Празникот посветен на свети Климент и свети Пантелејмон најсвечено се прослави во истоимениот манастир на Плаошник во Охрид. Празнувањето започна со служење на празнична вечерна богослужба со која чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј во сослужение на повеќемина свештенослужители од Охрид. По вечерната богослужба се служеше и молебен пред моштите на свети Климент, Охридскиот чудотворец, после што Митрополитот Тимотеј произнесе празнично слово, кое во целост ви го пренесуваме:

Nike Sneakers | NIKE HOMME

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух! Амин.

Драги браќа и сестри,
Кој денеска нè собра во олку голем број во овие топли августовски денови? Без сомневање не собра гласот на свети Климент, Охридскиот чудотворец и закрилник на Македонија. Ние во овој момент стоиме покрај неговиот свештен гроб и пред светите мошти на овој Божји угодник. Тој како жив стои пред нас со сиот свој голем дух, со неговите големи подвизи и во сета нетлена своја духовна убавина. Неговиот свет образ е исткаен со многуте подвизи во неговиот живот; неговиот живот е синџир на големи подвизи.

Пред сè тој е голем во своето вистинско христијанско трпение; тој трпи и тогаш кога ќе ги придружува светите браќа во Моравија; тој трпи страдања од латинското германско свештенство; тој трпи маки додека патува како прогонет од Панонија и Моравија; тој трпи неправда и од Бугарскиот двор; тој е протеран на најзападниот дел од тогашното Борисово царство; тој трпи маки додека го создава својот манастир на Плаошник; тој поднесува со трпение и маки додека ги собира своите ученици. Тој трпел до крајот на својот живот и со својот пример нè повикува сите нас кон трпение и кон молитва во борба со гревот и страстите, кон покајание и добродетелен живот, кон такво трпение без кое, според зборовите Христови, никој од нас не може да ја спаси својата душа. (Лука 21, 19).

Тој бил носител на вистински дух на смиреност. Зборовите Христови велат: „Кој сака да биде прв, нека биде последен и на сите слуга“ (Марко 9, 35), и во буквална смисла тој го практикувал тоа во својот живот. На своите браќа тој им бил не само отец, туку и слуга.

Тој бил разделувач на неискажлив извор на љубов. За таа љубов кон него со векови од сите краеви на Македонија и од Балканот, доаѓаат илјадници луѓе кај неговите нетлени мошти. Во таа љубов тој ја крстосувал Македонија поучувајќи народ учејќи ги на вистинскиот пат приведувајќи ги кон Христа, поучувајќи ги во сите области од животот, како што знаеме од неговото житие. Неговиот животописец вели дека свети Климент не им давал сон на очите и дремка на клепките, пребивајќи постојано во молитва и труд, На едните им покажувал основни букви, други поучувал за обични познавања од верата, а на трети, пак, им го толкувал длабинско словото Божјо. Тој преку целиот свој живот не го вознемирувал своето срце со непотребни нешта, на тој начин запазувајќи ги кристално чисти душата и телото. Свети Климент, Охридскиот чудотворец ги воплотил во себе најубавите својства на македонската душа и на македонското благочестие; тој бил совршен пример на христијанска добродетел. Како светител тој припаѓа на вселенската црква, но тој е македонски светител и наш национален подвижник. Ние се гордееме и се восхитуваме на тоа што нашиот народ родил и воспитал таков голем великан на православната вера, која и ние како МПЦ ја исопведаме и ја живееме. Тој е наша слава, тој е наша похвала! Со својот живот, со своето покорно срце и со својата убавина која осветлува, тој сите нè повикува да го подржуваме, вдахновувајќи во нас подвизи во името Божјо, а за спасение на нашите души.

