На 06 март 2009 година, во попладневните часови во првиот петок од Великиот пост, во црквата "Света Богородица - Каменско" во Охрид, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј отслужи Мало Повечерие со првата статија од Акатистот кон Пресвета Богородица.

Согласно Цариградската пракса, Акатист кон Пресвета Богородица за време на Великиот пост се служи првите четири петоци, и во секој од петоците се отслужува по една статија од Акатистот, кој е поделен на четири статии во рамките на Канонот, додека, пак, во петтата недела од Великиот пост се служи целиот Акатист.

По завршувањето на богослужбата, Владиката г. Тимотеј, кон верниот народ се обрати со поучно слово кое интегрално Ви го пренесуваме:

Nike Sneakers Store | Air Jordan 1 Retro High OG "UNC Patent" Obsidian/Blue Chill-White For Sale – Fitforhealth

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух,

Слушајќи ги зборовите за време на оваа прва недела во Велигденскиот пост, особено во канонот на свети Андреј Критски што го читавме на повечерие, овие четири дена можевме и физички и духовно да заплачаме сеќавајќи се на нашата прамајка Ева и за нејзиното изгонување од рајот. Но, мораме да бидеме исполнети со радост во нашата душа кога прамајката Ева ќе ја споредиме со смиреноста, послушноста и исполнителноста на Пресвета Дева Марија и нејзините заслуги за нашето спасение.

Пресвета Дева Марија е нај велелепен и пресвет храм Божји, чист ковчег, златна кадилница, скала која го поврзува небото и земјата по својата возвишеност и чистота на срцето. Таа е богата царска трпеза и скапоцен сосад. Таа е за нас златна капија. Поминувајќи преку неа се осветлува со небесна светлина сета земја.

Света Дева Марија е пофалба на девиците и радост на мајките и заедно со нив радосен глас на ангелите "Радувај се, благодатна! Господ е со тебе! Благословена си ти меѓу жените!" (Лк. 1, 28). "Не бој се, Марија, зашто си нашла милост пред Бога; и ете, ти ќе зачнеш во утробата и ќе родиш Син, и ќе го наречеш со името Исус" (Лк. 1, 30-31). Господ ја избрал неа бидејќи била најдостојна жена од сите жени во целиот свет. Преку првата жена Ева во светот дошле тагата и болката, а преку Пресвета Богородица, радоста и утехата. Таа го израмнила престапот Евин. Таа е света и достојна да го носи Бога и таа го носела во себе Оној: "Кој, држејќи сè со Своето моќно слово, откако преку Себе ги очисти нашите гревови, седна од десната страна на престолот на величието во висините" (Евр. 1, 3). Се восхитуваме не само на нејзината чистота, туку и на нејзиниот смел дух па затоа и воскликнуваме: „Господ е со тебе; Господ е од тебе; Господ Кој е многу милостив дојде да го спаси оној кој е создаден по негов лик; заради тоа сме должни од длабочината на нашето срце и душа заедно со светите ангели да запееме: 'Радувај се и весели се Господ е со тебе, самиот Господ изворот на нашето спасение".

Драги христијани, ние сме должни со голема побожност и почит со вера и надеж да ја славиме и величаме Пресвета Богородица. Знаеме дека таа како благодатна и исполнета со љубов се јавува како заштитница на црквата Христова. После вознесението на нејзиниот Син таа е секогаш со неговите ученици во Ерусалим. По слегувањето на Светиот Дух врз апостолите таа го благословува нивниот почеток на евангелската проповед за воскреснатиот учител. Патувала како и апостолите по светот помагајќи им на апостолите во проповедта и благословувајќи ја нивната возвишена работа на спасението на луѓето преку верата во божествената наука на нејзиниот Син.

Светото црковно предание зборува дека после нејзиното успение, на третиот ден, таа им се јавува на апостолите и ги утешува со зборовите: „Јас сум со вас во сите денови“. Нејзиното ветување дека ќе биде со нас во сите денови се потврдува со нејзиното јавување на многу луѓе во маки и страдања и во болки. Така се појавува во Цариград во Влахернската црква држејќи го раширен својот омофор над луѓето како заштита над луѓето. Се јавува преку безброј чуда кај верните кои ù се обраќаат за помош. Затоа постојат многу чудотворни икони во целиот православен свет кои ù се посветени. Во нашата епархија имаме таква чудотворна икона која особено се почитува во манастирот Света Пречиста Кичевска, а исто така и други икони кои за жал денес се наоѓаат во галеријата на икони, како што се: Одигитрија, Психосострија и др.

Нашите стари баби и мајки седејќи покрај колевката на детето и заспивајќи го се молеле на Пресвета Богородица да го чува и брани младенецот од лоши и нечисти сили и од секое зло. Седејќи покрај постелите на болните нивните мисли биле упатувани кон мајката Божја за помош и оздравување на болниот човек. После примање на помошта деноноќно изговарале кратка, но благодарна молитва со зборовите: "Ти благодариме мајко мила на твојата помош".

Драги браќа и сестри, да упатиме и ние според примерот на нашите неписме или полуписмени баби и мајки но со бистар ум и чисто срце, молитва кон Пресвета Богородица нашата заедничка мајка: "Пресвета Богородице, мајко наша, моли го твојот Син да ги спаси нашите души, а на тебе слава и благодарност, што секогаш нè заштитуваш со твојот покров од секој грев и од секое зло". Амин.

06.03.2009 година, I Акатист од Велигденскиот пост
црква Света Богородица - Каменско, Охрид

akatist1

akatist1

akatist1

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Декември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31 1 2 3