На 28 март 2010 година, на празникот посветен на „Влегувањето на Господ Исус Христос во Ерусалим - Цветници“ во манастирот „Пресвета Богородица - Пречиста“ во Кичево, надлежниот Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј во сослужение на: архимандрит Нектариј, протојереј-ставрофор Ѓорѓи Лапоски, протојереј Војне Ристески, јереј Игор Никовски и ѓакон Николче Ѓурѓиноски во присуство на мноштво верен народ служеше света божествена Литургија. Пред почетокот на божeствената Литургија, Владиката заедно со останатите свештенослужители изврши чин на благословување и осветување на врбови гранчиња и истите беа разделени на верниците. Верниот народ кој се подготвувал со пост и молитва пристапи кон светиот Путир причестувајќи се со светите Христови Тајни. Кон нив Владиката се обрати со поучно слово кое во целост ви го пренесуваме.
best Running shoes brand | Sneakers
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух.
Драги браќа и сестри,
Светата Православна црква денеска го прославува празникот на Божјото торжество. На денешен ден целиот Ерусалим бил во движење. Народот брзал да го пресретне Христа, Кој доаѓал во Ерусалим (Мат. 21, 10). Луѓето ги постилале своите облеки по патот, сечеле зелени гранчиња од разни дрва и ги фрлале на патот каде требало да помине Христос и воскликнувале: „Осана на Синот Давидов! Благословен е Оној кој доаѓа во името на Господа“ (Мат. 21, 9). Настанала некоја извонредна радост. Се вели дека цел народ Ерусалимски разбрал за Христа Бога Кој правел многу чуда, воскреснувал мртви, лекувал разни болести - народот ликувал.
Има моменти на такво озарување - духовно просветлување кај секој еден од нас. Во таква состојба остануваат многу нешта извонредно јасни, па и Божјата суштина и безмртноста на човечката душа. Тогаш постануваат многу јасни учители на човекот сите Божји созданија, видливиот и невидливиот свет, мудроста и законитоста во сė, човечките успеси и непријатности, радостите или тагите, чесноста и нечесноста, сето тоа и слично на нив постанува кристално јасно на духот човечки. На темниот небесен свод на нашето знаење, што честопати го засолнуваат разни облаци на животните суети и меланхолични грижи, - настапуава друго просветлување и луѓето пеат Осана.
Ерусалимскиот народ денеска радосно му воскликнува на Христа „Осана! Благословен е Оној Кој доаѓа во името Господово, Царот Израилев“> (Јов. 12, 13). Истите тие луѓе само по неколку дена ќе викаат на Христа: „Распни Го, распни Го“ (Јов. 19, 6 и 15). Нешто слично, за жал, се случува и со нас. Се менува брзо нашето расположение, а со тоа се изгубува и просветувањето. Ерусалимјаните скоро и го заборавиле радосното „Осана“ и почнале да бараат смрт на Невиниот. Уште се слушале воскликнувањата на радосниот поздрав „Осана“ а Јуда размислува да го предаде Христа...
Со своите гревови и беззаконија, неправдите, нечистотијата, луѓето повторно го изневеруваат Бога и бараат Негови нови страдања и Негово ново распнување.
Собирајќи се денеска во овој свет манастир со вера, срце и душа да го прославиме Оној што доаѓа на доброволно страдање, Божествениот Агнец - Јагнето, да паметиме дека во нашите срца живее „Осана“, да му дадеме можност да се развива таа состојба за слава на Бога и за наше спасение. Кога ќе не снајде или притисне некоја злоба, раздразнување, завист, маловерие, или униние - лошо расположение, безволност, да се потсетиме дека во Христа е нашето просветување и вразумување.
Празникот на влегувањето на Господа Исуса Христа во Ерусалим - тоа е празник на торжеството и радоста, но тоа е и почеток на страдањата Господови. Почеток на тоа големо недоразбирање на човечкиот род. Невина жртва постанал Господ Исус Христос. Жителите на Ерусалим сакале во Него да видат земен цар и владетел, а Неговото царство и владеење е безконечно, во сите времиња и во сите векови, за сите народи и за сите поколенија. Тие сакале да видат во Него ослободител на Израилот, а Он дошол да го ослободи целиот свет од гревот и смртта. Он Самиот е вечност. Он патува низ вековите, прави големи и божествени дела. Блажен е тој човек кој го постигнува тоа и се насладува со Христовите дарови. Тешко на оној кој не го прима тоа, кој е далеку од тоа и сам себе се прави ништожен.
Детската невиност укажува на она зашто Христос говорел: „На таквите е царството небесно“ (Мат. 19, 14). Тој ги восхитувал со Неговата божествена убавина и тие му вознесувале искрена пофалба: „Осана на Синот Давидов“ (Мат. 21, 15). Да бидеме слични на децата без злоба и пакост, со отворени срца и души да го примиме Христа, и денеска, и утре, и секогаш.
Драги христијани, да ги поминеме со смиреност, и скрушеност заедно со Христа, овие страдални денови што настапуваат, и сите жалосни настани. Да сострадуваме со Христа на Неговиот крсен пат. Да допуштиме да земат учество во тоа и нашиот ум, и нашето срце, и нашата душа. Бидејќи страдањето, распнувањето, умирањето со Христа задолжително нė води кон воскресение со Него. Амин!
28.03.2010 година, Цветници, Манастир Пречиста - Кичево
Митрополит Тимотеј