Во четвртата недела на Великиот пост, недела посветена на свети Јован Лествичник, во црквата свети Петар и Павел во Кичево, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, во сослужение на повеќемина свештенослужители од кичевското и охридското архиерејско намесништво отслужи света божествена Литургија. Кон верниот народ, Владиката се обрати со поучно слово кое интегрално ви го пренесуваме:

affiliate link trace | Air Max

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух. Амин!

Драги браќа и сестри,

Денешното свето Евангелие ни зборува за страдањето на еден млад човек, кој бил опседнат од нечист дух. Тој нечист дух го измачувал на најразлични начини. Го фрлал во оган и во вода, честопати со голема опасност да го загуби својот овоземен живот.
 
Таткото на овој млад човек го носел кај најразлични лекари со молба и со желба неговото сакано чедо да биде излекувано. Барајќи лек го донел и кај апостолите на Господа Исуса Христа и нив ги молел да го излекуваат. Но тие, како што слушнавме од Евангелието, не можеле да го излекуваат.

Овој настан се случува за време додека нашиот Спасител, Господ Исус Христос, се преобразувал на гората Тавор во присуство на своите тројца ученици: Петар, како претставник на силна и непоколеблива вера, Јаков, како претставник на постојана надеж, милост и човекољубие Божјо, а Јован, како претставник на безграничната љубов кон Бога и кон ближните како кон Божји деца. Пред овие тројца апостоли Христос се преобразил и Неговото лице засветило како сонце, а алиштата му биле побели од снег. И тогаш им се покажале Мојсеј и Илија, кои зборувале со Него (Мт. 17, 2). Тогаш овие тројца Господови ученици ја виделе славата и божеството на нашиот Спасител и Господ. Како што претходно рековме, токму во овој момент несреќниот родител го донел својот син кај останатите апостоли за да го излекуваат. Но, тие сè уште не биле цврсти во својата вера и немале уште благодат Божја, заради отсуството на нивната вера, и затоа не можеле да го излекуваат овој несреќник. Откако Господ Христос слегол од гората Тавор, овој несреќен родител го довел својот син пред нозете на Христа, молејќи го со зборовите: Ако можеш, смилувај се над нас и помогни ни (Мк. 9, 22)! А Господ Христос му рекол: Ако можеш да поверуваш - сè е можно за оној што верува (Мк. 9, 23)! Тогаш родителот паднал на коленици и рекол: Верувам, Господи, помогни му на моето неверие (Мк. 9, 24)! Самиот родител немал цврста и непоколеблива вера, која што раѓа чуда. Бидејќи самиот на Спасителот му рекол: ако можеш. Таква слаба и неутврдена вера и денеска честопати се сретнува кај безброј луѓе кои се наоѓаат во разни искушенија, маки и страдања, болести и непогодности. Со нивните воздишки се молат: Боже, ако те има; Боже, ако постоиш некаде. Со вакви молитви очекуваат Господ да им помогне. Се разбира, тоа се празни зборови без содржина, без вера, без надеж.
Чудото е како законско чедо на бракот, бракот на верата и љубовта, на човековата љубов кон Бога. И тука се случува чудо откако овие услови се исполнети. Откако родителот со солзи во очите паднал на колена и воскликнал: Верувам, Господи, помогни му на моето неверие, тогаш Господ Христос му заповедал на нечистиот дух да излезе од него. И ѓаволот излегол од детето и тоа оздравело во тој час.

Тука се венчала човечката вера и надеж со Божјата љубов, и се родило чудо - се излекувало момчето опседнато од нечист дух.

Апостолите, кога останале насамо, го прашале Господа Христа: Зошто ние не можевме да го истераме? А Христос им одговорил: Заради вашето неверие. И додал: Овој род со ништо не може да се истера, освен со молитва и пост (Мк. 9, 29). Покрај цврстата и непоколеблива вера во семожноста Божја, постојаната надеж на милоста и човекољубие Негово, постот и молитвата се испробани лекарства против лошиот дух, кој обиколува како лав што рика и бара некого да проголта (1 Петр.5, 8).

Бидејќи се наоѓаме во втората половина од Великиот пост, добро е да се потсетиме дека постот и молитвата ги смируваат страстите, кои нечистиот дух, преку мрсната и богата храна и преку силните пијалаци, ги разгорува до грев. А молитвата ја чисти душата од гревовните нечистотии, како водата што ја мие телесната нечистотија. Што е водата за телото, тоа е молитвата за душата. Исто онака како што човечкото тело секој час се валка со телесната нечистотија, исто така, и душата се валка со духовна нечистотија. Лошите мисли, гордоста, зависта, омразата, љубомората, страстите, сите тие ја валкаат душата. Затоа постот и постојаната молитва се неопходни средства за борба против лошиот дух.

Од ова чудо кое е плод на силната вера да извлечеме и ние поука за нас. Во нашиот живот имаме големи искушенија и проблеми поради кои имаме потреба да се молиме на нашиот Спасител и Избавител за Негова помош. Кога се молиме на Бога и бараме Негова помош, потребно е да пристапуваме со голема и цврста вера, најпрво во семоќноста Божја, и да бараме она што ни е потребно и корисно за нашата душа и нејзиното вечно спасение во Царството Божјо. Во нашата молитва не смее да се појави ни најмал сомнеж во семоќта Божја. Многупати нешто молиме, но нашите молби остануваат неслушнати. Бараме и очекуваме помош, но неа ја нема. Ако се запрашаме зошто нашата молба не е исполнета, ќе добиеме одговор од свети апостол Јаков, кој вели: Просите, а не добивате, зашто зло барате, за да го трошите во вашите похоти (Јк.4, 3).
Да се сетиме на Христовата порака, која вели: Кој верува во Мене има живот вечен. Оној што верува, не само што ќе добие вечен живот, туку има живот вечен и сега, во овој живот. Тој човек има мир во душата, спокоен сон и сè она што го краси благородниот и честит човек. За да се добие живот вечен не е доволно само празна вера. Потребни се и добри дела. За тоа ни потврдува светиот апостол Јаков со неговите зборови: Верата без дела е мртва (Јк. 2, 17).

Денешниот човек има слаба вера. Потребно е да го молиме Господа, како некогаш апостолите: Господи, дај ни силна вера. Да го молиме Господа да ни помогне да исфрлиме од нашите срца секаков сомнеж, да ја засили нашата вера, како онаа на несреќниот родител од денешното свето Евангелие. И да ја упатиме нашата молитва: Веруваме, Господи, помогни му на нашето неверие. Нашата вера, засилена со Божјата милост, ќе донесе корисен плод бидејќи Господ кога ќе ја види нашата постојана и силна вера ќе ги исполни нашите молитви, со зборовите: Нека ви биде според вашата вера. По молитвите на свети Јован Лествичник, големиот молитвеник и испосник, Бог нека ја зацврсти на нашата вера и непоколеблива надеж. Бог да ги услиша нашите молитви.

Амин, така нека биде!

kicevo1

kicevo1

kicevo1

kicevo1

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Декември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31 1 2 3