„Сите набожно да ја воспееме сечесна Параскева, светата застапница на оние кои се во неволји, зашто таа го остави гнилежниот живот, и прими негнилежен за вечноста; затоа, по Божја заповед, најде слава и благодат да прави чудеса“ (кондак на Утрена на празникот на преп. мајка Параскева - света Петка).

 

На 27.10.2022 година, на празникот на преподобната мајка Параскева - света Петка, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Сашо Богданоски, Димче Ѓорѓиески и Игор Никовски, свештеникот Горан Ставрески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто ви ја пренесуваме во целост.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри!


„Приближете се кон Бога и Тој ќе се приближи кон вас" (Јк. 4, 8).


Нашите прародители биле создадени како круна на целото создание. Затоа биле поставени во Рајот и сѐ создадено им било потчинето. Тие владееле со сѐ. Но, Бог им дал само една заповед: Да не јадат од дрвото на познанието. Но, како што знаеме тие не го почитувале тоа. Преку оваа непослушност спечалиле да бидат избркани од Рајската градина. Како плата за гревот добиле смрт. Преку ова оддалечување од Бога со мисли, зборови и дела, злото почнало да се умножува сѐ повеќе и да се шири како тешка духовна и морална болест. Така, вртејќи Му грб на Бога, луѓето често пати низ историјата, па и денес, бараат други богови, независно дали тоа се луѓе, предмети или нереални идеи. Така, вистинската вера се заменува со идолопоклонство или суеверие. Затоа апостолот Јаков повикува: „Приближете се кон Бога и Тој ќе се приближи кон вас" (Јк. 4, 8). Се поставува прашањето: На кој начин? Тоа го правиме на три начина: со мисли, зборови и дела. Во Светото Писмо често пати се повторуваат зборовите на нашиот Спасител Господ Исус Христос: „Дојдете кај Мене" (Мт. 11, 28). Дојдете, независно какви бремиња, тешкотии, маки и гревови носите со себе. Дојдете, вие кои сте навредени, понижени, отфрлени, запоставени. Бог сите ќе ве прифати, ако се покаете и ако искрено Му пристапите. И целиот свет да ве отфрли од себе, Бог никогаш нема да се откаже од вас. Бог ќе ви се смилува. Бог е Отец на сите луѓе независно од пол, возраст, положба и образование. Тој ги прима сите подеднакво и им вели: „Дојдете кај Мене". Потребно е ние како христијани да ја слушнеме пораката на апостолот: „Приближете се кон Бога и Тој ќе се приближи кон вас" (Јк. 4, 8).


Честопати ние се чувствуваме оптоварени и тогаш ги разбираме Христовите зборови: „Дојдете кај Мене сите изморени и обременети Јас ќе ве успокојам" (Мт. 11, 28). Има многу луѓе кои ова не можат да го разберат. Така е, зашто не поминале низ разни тегоби и искушенија. Повозрасни луѓе кои поминале низ разни опасности, жалости потешкотии, несреќи и маки, добро сфаќаат за што се работи овде. После сето тоа што го оптоварува човекот, на крај тој очекува само да се одмори и да отфрли од себе секаков терет, ослободувајќи се од него. Единствено Христос може да ни даде ослободување. Никој друг не може. Сѐ друго што доаѓа е од човекот. Тоа може да ни помогне во одредена мера. На пример, ако отидеме кај близок човек и ги искажеме нашите маки и страдања, преку тоа може донекаде да ни олесни. Може да најдеме делумен спокој. Но, тоа нема длабоко значење во нашето битие. Само Христос може да даде вистински мир во нашата душа, зашто само Тој е вистински покој на нашите души.


Така ние се молиме и во ектенијата: „Самите себе, еден друг, и сиот свој живот на Христа Бога да го предадеме". Тоа значи да Му ја предадеме сета тежина. Не се вели: „јас", туку сите ние да ги предадеме сите свои грижи на Христа. Сето тоа е голема тајна. Ако тоа не го разбереме, нема да може да го издржиме теретот што го носиме и ќе потклекнуваме со умот. Дури и современата психологија советува дека треба да разоткриеме сѐ што нѐ мачи за да ги запознаеме нашите духовни рани. Тоа значи дека треба да ги поделиме нашите маки со некој друг и на тој начин да го отфрлиме од себе она што нѐ мачи и ја оптоварува нашата душа. Треба да се предадеме во рацете на Бога, преку молитва и исповед. Да Му признаеме сѐ на Бога не задржувајќи ништо во себе. Тогаш целиот наш товар се симнува од нашите плеќи. Како што вели еден современ светогорски подвижник: „Отфрлете ја таа вреќа, полна со секакви нечистотии и непотребни нешта од вашите плеќи".


Таков живот водела и света Параскева – Петка. Таа ги предала сите грижи на Бога. Затоа Бог ја прославил уште на земјата, а многу повеќе и во вечноста. Таа и денеска со благодатта Божја лекува секакви немоќи во црквата на светите Тројца Ерарси во Јаш, каде што почиваат нејзините свети мошти. Да се обратиме со молитва за таа да нѐ просветли и утврди во вистинската вера. И ние да ги отфрлиме од себе сите маки и страдања и да Му ги предадеме на Христа Бога. Така ќе се приближиме до Него и ќе спечалиме вечен и блажен живот. Амин!


Света Параскева Епиватска - Петковден
Храм „Свети Георгиј Победоносец", Охрид
27.10.2022 год.

 

petkovden2022 1petkovden2022 2petkovden2022 3petkovden2022 4petkovden2022 5petkovden2022 6petkovden2022 7petkovden2022 8petkovden2022 9petkovden2022 10petkovden2022 11petkovden2022 12petkovden2022 13petkovden2022 14petkovden2022 15petkovden2022 16petkovden2022 17 

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Декември 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 1 2 3 4 5 6
7 8 9 10 11 12 13
14 15 16 17 18 19 20
21 22 23 24 25 26 27
28 29 30 31 1 2 3