Скоро 11 векови се минати откако го завршил својот овоземен живот. Колку поколенија православни луѓе се поклонуваа на неговите свети мошти! И секое поколение, едно се менувало со друго, не можело а да не слушне, како и ние што слушаме сега, тој завет на свети Климент Охридскиот чудотворец со кој тој се обраќа на секоја православна душа: Пазете ја православната вера! Чувајте ја верата која ја живееле, дишеле и преку која се спасувале нашите предци, нашите прадедовци, дедовци, татковци, која и го воздигнала и свети Климент Охридски на таква висина и вечна слава. Таа вера нè учи на добродетели и ја украсува душата на човекот со таква убавина во светот, со која свети пред нас свети Климент. Таа вера свети во животот на секој човек, укажувајќи му го патот на радоста и вечниот живот. Таа вера е извор на духовни сили со чија помош ние ги победуваме сите наши маки и страдања. Верата нè обединува сите нас во едно семејство како деца Божји и нè прави браќа и сестри во Христа, како што и сега сите нас нè обединила пред моштите на свети Климент. Верата православна нè учи со огнена љубов кон нашата татковина, што никој од нас пред никакви опасности не би се поколебал да го даде и својот живот за својата татковина, како што нашите предци ги давале своите животи во сите буни, востанија и војни и чии души се молат Господ да ги упокои во своето царство, а свети Климент да се моли за нив за успокојување на нивните души.

Во длабочината на духот од овде ќе понесеме два завета од свети Климент, одејќи кон вечен живот по истиот тој пат, по кој одел тој. Чувајте ја својата вера како светиња, својата вера - како наследство на предците. Чувајте ја, како наше богатство, учете ги на таа вистина и своите деца, поучувајте ги вашите наследници, така што никогаш да не се намали и никогаш да не замре Христовата вера во нашата земја.

И ние денеска што сме собрани во овој свет манастир и го прославуваме свети Климент Охридскиот чудотворец, со останатите Седмочисленици, свети Кирил и Методиј, Наум, Сава, Горазд и Ангелариј како и чудотворецот и исцелител Пантелејмон, да го измолиме Господа Исуса Христа да го исполни своето ветување и да ни го прати Светиот Дух. Светиот Дух да ги води сите луѓе кон спасение, да ја запалува верата во срцата на луѓето и да им помага на луѓето да се украсат со вечни убавини. По молитвите на свети Климент и на останатите Божји угодници да се умножува и зацврстува во нашите срца светата православна вера; да допуштиме во нашите срца да живеат љубовта, милосрдието, смирението, кротоста - сè што ја украсува човековата душа, а свети Климент Охридскиот чудотворец, нашиот непрестаен молитвеник, никого кој е дојден денеска кон неговите мошти, и кога и да дојде тука, да не го остави без неговата небесна утеха и без неговиот татковски благослов. Амин!

Потоа, со почеток од 23.30 часот, се отслужи и Акатист на свети Климент, Охридскиот чудотворец.

Голем број на верници преку целата ноќ доаѓаа и трпеливо чекаа за да се поклонат пред моштите на свети Климент, патронот на градот Охрид, на Македонската православна црква и на верниот македонски народ, просејќи негова помош и молитвена закрила пред престолот на Севишниот Господ.

Утредента празнувањето продолжи со служење на света, божествена архиерејска Литургија со која чиноначалствуваше Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, во сослужение на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, игуменот на манастирот „Свети Наум Охридски“, архимандрит Нектариј, игуменот на манастирот „Свети Јован Крстител“ – Бигорски, архимандрит Партениј и повеќемина свештенослужители од Дебарско-кичевската епархија.

На светата Литургија присуствуваше и многуброен верен народ кој, подготвувајќи се преку пост, молитва и исповед, пристапи и се причести со Телото и Крвта на нашиот Спасител, Господ Исус Христос.

На крајот од светата Литургија гледајќи го верниот народ, кој беше присутен во голем број, и поттикнат од пастирската грижа за нивното спасение, Неговото Блаженство, Архиепископот Стефан се обрати кон нив со празнична беседа.

Потоа Архиепископот Стефан, во сослужение на Митрополитот Тимотеј, и на останатите свештенослужители, во дворот на манастирот, изврши водосвет и го освети и прекрши празничниот леб.

DSC 1835

DSC 1845

DSC 1863

DSC 1867

DSC 1870

DSC 1874

DSC 1928

DSC 1953

DSC 1999

DSC 2026

DSC 2046

DSC 2051

DSC 2059

DSC 2066

DSC 2088

DSC 2107

DSC 2126

DSC 2165

DSC 2255

DSC 2264

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Септември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
31 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 1 2 3 4