„Господи, мртов си се нарекол Ти, Кој смртта си ја умртвил; во гроб си се положил Ти, Којшто гробовите си ги испразнил; горе, гробот го чуваа војници, а долу, си ги воскреснал умрените со векови. Сесилен и недостижен Господи, слава Ти“ (седален во Недела на утрена, глас 5-ти).

 

На 13.11.2022 година, во Дваесет и втората недела по Педесетница, и на празникот на св. апостоли Стахиј, Амплиј, Урван, Наркис, Апелиј и Аристовул, во храмот „Успение на Пресвета Богородица - Каменско“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на архимандритот Васијан (Змеев) од Руската православна црква (настојател на Руското подворје во Софија, Р. Бугарија), протоерејот-ставрофор Никола Христоски, свештениците Ѓорѓи Блажевски и Љупчо Бакрачески, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниот народ со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме. 

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,

Анализирајќи го светот и случувањата во него, многумина заклучувале: ништо во овој свет не е вечно, сѐ се менува, сѐ поминува, па затоа старите мудреци мудрувале, сѐ тече се сѐ менува, или познато кај старите грци како panta rei.


Човекот се раѓа, живее и умира и поминува. Кога се раѓа ништо со себе не донесува, а кога ќе умре пак, ништо со себе не однесува. Уште старозаветниот праведник Јов укажува на тоа: гол излегов од утробата на мајка ми, гол и ќе се вратам (Јов 1, 21). Ако е тоа така, дека ништо нема вечно, се поставува прашањето дали има смисол овој напатен живот и дали има своја цел? И дали ни е целиот живот една бесмислица, како што вели друг старозаветен мудрец: суета над суетите, сѐ е суета (Проп. 1, 2).


Ние во денешното евангелско четиво, го добиваме одговорот на овие прашања. Некој човек бил богат, се облекувал во свила и порфир, приредувал богати гозби со песни и ора го поминувал својот живот во раскош и богатство, додека пак во исто време живеел и еден сиромав и беден Лазар, кој бил желен и од ронките што паѓаат од трпезата на богатиот да се нахрани, но и тоа му било скратувано и бил лижен од страна на кучињата, кои му ги ублажувале раните на телото.


Ние тука гледаме потполни спротивности. Еден богат, друг сиромав, еден во свила и порфир, друг во просјачка облека, еден здрав, а другиот болен, едниот во мириси, другиот во рани и смрдеа. Богатиот без име, а сиромавиот со име Лазар, но параболата не завршува со тоа, туку продолжува. Кога умира Лазар, ангелите ја носат неговата душа во прегратките на Авраама, а кога умира пак богатиот, го закопуваат и он во мака и пеколни огнови го гледа Лазара во прегратката на Авраама. И тогаш се обраќа кон Авраама да се смилува над него, да го пушти Лазара да ги натопи своите прсти во вода, за да му ги ублажи страшните маки од огнот. Добива одговор дека, тој својот дел на уживање и благодет го исползувал тука на земјата, додека пак Лазар се мачел, но затоа сега добива вечна радост во прегратките на Авраама, а и покрај тоа помеѓу нив постои огромна провалија, така да Лазар и не може да му направи таква добрина, бидејќи Лазар е сега, како што вели апостол Павле (1Кор. 2-9).


Какви се овие две спротивности? Рајот и пеколот. Какви антиподи? Безумен богаташ и сиромав Лазар. Оваа вистина за рајот и пеколот дава смисла на нашиот овоземен живот. Без неа, животот би бил бесмислица, а крај на човекот во гроб, во смрдеа, ништавност и тоа вечна. Со оваа вистина пак, човекот е вечно битие, малку помало од ангелите. Сета радост и сета жалост во животот, сета слава и понижување, сето богатство и сето сиромаштво, сиот човечки живот оваа вистина ја осмислува. Да го погледнеме сиромавиот Лазар. Тој трпеливо и без роптање ја поднесува својата судбина. Молчи и стрпливо чека. Да не е вечниот живот, во кој царува Божјата правда, дали животот на Лазара би имал своја смисла? Или кога веќе е роден, и спаднал на мртовец, не би ли било подобро да ја прекрати таа мака? Што ќе му е таков живот? Ако нема рај и пекол, т.е. ако го нема Бога, ако нема душа, ако нема вечен живот во кој треба да биде правдата задоволена.


Живот без Бога, без душа, без вечност, без рај и пекол е бесмислен. Колку сиромаси Лазари има и денес и ќе ги има до свршетокот на светот? Дали можат нивните маки и страдања да се замислат без вера во задгробниот живот? Не, да не се лажеме! Вистинскиот збор е за секое достоинство напишано во книгата Божја – кој претрпи до крај, ќе биде спасен (Мт. 10, 22). Или како што вели народната милост трпен – спасен. Лазар претрпел до крај и бил спасен за сета вечност. Има и Бог, и душа и вечен живот, и рај и пекол, како што има ден и ноќ, светлина и мрак.


Животот на земјата е даден на човекот, со својата слободна волја, да се определи за вечност. Преку својата вера и своите дела, или ќе се спаси или ќе се осуди за вечност. Значи овој живот на земјата ни е даден само за припремање за вечноста. Лазар се припремал за рај, а богатиот за пекол. Лазар знае за Бога, за душа, за опростување и трпение. Затоа и Бог, го знаел неговото име и го забележал во книгата на вечниот живот како сиромавиот Лазар. Безумниот богаташ не сакал да знае ни за Бога ни за душа, ни за сожалување ни за љубов ни за милост. Затоа и него Бог не го знае, ниту неговото име го запишал во книгата на вечноста, туку го остава без име во вечноста, богат, кој чека капка вода во океан на огнот кој гори со сулфур.


Човекот не е сламка помеѓу ветровите кои се подигруваат во овој свет, туку е создание Божјо. Малку помало од ангелите (Пс. 8, 5), а создаден за вечност. Само од човекот зависи како ќе се подготви за вечност во овој минлив свет, во кој изгледа дека сѐ тече и сѐ се менува. Затоа ние христијаните непрестајно го молиме Бога, да не поддржи во светлоста на разумот, па овој век кој ни е даден од Бога, да го поминеме во вера, надеж и љубов, во простување и милосрдие, па и нашите имиња да бидат запишани од Бога, како името на сиромавиот Лазар, па заедно со праведниците да го славиме Триединиот Бог, Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и во сета вечност. Амин

22 недела по Педесетница
храм „Успение на Пр. Богородица Каменско“ Охрид
13.11.2022 г.

 

22nedpoped2022 122nedpoped2022 222nedpoped2022 322nedpoped2022 422nedpoped2022 522nedpoped2022 622nedpoped2022 722nedpoped2022 822nedpoped2022 922nedpoped2022 1022nedpoped2022 11

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Април 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
30 31 1 2 3 4 5
6 7 8 9 10 11 12
13 14 15 16 17 18 19
20 21 22 23 24 25 26
27 28 29 30 1 2 3