На 12.03.2023 година, во Втората недела од Великиот пост - Недела на св. Григориј Палама, и на празникот на св. мч. Агатангел Битолски, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во капелата во Митрополитската резиденција во Охрид, изговори пригодна беседа, упатена кон сите верни чеда, а истата Ви ја пренесуваме во целост.

 

Митрополит Тимотеј


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,

Денешното евангелие во Втората недела од Велигденскиот пост ни изнесува една историја, која не може ниеден човек кој трезвено размислува да го остави рамнодушен. Евангелието ни раскажува како Господ Исус Христос го излекувал парализираниот човек (Мар. 2, 1-12). Имено, блиските на парализираниот не можеле од насобраниот народ да го донесат овој јаден човек пред Господа Христа во куќата каде што се наоѓал. Тогаш го откриле кровот на куќата и го спуштиле во собата каде што бил Господ. Треба да знаеме дека во Палестина и воопшто на Исток куќите се покриваат многу едноставно и не се како кај нас со бетонски плочи и сл. Како што се вели во Евангелието според Марко, Господ кога ја видел верата на тие луѓе, му рекол на парализираниот: Синко, ти се простуваат гревовите твои (Мк. 2, 5).


Штом ги слушнале фарисеите и книжниците кои се наоѓале во толпата на народот и со внимание го слушале Спасителот овие зборови, имајќи желба да Го обвинат, веднаш помислиле како може човек да проштева гревови? Исус Христос сознавајќи преку Својот дух што помислуваат книжниците во себе им вели: Што е полесно да му кажам на фатениот: ‘ти се простуваат гревовите’, или да речам: ‘Стани, земи ја постелата своја и оди’? Но, оние кои така мислеле биле лицемери, нивните зборови имале многу мало значење, бидејќи зад нив не стоеле дела. Токму кон нив се обраќа Господ со претходно кажаните зборови. Тие би ги изговориле зборовите, но никој не можел да го излекува раслабениот или парализираниот. И понатака Спасителот продолжува: Но, за да знаете дека Синот Човечки има власт на земјата да ги простува гревовите – му рече на фатениот – „Тебе ти велам: стани, земи ја постелката своја и оди си дома!“. За восхитување и радост на сите кои го опкружувале парализираниот, тој станал, си ја зел постелата и излегол од собата. И се восхитувал народот и навистина многумина виделе дека пред нив има вистински Месија, Спасител и Син Божји.


Оваа потресна историја сведочи за големата сила Господова пројавена во Исуса Христа, а истата има уште поголемо значење за современиот човек. Кога ќе нѐ снајдат разни болести, особено оние потешки, ние бараме најдобри лекари, купуваме најефикасни лекарства и се трудиме да се излекуваме.


Но, гревот, кој е болест и на душата и на телото, може да го излекува само Бог. Кога вие би знаеле дека Синот човечки има власт... да проштева гревови. Јас му велам на тој човек стани, земи си ја постелата и оди си. Овие зборови се однесуваат на секој од нас, за да нема кај никого сомневање Кој ги проштева гревовите. Кој може да ја очисти душата, кој може да го ослободи нашето сознание од совеста која нѐ оптоварува? А помнењето на нашите гревови не ни дава спокој и постојано нѐ враќа на тие спомени и прегрешенија. Ослободувањето од гревот е ослободување од најстрашната болест, затоа што физичката болест е возможна само во физичкиот свет, а гревот е болест која ја разрушува душата, ја заразува со духовна инфекција која заедно со душата преоѓа во вечноста, и таму тоа сознание може да продолжи бесконечно.


Ние сме должни да знаеме и паметиме дека само Господ проштева гревови. Он може да ни ги прости нашите прегрешенија, некогаш многу големи, трагични, грешки кои одат во пределите на личното, семејното, а можат да имаат способност да вовлечат во бездни на страдање и цели народи.


Верата кај нашиот народ секогаш била силна и непоколеблива низ долготрајната историја, а особено во времето на турското ропство. Таа била силна и за време на буни, побуни и востанија, но секогаш со надеж дека Господ ќе се смилува и ќе нѐ избави поради нашата силна вера. Денеска треба да запомниме дека Господ Исус Христос се смилувал и го излекувал овој страдалник токму поради верата на неговите блиски. Па и ние да покажеме силна и непоколеблива вера, онаква каква што покажале луѓето кои го носеле парализираниот, па Он да ги излекува сите наши маки, страдања и недоумици. Амин!

Втора недела од Велигденскиот пост
Капела во Митрополитска резиденција
12.03.2023 г.

Fotogalerija

galerija

Izdava{tvo

izdavastvo

Crkoven kalendar

Март 2015
Пон Вто Сре Чет Пет Саб Нед
23 24 25 26 27 28 1
2 3 4 5 6 7 8
9 10 11 12 13 14 15
16 17 18 19 20 21 22
23 24 25 26 27 28 29
30 31 1 2 3 4 5