VraciМитрополит Тимотеј

Голем е Бог во Своите светии!

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!

Често пати во нашите храмови ги слушаме зборовите за време на богослуженијата: „Дивен Бог во свјатих Своих“ или на македонски кажано: „Голем е Бог во светиите Свои“. Величината Божја покрај тоа што се гледа во сето она што можеме да го видиме во овој свет, од неговото создавање, па сè до раководењето со него и со сите природни законитости, се согледува и во неговите светии, кои со своите чесни животи и подвизи на земјата ја исполнувале волјата Божја и законите и прописите Негови. Со таквиот нивни живот тие го прославиле на земјата и меѓу луѓето Неговото свето име, па затоа и Бог нив ги прославил на Небото. Од безброј такви Божји угодници, светата православна Црква денеска ги прославува двајцата браќа Козма и Дамјан, т.н. бесребреници.

 

Овие двајца Божји угодници биле браќа и по тело и по дух. Биле родени во Азија од татко незнабожец и мајка христијанка. Уште како малечки останале без татко и нивната мајка, како благочестива христијанка, ја посветила сета љубов кон своите рожби за да ги воспита во вистинската вера христијанска. Таа не била само учител кој ги запознавала и учела на верата, туку, истата вера и таа ја живеела и со својот личен пример сите вистини и учења на Црквата ги посведочувала, а со тоа ги утврдувала на вистинскиот пат и нејзините синови. Тие уште како млади ја изучиле лекарската вештина за да можат да лекуваат болни со разни лековити билки. Но, си дале завет дека нема да наплаќаат и да земаат никакви подароци за тоа што ќе помагаат и лекуваат разни болести во народот. Се држеле до евангелските зборови: „Бесплатно примивте, бесплатно давајте“ (Мт. 10,8).

Од нивното житие се подучуваме дека овие Божји угодници биле свесни дека не лекуваат тие или билките, туку дека Божјата милост се пројавува преку нив. И ние како христијани и припадници на нашата света православна вера и Црква треба со искрена молитва да се обраќаме кон Божјите угодници, и тоа не само кон светите бесребреници Козма и Дамјан, туку и кон сите други светии кои го прославиле Бога во нивниот живот. Нивните молитви се моќни пред лицето Божјо бидејќи живееле свет и непорочен земен живот. Нивните души и срца биле очистени од секакви гревовни и страсни приврзаности и со чисти души можеле уште додека биле живи со смелост да го молат Бога за секаква помош и лекување на луѓето кои барале од нив помош. По нивното упокојување тие се уште посилни, бидејќи после преселувањето во вечноста немаат ни можност да погрешат. Затоа нивните молитви се посилни и посигурни и исполнети од Севишниот Дародавец на секое добро на секоја христијанска душа, која со искрена и цврста вера се обраќа и бара помош.

И ние денеска кои сме собрани во овој свет храм да ги прославиме овие двајца Божји угодници, да се обратиме со молитва тие да бидат наши молитвеници пред лицето Божјо за да ни се исполнат нашите прозби и молитви, па да можеме да живееме благочестив, непорочен, вистински христијански живот, исполнет со добри дела, а со кои полесно и поискрено ќе го прославиме Троичниот Бог, Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин!

                                                             
14.11.2010 год.
Храм „Св. Козма и Дамјан“
Охрид

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5