Св. арх. МихаилМитрополит Тимотеј

За ангелите

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!

Често во нашите богослужби ги слушаме зборовите: „Ангел на мирот, верен раководител, чувар на нашите души и тела просиме од Господа“. Овие кратки зборови имаат голема содржина и значајна молитва. Ние го молиме Дародавецот на сите добрини, Бога Создателот, да ни дарува и ангел пазител. Се поставува прашање кои се ангели? Според учењето на нашата света Црква и вера, тие се свети духовни суштества создадени од Бога пред човекот,кои постојано го слават Бога Отецот и ја исполнуваат Неговата волја.  Св. ап. Павле во посланието до Евреите  вели: „Нели се сите тие службени духови, определени да им служат на оние, што ќе го наследат спасението“ (Евр. 1,14).

 

Тие се гласници на радосните вести и им ја јавуваат волјата Божја на луѓето. Тие нè упатуваат во верата, ни ја откриваат вистината Божја, нè избавуваат од разни маки и искушенија, нè упатуваат да правиме добри дела и да живееме според волјата Божја. Тие се од Бога испратени учители и ни помагаат побрзо, полесно и правилно да ги разбереме поуките на нашата света Црква. Тие побудуваат во нашето срце љубов кон Бога и кон луѓето. Нè упатуваат на патот на правдата и вистината и на крајот од нашиот пат ни ја објавуваат заслужената награда од нашиот Бог, односно Царството Небесно.

Но, ако, пак, скршнеме од вистинскиот пат, патот Христов, според нашата човечка слабост, искушувани и измамени од нашиот најголем непријател, демонот, па паднеме во грев, ангелите нè повикуваат на покајание заради очистување од гревот и заради нашето спасение. Ни помагаат да се ослободиме од гревот, да ги измиеме срцето и душата од гревот со кои сме ги обремениле и извалкале. Ако се вратиме од гревовниот беспат и се упатиме по вистинскиот Христов пат, ќе им донесеме на ангелите безгранична радост. Ако, пак, останеме во грев ги жалостиме ангелите и ги изгонуваме од нашето срце и душа. Онака како што со чад ги истеруваме пчелите од нивните сандаци, така и нашиот ангел пазител го изгонуваме од нас со нашите непокаени гревови.

Ангелите се бестелесни суштества и ние обичните смртници не можеме да ги видиме со нашите телесни очи. Но, облагодетените и свети подвижници можат да ги гледаат и да зборуваат со ангелите. Во житијата на светиите имаме примери кога одделни угодници Божји зборуваат со ангелите. Така свети Неофит раскажува дека еднаш видел  ангел Божји како седи на еден праг од еден дом и плачел. На прашањето зошто плачеш, добил одговор: „Заради паѓање во грев на момчето што ми е поверено да го пазам. Не можам да се приближам до него бидејќи постана слуга на ѓаволот, а мене ми остана да тагувам и да се молам за него на Бога“. Затоа нашата света Црква секојдневно се моли на Бога, нашиот ангел пазител секогаш да биде со нас, да нè сочува од лоши помисли и нечесни желби и лоши дела и ако непријателот нè излаже и направиме било каков грев и престап, ангелот пазител да нè избави од лошите духови и постојано да нè пази од изненадни беди и искушенија.

Според учењето на светата православна Црква секој човек кога се крштева добива од Бога ангел пазител, кој го раководи и чува од секакво зло во неговиот живот и го води по патот кон Царството Небесно. Ова учење има основа во Светото Писмо. Св. ап. Петар кога бил затворен во темницата и лежел во окови, ангел, според волјата Божја, го ослободува од оковите и темницата: „Ангел Господов застана, и светлина блесна во затворот. Ангелот го потчукна Петра по ребрата и го разбуди, па му рече: стани брзо! И веригите му паднаа од рацете негови. Опаши се и обуј си ги чевлите. Така и направи. И пак му рече: Облечи ги алиштата свои и врви по мене“ (Дела 12, 7-8). Псалмопевецот Давид сведочи дека Господ им заповедал на ангелите да ги чуваат оние кои го љубат Него и Законот Негов. „Затоа што им заповеда на ангелите Свои за Тебе, да Те чуваат на сите патишта Твои“ (Пс. 90,11).

Драги браќа и сестри, ако сакаме нашиот ангел пазител да биде со нас, срдечно да се молиме на Бога за да ги видиме нашите гревови и сесрдно да почнеме да се каеме со солзи покајни. Да ги измиеме со помош Божја нашите гревови од нашите души и срца, та нашиот ангел чувар да се врати на нашите порти и да нè очисти и штити од секакви искушенија. Да нè запази нашиот ангел пазител од секакви лоши духови, да останеме чисти и неизвалкани на нашиот пат, кој води во вечниот живот и Царството Небесно. Амин!

                                                       
21.11.2010 год.
црква „ Св. Архангел Михаил“
Италија

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5