ни е тешко да се покаеме и очистиме, за на неа да и принесеме радост. Многумина од нас како грешници, забораваме и на Бога, и не ги помниме грижите на Божјата Мајка, и тешко ни е да се покаеме, оправдувајќи се со младоста, безгрижноста, или, пак, премногу врзувајќи се со земните богатства. Човекот, кога е здрав и во добра состојба, тој или малку или воопшто не размислува за своите гревови, за вечниот живот и за повозвишени нешта. Помеѓу тие, пак, кои се лишени од здравје, или од земни богатства, многумина не си спомнуваат за Бога, за Мајката Божја, затоа што очајуваат, поради слабоста на нивната вера.

Во каква состојба би се нашол човек - тој е дете Божјо и дете на Мајката Божја. Таа е Мајка за сите: и за добрите и за лошите; за оние што се сомневаат и маловерните, немоќните, слабите; за живите и за оние што се на умирање; за сите таа е усрдна застапница. Таа го моли својот Син за сите нас. Не и е лесно на Мајката Божја да биде застапница на човечкиот род.

Ние луѓето сами на себе си создаваме тешкотии. Подигнуваме ѕидови, кои нè разделуваат од Бога и застапницата наша, Мајката Божја. Над сè стои мајчинската љубов, нејзината силна и горешта молитва и нејзиното постојано застапништво. На неа сите луѓе и се драги. Нејзиниот, пак, Син, не може да не ја услиши нејзината молитва и нејзините воздишки за родот човечки. Он неа и говорел: „барај мајко од мене, Јас нема да те вратам, туку ќе го исполнам секое твое барање". Молитвата на секоја мајка не останува празна, а уште повеќе, пак, на Мајката Божја, која во себе ја има севкупната мајчинска љубов.

Имаме многу примери каде се искажува големата љубов на мајката кон своите деца. Еден син, кој живеел распуштен живот, подавајќи се на алкохол и на други пороци, во едно бессознание во гревот, одлучил да ја убие и својата родена мајка. И откако го извршил делото, ја ставил нејзината глава во вреќа, и се обидел да ја фрли надвор од населеното место, па застанал со автомобилот, и сакајќи да го прескокне ендекот, се сопнал и паднал. Мајчината љубов од отсечената глава проговорила, но таа не проговорила со клетви, со прекори, туку повторно ја искажала мајчинската грижа: „синко да не се повреди?" Овој пример ги покажува јачината и силината на мајчинската љубов.

Исто така, имаме примери и од житијата на светиите. Мајката на бл. Августин, света Моника, го следела својот син од град во град. Таа не можела да го спаси, но одела по неговите грешни патеки и ги заливала со солзи на мајчинска љубов, а сè со надеж дека нејзиниот син ќе се поправи. Кога таа пристапила кон старец Амвросиј, тој и рекол: „Солзите мајчински не можат да пропаднат без забележителна трага." И нормално, синот се покајал и се преобратил, па го нашол правиот пат. Потоа тој станува и голем учител на црквата Христова.

Ова е еден од многуте примери на мајчинска љубов кон децата. Мајката Божја боледува за нас, плаче за нас и со нас. Таа непрестајно бара милост за нас кај Господа, за нашите многубројни престапи и прегрешенија. По нејзините молитви Господ ни испраќа сè што ни е потребно за нашиот времен и вечен живот. Ете зошто ние секогаш прибегнуваме кон неа и ја молиме: „Пресвета Мајко Божја моли го твојот Син и наш Бог, да ги спаси нашите души." Амин!

Рождество на Пресвета Богородица – Мала Богородица
ман. „Света Богородица – Пречиста" Кичево
21.09.2010 година

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5