На третата недела после Пасха, која уште се нарекува Недела на жените Мироносици, во црквата „Св. Жени Мироносици“ која се наоѓа кај градските гробишта во Струга се служеше света Литургија. Со божествената Литургија чиноначалствуваше надлежниот Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј во сослужение на: архимандрит Нектариј, протојереј-ставрофор Илија Танаскоски, протојереј-ставрофор Тоди Јован (Албанска православна црква), протојереј Темелко Донески, протојереј Митре Попоски и ѓаконите Николче Ѓурѓиноски и Васко Голабоски. Кон верниците Владиката се обрати со поучно слово кое во целост ви го пренесуваме.
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Христос Воскресе!
Драги браќа и сестри,
Нашиот Господ Исус Христос покрај тоа што имал 12 верни ученици, кои светата православна црква ги нарекува апостоли, и други 70 следбеници, но, исто така, тој имал и жени кои го следеле во Неговото учење и му помагале во проповедта за Царството Божјо. Денешниот ден е посветен токму на тие жени мироносици, за нивното молитвено спомнување, односно во нивни свет спомен.
Овој празник го добил своето име според жените мироносици, затоа што тие први пристигнале кон гробот Господов и со миро сакале да го помазаат Телото на Господа Исуса Христа. Тие преку тоа ја покажале нивната вера, нивната љубов кон Господа. Овие жени биле сведоци на смртта на Христа Спасителот, и проповедници на Неговото Воскресение. Овие жени пристапувајќи кон местото на погребението на Христа, каменот од гробот го нашле тргнат, стражарите од страв се разбегале и го виделе ангелот кој им јавил за воскресението на Господа а потоа и самиот Господ Исус Воскреснатиот велејќи им: „Радувајте се“ (Мт. 28, 9).
Колкава голема награда примаат светите жени мироносици за нивниот труд и љубов! Жените мироносици во длабокото душевно жалење, заборавајќи на Спасителовото ветување дека за три дена ќе воскресне, доаѓаат на гробот да го помазат телото со скапоцени мириси, а го наоѓаат Воскреснатиот и први ја примиле радосната вест за воскресението Христово.
Светата црква го почитува споменот на жените мироносици и им дава должна почит и похвала на нивната вера, силната љубов и предаденост на Господа. Сите знаеме дека од друга страна Него го следела зависта, пакоста на првосвештениците, книжниците и старешините јудејски. Преку примерот на жените мироносици Црквата нé учи на искрена вера, на силна љубов и неискажлива преданост на Господа Исуса Христа во продолжетокот на целокупниот наш живот. Од нас Црквата бара со своето учење во секоја прилика што нé снаоѓа во нашиот живот: во моменти на жалости и веселби, во богатство и сиромаштво, во здравје и болести, во тишини и во животни душевни бури, да ја посведочуваме нашата вера во Воскреснатиот Господ Исус Христос.
Личноста која живее според принципите на светото Евангелие на христијаните, тоа е вистинското миро за Господа. Он секогаш богато ги наградувал оние кај кои наоѓал вера.„Верата твоја те спаси, оди си со мир“ или „нека ти биде според твојата вера“ или пак „сé што барате во молитвата со вера ќе ви се даде“ зборува Христос на оние што верувале во Него.
Драги браќа и сестри да допуштиме нашата вера нека биде жива во Господа во овој свет. Секој ден да Му принесувате на Него на дар миро на верата, тоа значи да ги исповедуваме нашите гревови, да се оддалечуваме од делата на темнината и да правиме повеќе добри дела. Верата со покајанието нé оправдува и ќе нé покаже како заедничариме во вечната слава. Со верата христијаните се соединуваат и се надеваат на милосрдието Божјо, на неговото промислување за сите животни грижи за секој поединечно и за сите луѓе воопшто. Со надеж соединувајќи ги љубовта и добрите дела, живејте во добродетелен и свет живот и во страв Божји и тогаш ќе го видиш Бога. Удостојувајќи се на милоста Божја, биди и самиот милостив и сето тоа ќе биде твое добромирисливо миро на Бога.
Љубов кон Бога и кон луѓето, мирот, верата и живеење според верата - тоа е мирото за телото на Господа. Почитувани верници ако сакаме подобро да разбереме и научиме треба да знаеме дека христијаните се Телото Негово „Црквата е тело Негово“ вели апостол Павле. Тогаш каде се наоѓа нашето миро? Да го принесеме тоа миро кон помалите наши браќа во Христа како кон самиот Господ и да одиме со нив. Засега треба ние христијаните со секое наше делување со нашите усти да го исповедаме Господа и тој сигурно ќе го прими тоа духовно миро во наднебесниот и мислениот свој жртвеник и како духовен мирис ќе ни ја испрати благодатта од Светиот Дух и ќе нé прими во вечност во Неговото царство.
Да се обратиме кон светите жени мироносици со нивните молитви да бидат наши молитвеници со нивната непоколеблива вера да ја зацврстат нашата колебливост и маловерие со нивната цврстина да ја укрепат нашата слабост, со нивниот подвиг да предизвикаат и кај нас поголема ревност за следење и проповедање и живеење на нашата вера во воскреснатиот Господ Исус Христос. Нека воскресне Господ во секоја христијанска душа и да го сведочиме на секое место како вистнски Бог и Спасител на човечкиот род. Амин.